Коблер: Никогаш не сте биле поблиску до ЕУ од сега

53
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Јасната европска перспектива на регионот на Западен Балкан и на Македонија останува врвен приоритет на австриското претседателство со ЕУ. Македонија никогаш не била поблиску до Унијата отколку сега и затоа треба да остане на реформскиот пат, а Австрија ќе биде нејзин силен поддржувач на тој пат, порача амбасадорката на Австрија во Македонија Ренате Коблер, претставувајќи ги приоритетите на австриското претседателство со ЕУ пред собраниската комисија за европски прашања откако Австрија завчера го презеде шестмесечното претседавање од Бугарија.
Македонија, како што рече амбасадорката, имаше извонредни постигнувања во реформските напори изминатата година, постигнувања од, како што истакна, историски размери во договорите за добрососедство со Бугарија и за името со Грција што, според неа, соодветно е одразено во неодамнешниот заклучок на Советот на Европската Унија.

– Никогаш не сте биле поблиску до ЕУ од сега. Вашата земја има многу работа. Има јасен датум за вас, многу работа пред вас, ајде заеднички да го сработиме тоа – рече Коблер.
Таа додаде дека како австриско претседателство ќе работат на постигнување конкретни резултати во приближувањето на земјите од Западен Балкан кон ЕУ и ќе ја продолжат добрата работа од софискиот самит.
Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи истакна дека Австрија е силен поддржувач на земјите од регионот и на Македонија во остварувањето на нивните стратегиски цели да станат дел од ЕУ.
– Тоа за нас претставува поттик да продолжиме со позитивниот реформски моментум, политичкиот дуел и заедно да го изодиме патот до почеток на преговорите – рече Османи.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ Томислав Тунтев истакна дека на претстојните реформски задачи ќе се работи со силно темпо и добра волја не само заради исполнување на целта за членство во ЕУ, туку и за доброто на граѓаните.
– Од Австрија како претседавач очекуваме да обезбеди реална евалуација на реформите што ќе ги спроведеме, на напредокот што го обезбедивме и на сѐ што ќе реализираме во наредниот период – порача Тунтев.

Претседателот на Комисијата за европски прашања, Артан Груби, истакна дека пратениците од опозицијата иако претходно потврдиле дека ќе присуствуваат на оваа седница, во последен момент информирале дека тоа нема да го направат. Груби верува дека во идниот период опозицијата ќе се приклучи во остварувањето на задачите што стојат пред земјата.
Австриската амбасадорка Коблер додаде дека шестмесечното претседавање на Австрија со ЕУ доаѓа во чувствителен момент поради брегзит, мигрантската криза, изборите што треба да се одржат наредната година… Таа истакна дека приоритетните области на кои ќе се фокусираат како претседателство се безбедноста во Европа, обезбедувањето просперитет и конкурентност, како и стабилност во европското соседство со перспективи за членство на земјите од Западен Балкан во Европската Унија.