Кандидатите во трка по лајкови

484
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Бројот на следбеници и на реакции на социјалните мрежи не е никаков индикатор ниту за успехот во вистинското изборно соочување ниту пак за веродостојноста на пласираните информации на социјалните мрежи. Токму социјалните мрежи изминативе години се посочувани како клучни генератори на лажни вести и манипулации. За разлика од нив, печатените медиуми секаде во светот имаат примат и водечка улога кога станува збор за точност и веродостојност на информациите. И додека во светот социјалните медиуми се соочуваат со зголемен надзор над нивната улога врз изборите, уште од американската кампања во 2016 година, во Македонија тие сѐ уште не
се предмет на законска регулатива во Изборниот законик

До крајот на денов, 21 март 2019, завршува рокот за поднесување пријави во Државната изборна комисија на кандидатите што ќе учествуваат на претстојните претседателски избори. Досега во ДИК е пристигната само кандидатурата на професорот Блерим Река, кој е предложен од партиите Алијанса за Албанците и движењето Беса на Биљал Касами. Во Државната изборна комисија очекуваат до денеска напладне да бидат поднесени и кандидатурите на кандидатите на двете најголеми политички опции во Македонија: професорката Гордана Силјановска-Давкова, натпартиска кандидатка, поддржана од ВМРО-ДПМНЕ, и Стево Пендаровски, како консензуален кандидат на владината коалиција СДСМ-ДУИ. Потоа, ДИК има рок од 48 часа да ја прегледа приложената документација на кандидатите, да ја утврди нејзината целовитост, па да им издаде на кандидатите решение за учество во изборниот процес. Иако официјалниот кандидатски статус на најавените претенденти за функцијата претседател на државата сѐ уште е во процедура, нивните контакти со јавноста и избирачите одамна се одвиваат на повеќе нивоа. Според ДИК, до терминот за почеток на кампањата, први април, сите активности на кандидатите се сметаат за партиски средби, а не неофицијален почеток на предизборната кампања, па сите активности на кандидатите во контекст на изборите сепак се само дел од „слободата на движење и комуницирање на граѓаните“.

Покрај навестувањето на политичките програмски позиции (но сѐ уште без обелоденети изборни програми на кандидатите), она што некако е нагласено во оваа досегашна неофицијална предизборна кампања е поинтензивното користење на социјалните мрежи од страна на кандидатите, како за обраќање и комуникација со своите симпатизери, но и за меѓусебно испраќање пораки, кои во јавноста се толкуваат и како провокации. Користењето на социјалните медиуми, како Фејсбук, Твитер и Инстаграм, не е новост во предизборните кампањи во Македонија, но се чини дека со секој нареден циклус, стануваат сѐ поупотребувана и повлијателна алатка за придобивање на гласачите. Навистина, бројот на следбеници и на реакции на социјалните мрежи сѐ уште не може со сигурност да гарантира и за успехот во вистинското изборно соочување, но се покажува дека овие „алтернативни“ медиуми не треба да се занемарат или да се игнорираат.

Интересен е примерот на професорката Силјановска-Давкова, која самата истакнува дека пред да биде претседателски кандидат, воопшто не ги користела социјалните мрежи, но откако беше избрана за кандидат на опозицијата на конвенцијата на ВМРО-ДПМНЕ во Струга, на 16 февруари, речиси ден потоа отвори свој профил на Фејсбук, а од неодамна е активна и на Твитер.

Од друга страна, консензуалниот кандидат на владејачката коалиција, предводена од СДСМ и ДУИ, Стево Пендаровски, од порано е активен на социјалните мрежи како Фејсбук и Твитер, па веројатно како последица на тоа има и повеќе следбеници, но има и свој профил на Инстаграм.

Во деновите пред официјалното поднесување кандидатури пред ДИК, двајцата кандидати поинтензивно си упатуваат предизвици и одговори токму на социјалните мрежи (претежно Твитер) за актуелните настани во политичкото секојдневие на Македонија. Професорката Силјановска неколкупати му упати и предизвик за медиумски дуел на нејзиниот противкандидат Пендаровски, на што тој одговори дека ја прифаќа понудата, но таа да се реализира во времето на официјалната кампања, по први април.

Социјалните мрежи се покажуваат како особено податливи за користење во изборни кампањи во Македонија, особено што тие сѐ уште не се предмет на законска регулатива во Изборниот законик. Според членот 69-а од Изборниот законик за „изборна кампања се смета јавно собирање и други јавни настани организирани од страна на учесникот во изборната кампања, јавно истакнување плакати, видеопрезентации на јавни места, изборно медиумско и интернет-претставување, дистрибуирање печатени материјали и јавно претставување на потврдените кандидати од надлежните изборни органи и нивните програми“. Претседателот на ДИК, Оливер Дерковски, вели дека комисијата има обврски да ги следи активностите на кандидатите за време на изборната кампања во печатените медиуми, кај радиодифузерите и на интернет-порталите, но не и активностите на социјалните мрежи. Таква обврска нема ниту Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ).

За разлика од Македонија, во светот социјалните медиуми се соочуваат со зголемен надзор над нивната улога врз изборите, уште од американската кампања во 2016 година. Токму Фејсбук се соочуваше со контроверзии како што се руските сметки, кои ја користеа оваа платформа за да ги поттикнат гласачите, (зло)употребувајќи ги податоците од милиони корисници што биле обработени со истражувачката фирма Кембриџ аналитика.

На изборите во Мексико и Бразил минатата година и Нигерија, оваа година компанијата ги засили напорите да ја спречи злоупотребата, иако имаше широкораспространети извештаи дека Ватсап се користи за ширење лажни вести пред бразилските избори.

Во обид да спречи лажни вести, дезинформации и странска интервенција пред претседателските избори во земјата, изборните спонзори на политички реклами во Украина сега се обврзани јавно да го објават својот идентитет. Претседателот на Украина, Петро Порошенко, кој сега се бори за реизбор, му се обрати на основачот на Фејсбук, Марк Закерберг, на неговата социјална мрежа, уште во мај 2015 година, за отворање локална канцеларија во Украина, составена од луѓе во согласност со политичката ситуација и со перципираната злоупотреба на платформата во Русија.

Слични барања за транспарентност неодамна беа воведени во САД, Велика Британија, Бразил, Индија и Израел, кои наедно се и некои од најголемите пазари на социјалните мрежи. Од Фејсбук велат дека планираат да ги воведат правилата на глобално ниво до крајот на јуни. Претставник на Фејсбук рече дека ги разгледува барањата од владите за секој случај одделно. Што се однесува до нашата држава, таа ниту испратила барање до Фејсбук во контекст на изборите и евентуалните ризици од злоупотреба ниту, пак, законски е регулиран овој простор од страна на надлежните органи.

Фото: Маја Јаневска-Илиева