Коалицијата СДСМ-Беса претендира да освои најмногу мандати во шестата изборна единица

297

Со чесна и одговорна понуда победничката коалиција СДСМ-Беса претендира да освои најмногу мандати во 6-та изборна единица која е генерално мерило за легитимитетот пренесен од гласачите Албанци, изјави генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски, по денешната средба со генералниот секретар на Беса, Арјанит Хоџа.

Тој кажа дека за очекување е дека оваа коалиција ќе победи и во сите останати 5 изборни единици.

Според Николовски, првата предизборна коалиција меѓу македонска и албанска политичка партија е логично продолжување на сите досегашни политики и заложби за напуштање на концептот на поделби по етничките кампуси за сметка на создавање цврсти темели на новата политичка платформа на СДСМ за градење „едно општество за сите“.

– Убедени сме дека оваа храброст, оваа визија на Движењето Беса ќе биде наградено од гласачите поради храброста и вербата во вистинско граѓанско обединување, нешто што за првпат се случува во историјата. Со заокружена програмска и кадровска понуда која ќе биде рефлексија на мултиетничкото општество, ќе промовираме модел на разбирање на различностите, на различните потреби, но и соработка врз принципите и вредностите на меѓусебната почит – рече тој.

Хоџа ги повика сите, посебно Албанците заради Беса, масовно да ја поддржат нивната мултиетничка коалиција.

– Со секое наше ново среќавање сме уште посигурни дека ова е победничка коалиција и ќе даде нов квалитет во односите меѓу поголемите заедници Македонците и Албанците, како и другите етнички заедници во нашето општество – рече тој.

Според Хоџа, никогаш порано правата на Албанците не биле позаштитени и со поголеми гаранции.

– Поставуваме нови стандарди во политичкиот плурализам, го унапредуваме нивото на демократија во нашето општество. Затоа оваа коалиција е најголема и победничка, затоа на 12 април граѓаните ќе потврдат дека ние сме на вистински пат – рече Хоџа.