Кампањите „за“ и „против“ се разгоруваат и се заканува посериозна конфронтација

575

Антагонизмите ескалираат, напнатоста расте, а писмената кореспонденција и вербалните истапи на македонските авторитети полека се селат на теренот. Како и за гореспоменатите поделби, дел од граѓаните активно се вклучува, а дел е во исчекување. Историјата сигурно ќе има суд кој бил во право, а кој не, при што се разбира доколку единствениот критериум за тоа би биле македонскиот народ и македонската држава

Деновиве Македонија минува низ период на внатрешни антагонизми помеѓу поларизираните слоеви на општествени чинители чиј предмет на конфронтација е договорот од Нивици.
Така, динамичниот нагорен тренд на кампањата „за и против договорот со Грција“ се забележува и со најавата на власта дека сака да формира т.н. широка коалиција за евроатлантска Македонија, со која владејачките партии ќе ги синхронизираат и хармонизираат активностите за поддршката на договорот со Грција.

Имено, според неименувани партиски функционери од владејачкото мнозинство, лидерите Заев и Ахмети многу брзо оваа идеја ќе им ја понудат на своите коалициски партнери од помалите партии и етнички заедници, но и на граѓанскиот сектор, за, како што истакнуваат тие, евроатлантската иднина на земјата.

Во контекст на трендот на политичко-институционални антагонизми по прашањето за договорот од Нивици, за обележување се и заострените реторики во последните преписки на релацијата Влада – претседател на држава. Како на пример, во петокот прва во јавноста се огласи владината прес-служба, која соопшти дека претседателот Ѓорге Иванов не одговорил на поканата да ја прифати т.н. алатка за отчетност, со што, како што велат од Владата, претседателот Иванов „одбива да ги информира граѓаните за неговите службени трошоци“.

– Сѐ уште нема одговор од претседателот Ѓорге Иванов на писмото од Владата со предлог и канцеларијата на претседателот да ја прифати алатката за транспарентно, отчетно и одговорно владеење – се вели во владиното соопштение.
Според владините информации во писмото испратено на 29 мај, министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски го информирал претседателот Иванов дека алатката за транспарентно, отчетно и одговорно владеење им е достапна на сите избрани функционери што се подготвени да им ги стават во секој момент на увид на граѓаните информациите и податоците за трошењето на нивните пари.

– Во писмото Владата го информира претседателот Иванов дека преку алатката за отчетност, пред граѓаните досега се објавени трошоците на премиерот, на министрите и на заменик-министрите, на државните секретари и на генералниот секретар на Владата – пишува во владината информација.
Истиот ден, речиси симултано од кабинетот на Иванов пристигна и реакција на владиното соопштение.

Фото: Игор Бансколиев

Од кабинетот на претседателот на Република Македонија, д-р Ѓорге Иванов, во петокот соопштија дека изминатите девет години максимално одговорно, совесно и на транспарентен начин располага со буџетските средства.
– Истакнуваме дека сите јавни набавки од страна на кабинетот на претседателот се извршени на максимално транспарентен начин и во согласност со сите законски регулативи и тие се јавно достапни. Ова го потврдуваат и ревизорските извештаи за работењето на кабинетот на претседателот спроведени од страна на Државниот завод за ревизија. За објективно информирање на јавноста, кабинетот на претседателот на Република Македонија, како и досега така и во иднина, целосно стои на располагање за какви било информации што се однесува на финансиското работење и трошењето на народните пари за службени потреби. Со оглед на тоа дека постојат механизми за проверка на финансиското работење на државните институции, кабинетот на претседателот нема законска обврска да прифаќа дополнителни алатки – се вели во соопштението од кабинетот на Иванов.

Oд друга страна, иако неформално, сепак партиите почнаа кампања за референдум.
Од владејачката СДСМ изјавија дека сите опции се во игра, а одлуката најпрво ќе ја донесат партиските органи во динамична постапка, за договорот што побргу да стапи во сила, затоа што е од државен интерес.
– Но конечниот збор сепак ќе го кажат граѓаните на референдумот – изјавија од партијата за медиумите.

Ставот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во јавноста го истакна нејзиниот лидер Христијан Мицкоски. Тој презентира партиски став што генерира дијаметрално спротивен став по ова прашање и најавува мобилизација за широка кампања со негативен предзнак за договорот со Грција.
– Тој ја обврзува само Македонија, а не и Грција. Ќе поддржиме референдум само ако тој е обврзувачки и демократски. Ако биде незадолжителен, партијата нема да го признае како волја на народот – изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Во меѓувреме, во јавноста се огласија и голем број експерти и аналитичари, интелектуалци и поранешни функционери, политичари и правници, кои од политички или правен дискурс уште повеќе го зголемуваат трендот на антагонизми и конфликти по овие прашања.

