Каскањето со реформите може да го одложи нашиот влез во НАТО и во ЕУ

488
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Јавната администрација, правосудниот систем, безбедносно-разузнавачките служби и борбата против организираниот криминал и корупцијата се областите што се во фокусот на реформите содржани во владиниот план 18 за приближување кон ЕУ. Планот 18 е продолжение на реформите што беа спроведувани со планот 3-6-9.

Експертите велат дека реформите за средување на овие области од државниот апарат што постојано се критикуваат од страна на Брисел, а се наш услов за влез во евроатлантските институции покрај договорот со Грција, одат бавно и болно. Тие се согласни дека доколку не сакаме да се одложи нашиот влез во НАТО годинава, а подоцна и добивањето на датумот за преговори со ЕУ, мора да се спроведат за да се постигнат стандардите на овие две евроатлантски организации. На само четири месеци пред објавувањето на извештајот на Европската комисија, од кој ќе зависи одлуката на Советот на ЕУ во јуни дали земјава ќе добие датум за преговори, познавачите на состојбите во Унијата од земјава велат дека бавното спроведување на реформите, можно е да доведе до одолжување на нашето полноправно членство во НАТО, а подоцна и на добивањето на датумот за почеток на преговорите. Тие се едногласни дека усогласувањата што треба да ги сториме во пресрет на интеграциите со ЕУ се од наша полза, без оглед на тоа кога и како ќе станеме членки на Унијата и на НАТО. До април кога впрочем го очекуваме европскиот извештај ни останува многу работа, смета Лазар Лазаров познавач на состојбите во ЕУ. Тој како важни меѓу другите ги набројува и измените во Законот за судовите и во статутот на Управата за безбедност и контраразузнавање.

– Иако сѐ уште е рано и убеден сум во намерата на актуелната власт дека прави сѐ, како што вели јавно, да се стигнат сите рокови дадени од Брисел околу реформскиот план, сепак недостига некој прелиминарен пресек до каде е исполнувањето на сите овие активности. Иако Владата пред неколку месеци го објави планот за реформите, сѐ уште немаме увид и преставување до каде е степенот на реализацијата на активностите и што се предвидува да се сработи во периодот што претстои – вели Лазаров. Професорот по меѓународно право Лазаров додава дека процесот на средување е долг, но оти мора да се реши се согласува и политикологот Димитар Димов. Тој објаснува дека на земјата ѝ треба мала, ефикасна и стручна администрација, а периодот до влезот во ЕУ и во НАТО треба да се искористи да се направат сериозни чекори за промена во администрацијата.

– Моето мислење е дека администрацијата не е доволно способна, особено кога станува збор за спроведување крупни проекти, како капиталните инвестиции, а поради недоволно познавање на проблемот слабо оди и искористеноста на европските фондови. Проблемот со вработување по партиски критериуми гледаме дека сѐ уште е активен и наместо да има напредување на вработените според заслугите, сѐ оди по партиска линија, а тоа се тешки реформи со кои треба да се соочиме и се болни, но полека треба да се подобриме на тоа поле за да не биде предоцна за целата држава кога ќе го добие најновиот извештај за напредок од ЕК – вели Димов. Во меѓувреме додека премиерот Зоран Заев речиси во секоја јавна изјава нагласува дека прават сè за да се постигнат стандардите на Европската Унија, како што се владеењето на правото, борбата против корупцијата и професионална јавна администрација како сервис за граѓаните, од Австрија, земја-членка на ЕУ, пристигнуваат загрижувачки пораки дека сѐ потешко може да се убедат Холандија и Франција за проширување на ЕУ. Имено, австриската министерка за надворешни работи Карин Кнајсл посочи дека, и покрај заморот од проширување присутен во Франција и Холандија, Југоисточна Европа не треба да биде оставена настрана во вакуумот. Таа истакна дека не е лесно да се добие поддршка во Хаг и Париз за европската перспектива на земјите од Југоисточна Европа, како што се Србија, Албанија или Македонија.

– Заморот што е присутен веќе е познат. Лично почувствував во разговорите што ги водев од пролетта дека за моите партнери од западноевропските држави, изборите за Европскиот парламент се многу важни. Нам тој регион географски и историски ни е поблизок, што не е случај со Холандија или со Франција – изјави Кнајсл. Австриската министерка за надворешни Кнајсл апелира до колегите од Франција и од Холандија да се потсетат на минатото.

– Вие сте оние што геополитички секогаш размислувале во поголеми категории. Да потсетам на Митеран во 80-тите години на минатиот век. Никој тогаш не ги сакаше земјите од Медитеранот, кои непосредно излегоа од воени диктатури. Французите беа тие што ги воведоа во ЕУ, тие беа оние што се трудеа околу Романија. Неопходно е секогаш да се примени практиката што веќе постои – порача Кнајсл.