Клучна средба во Њујорк, Владата останува да предлогот

2254

Шефовите на дипломатиите на Македонија и Грција во четврток и петок ќе имаат нова средба со медијаторот на Обединетите нации, Метју Нимиц, која ќе се одржи во Њујорк, откако викендов премиерот Зоран Заев по лидерската средба го обелодени предлогот за кој било разговарано на преговорите во Софија, Република Илинденска Македонија. 

Средбата е од исклучителна важност, многумина ја сметаат како клучна, со оглед на тоа дека по обновените преговорите за 25-годишниот спор, премиерите на двете земји за време на втората тет-а-тет средба прв пат дошле до некое решение кое би можело да биде прифатливо за двете страни.

Заев лидерка Илинден

Но сепак кусо откако Заев го кажа и образложи предлогот, кабинетот на Ципрас излезе со став дека грчката страна бара временска или географска одредница. 

Македонската Влада вчера излезе со став дека Република Илинденска Македонија всушност ги исполнува условите за временска одредница, иако многумина велат дека „илинденска“ е всушност историска одредница, во која дел од опозициските партии во Грција пронајдоа иредентизам.  

– Република Илинденска Македонија е име со временска одредница кое се повикува на конкретни датуми од минатото и е реална можност за компромис кој ги задоволува двете страни. Очекуваме дека предлогот ќе биде разбран и ќе најде поширока поддршка во Атина, се вели во соопштението на македонската Влада.

– Со ова име, правиме целосно разграничување со регионот Македонија во Грција. Разграничување од секој аспект. Илинденското востание е заедничка борба на нашиот мултиетнички народ за социјални права и слободи. И нема никакви територијални аспирации према ниту една соседна земја, вклучително и Грција. Тоа е истата борба, и во 1903 и во 1944 година, се додава во соопштението на Владата.

Шеќеринска изјава

За името вчера се огласи и  вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, која посочи дека наша цел да најдеме решение коешто ќе биде позитивно и за Македонија и за Грција и оти тоа е постигнато со овој предлог пакет.

Нагласи дека Република Илинденска Македонија претставува одлична база за решение, заради тоа што, таа подразбира временска одредница, се поклопува со важни датуми од историјата и покажува дека Република Македонија ниту имала, ниту ќе има територијални претензии.

Според грчките медиуми оваа средба на Димитров и Коѕијас со Нимиц е од исклучиво значење и клучна за текот на преговорите. 

Горна и Нова Македонија како можни варијанти за решение, повторно се враќаат на маса, според грчките медиуми откако официјална Атина, вчера индиректно го отфрли името „Република Илинденска Македонија“ и додаде дека треба да се најде заемно прифатливо решение со географска или временска одредница, како што предвидува пакетот предлози на Нимиц.

– Според информациите, Грција се чини дека бара излез во други опции, а конкретно, силното „не“ турка кон почетните предлози што беа доставени, особено Горна Македонија и Нова Македонија, без превод и секако за севкупна употреба. Секако, некои потенцираат дека временската одредница (Нова) можеби има повеќе шанси, пишува онлајн изданието на грчкиот весник „Та неа“ и коментира дека и овие две имиња имаат „исто така имаат негативна тежина“, но во споредба со „Илинден“ полесно би се нашол заеднички јазик со партиите од опозицијата.

За спорот со името Ципрас прексиноќа телефонски разговараше и со американскиот потпретседател Мајкл Пенс.

Ципрас

Според соопштението на Белата куќа, Пенс „му се заблагодарил на Ципрас за покажаното лидерство, заедно со она на македонскиот премиер Зоран Заев, во нивниот обид да го решат деценискиот спор за името на Македонија“.

Пенс го охрабрил Ципрас да продолжи да работи со Заев за взаемно прифатливо решение. 

Коѕијас, пак утре ја почнува посетата на САД во рамките на која ќе се сретне со американски државен секретар, Мајк Помпео, со советникот за национална безбедност, Џон Болтон и со генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.

Според грчките медиуми, преговорите за името ќе бидат една од темите на агендата разговори на средбите на Никос Коѕијас.

Никос Коѕијас

Тој ќе има средби и со помошниот државен секретар Вес Мичел, како и со советникот за национална безбедност на САД, Џон Болтон.

Весникот „Елефтерос типос“ пишува дека Коѕијас започнува маратонски дипломатски активности во траење од речиси две седмици. Од САД, тој, според весникот, ќе замине за Брисел, а оттаму за Германија.