Кампања на дистанца и на блискост истовремено

85
Фото: Игор Бансколиев

ШТО ПРЕДВИДУВААТ ПРЕДИЗБОРНИТЕ СТРАТЕГИИ НА ПАРТИИТЕ

По тримесечна битка со коронавирусот, за која очигледно е неизвесно нејзиното завршување, одлуката за кампања без митинзи се наметнува како обврска за учесниците во изборниот процес. Партиите веќе ги имаат концептите за своите кампањи, но што предвидуваат всушност тие

Образложувајќи ја својата одлука за измена на решението за денот за одржување на изборите, всушност објавувајќи го 15 јули за нов изборен термин, претседателот на Собранието, Талат Џафери, кажа дека ова ќе бидат невообичаени избори и по тоа што нема да има вообичаена изборна кампања.
– Тоа што е поважно и на кое ќе мораме сите да се придржуваме на најдисциплиниран начин се мерките и препораките на Министерството за здравство, за да се заштитат здравјето и животот на граѓаните – беа зборовите на Џафери, со кои се активираа изборните активности.
Уште кога беше поставена дилемата за прогласување вонредна состојба поради пандемијата, во март, годинава, партиите се изјаснија дека се откажуваат од идејата за класична изборна кампања, со големи народни собири. Сега, по тримесечна битка со коронавирусот, за која очигледно е неизвесно нејзиното завршување, одлуката за кампања без митинзи се наметнува како обврска за одговорност на учесниците во изборниот процес.

Според роковите што ги ревидира ДИК, изборната кампања започнува во вторник, на 24 јуни и ќе трае до 12 јули, бидејќи изборите всушност ќе се спроведуваат три дена, токму од здравствено-безбедносни причини. Партиите веќе ги имаат концептите за своите кампањи и според нив се подготвуваат за контакт со гласачите.
– СДСМ ќе води одговорна и 100 проценти безбедна кампања од здравствен аспект. Кампањата започнува на 24 јуни и ќе трае до 12 јули на полноќ, кога настапува предизборниот молк. Ги откажавме митинзите, големите собири и сите потенцијално ризични настани за да заштитиме здравјето на нашите активисти, членови и на сите граѓани. Но ќе бидеме со граѓаните! Преку социјалните мрежи, медиумите, преку дигитални алатки и други канали, секако вклучувајќи го и печатениот материјал. Заедно со граѓаните ќе извојуваме уште една победа за европска иднина – вели Костадин Костадинов од СДСМ.

Од коалицискиот партнер во досегашната влада на СДСМ, доминантно албанската партија ДУИ, веќе имаат подготвено стратегија за кампањата, а според оние што ги следат политичките случувања, тие на некој начин со свои дејства во јавноста веќе и ја имаат започнато кампањата, уште додека и не беше постигнат консензус за денот за одржување на изборите.

– Концептот на нашата кампања за овие избори, поради специфичните пандемиски услови, е насочен на микротаргетирање, без масовни собири. Микротаргетирањето значи пренесување на изборната програма во голема мера непосредно, преку блиските на гласачите, кои веќе ги имаме препознаено како наша целна група. Ќе имаме и посета на гласачите од врата на врата, но не за директен вербален контакт, туку повеќе преку делење изборни материјали, летоци со почитување на безбедната социјална дистанца. Планираме активно, па дури и агресивно користење на социјалните мрежи. Секако ќе го искористиме законски предвидениот медиумски простор за рекламирање, а ќе користиме и печатено рекламирање. Во секој случај, нашата изборна кампања ја адаптираме на условите на „новото нормално“ – вели Артан Груби од ДУИ.

Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ повеќе се насочени кон суштинската понуда во кампањата, а почитувањето на здравствено-безбедносните протоколи и максимална заштита на сите што учествуваат во предизборните и изборните активности се нешто што се подразбира во овие услови. За очекувањата од кампањата, претседателот на партијата, Христијан Мицкоски, изјави дека нивниот пристап е нудење вистински решенија за проблемите.

– Очекувам кампања во која партиите ќе покажат кој нуди вистински решенија, а кој не нуди ништо – порача Мицкоски по постигнувањето консензус за продолжување на изборните активности.