Поранешниот парламентарен спикер Стојан Андов во македонските медиуми изјави дека претседателот Иванов кривично ќе одговара доколку не го потпише договорот за ратификација со Грција.
Според Андов, граѓаните имаат избор и дека треба да се насочат кон евроинтеграциите. Тој истакна дека со одбивањето на потпишувањето, Иванов го крши Уставот на земјата.

Поранешниот собраниски спикер во своето медиумско излагање напомена дека и порано имало протести за Привремената спогодба со Грција.
– Основната теза е иста и во 1993 и 1995 година и сега, дека се работи за предавство. Како може да се работи за предавство? Ако сме предале нешто во 1993 година, што е тоа што сега ќе можеме да го предадеме – рече Андов.
Тој вели дека идентитетот, јазикот, народот беа нешта за кои Грците не сакаа да слушнат и дека се зборувало дека сме ние измислени од Тито, а сега сето тоа е отфрлено, според него.

Дијаметрално спротивно од Андов, пак, размислува пензионираната судијка на Врховниот суд Милојка Калкашлиева. Таа низ призма на законите и позитивното право, во писмо за „Нова Македонија“ истакнува дека договорот склучен во Нивици крај Преспанско Езеро, т.н. историски, не е склучен во име на Република Македонија.
– Поаѓајќи од фактот дека Република Македонија е суверена и самостојна држава, со свој Устав и закони, и имајќи предвид дека прашањето за името на државата е прашање од највисок национален интерес, не може да не се постави прашањето кој во име на Република Македонија може да склучува меѓународни договори, а поврзано со тоа и прашањето кој во име на Република Македонија е овластен да склучи меѓународен договор за промена на името на државата и дали такво овластување е дадено во Уставот или во закон во согласност со Уставот – пишува Калкашлиева.
Пензионираната судијка на Врховниот суд подвлекува дека склучениот меѓународен договор мора да биде во согласност со Уставот на Република Македонија, а Собранието може да го ратификува само доколку е во согласност со Уставот.

– Господа пратеници, ваша должност е да го почитувате Уставот! Се заколнавте на тоа! Вие сте пратеници во Собранието на Република Македонија и вие може да ратификувате само меѓународен договор во кој како договорна страна се јавува Република Македонија и чија содржина е во согласност со Уставот. При одлучувањето за ратификацијата мора Уставот да ви биде водилка. Преспанскиот договор не е договор на Република Македонија, читајте го внимателно текстот. Нашата држава, Република Македонија, ја нема во тој договор. А погледнете во архивата на Собранието и ќе видите колку многу меѓународни договори ратификувало Собранието и на сите стои името на државата Република Македонија. Зар ќе ратификувате меѓународен договор во кој не стои Република Македонија како договорна страна – поентира Калкашлиева.

Во меѓувреме, антагонизмите ескалираат, напнатоста расте, а писмената кореспонденција и вербалните истапи на македонските авторитети полека се селат на теренот. Како и за гореспоменатите поделби, дел од граѓаните активно се вклучува, а дел е во исчекување. Историјата сигурно ќе има суд кој бил во право, а кој не, при што се разбира доколку единствениот критериум за тоа би биле македонскиот народ и македонската држава


Се разгорува и надвор од границите на Македонија

Шаусбергер: ЕУ да го признае напредокот на Македонија
Франц Шаусбергер, специјалниот советник на еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, во овонеделното интервју за весникот „Пресе“, вели дека земјите-членки на ЕУ, а пред сѐ скептиците Франција и Холандија, а делумно и Германија, на самитот на Унијата идната недела, треба да го признаат постигнатиот напредок на Македонија со потпишувањето на договорот со Грција и да дадат зелено светло за почеток на пристапните преговори.
Шаусбергер во интервјуто додава дека успехот на договорот меѓу Македонија и Грција ќе значи и потврда дека „ЕУ може да има улога на посредник во решавање конфликти, и покрај огромните тешкотии во сопствените редови“.

Мицотакис: Договорот ги труе односите меѓу двете земји и двата народа
Претседателот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис, во говорот на конференцијата „Експорт самит“ во Солун, изјави дека договорот, наместо да ги подобри, може да ги влоши односите меѓу двете земји и двата народа.
Претседателот на најголемата грчка опозициска партија во обраќањето изрази голема загриженост дека „погрешното управување од владата, веќе ги отру општествата и во двете земји“, бидејќи „во Скопје повторно се разбудија национализмот и радикалноста, а во Грција чувствата дојдоа на местото на патриотскиот реализам“.
– „Конструкцијата“ што господата Ципрас и Коѕијас ја претставуваат како договор му служи токму на спротивното од она што го разгласуваат. Не го задоволува, туку го повредува националниот интерес. И од прв момент и двете земји ги покрива со облак на сомнеж, активирајќи ги лажните патриоти и од двете страни, а одново ги враќа страстите што беа маргинализирани – истакна Мицотакис.
Тој го повтори својот став и ставот на партијата дека договорот е лош, а тие нема да бидат „за“, кога ќе дојде за ратификација во грчкиот парламент.