Одзивот за бугарските избори на гласачките места во Амбасадата на Бугарија во нашата земја, од неколку стотини гласачи, е вообичаен, како и секогаш досега. Истото тоа се покажа и при последниве избори за бугарскиот парламент. Токму бројката од неколку стотини гласачи во Македонија најпластично ги демантира тезите на бугарската пропаганда за 120.000 Бугари во македонската држава, па уште и обесправени!? Сепак, иако бројките, но и околностите, сведочат за една фактичка ситуација, бугарската политика и понатаму не се откажува од наративот на „обесправени и репресирани Бугари“ во Македонија, што дури нивната „рехабилитација“ е наведена како еден од условите за отстранување на ветото за
почеток на преговорите за полноправно македонско членство во ЕУ

Со секој бугарски изборен циклус бројот на оние што гласаат се потврдува, а тоа е некаде под двесте. Според нецелосно пребројаните гласови од бугарската Централна изборна комисија, еден ден по изборниот ден на 11 јули, одзивот на оние што имаат право на глас на соседските парламентарни избори во Македонија изнесуваше нецели 200 гласачи, или попрецизно -180.

Националистите на
Каракачанов најбројни во Македонија

Но за издвојување е информацијата дека коалицијата „Бугарски патриоти“, предводена од ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов, со освоени 3,2 отсто од гласовите на овие избори, иако не успеа да го надмине прагот од 4 отсто за влез во бугарското собрание, токму тие во Македонија, победи убедливо со 37 отсто од гласовите, т.е. само 96 гласа. Второпласирана на гласањето во Македонија е ГЕРБ на Борисов, со 62 гласа, а партијата Има таков народ на Слави Трифонов, која победи убедливо речиси секаде во дијаспората, во Македонија освои само 22 гласа. На изборите во април, Каракачанов доби 216 гласа од лицата со бугарско државјанство што своето право на глас го оствариле во Македонија. Без оглед што овој пат одзивот беше помал, тоа е пад на поддршката за речиси половина.
Вообичаениот одзив во Македонија, од неколку стотини гласачи за изборите во Бугарија, постојано ги демaнтира тезите на бугарската пропаганда за 120.000 (обесправени) Бугари во македонската држава. Сепак, бугарската политика и понатаму не се откажува од тој наратив на „обесправени и репресирани Бугари“ во Македонија, што дури нивната рехабилитација е наведена како еден од условите за отстранување на ветото за почеток на преговорите за полноправно македонско членство во ЕУ.
– Бројките со кои оперира бугарската политичка пропаганда во ЕУ, повеќе се темелат на бројноста на лица од Македонија што имаат бугарски пасоши. Голема е веројатноста дека и таа бројка од 120.000 издадени бугарски пасоши во Македонија е предимензионирана (некои податоци говорат за 50-60 илјади бугарски државјанства), но самиот факт за нивно издавање ѝ остава формалноправна можност на бугарската политика да ги „толкува“ и да манипулира со бројките. Тие можат лицата со бугарски пасоши да ги бројат како бугарски државјани, но, секако, тоа не значи дека се Бугари по националност… Всушност, одзивот на бугарските избори во Македонија е во голема мера релевантен показател за бројноста на тие со бугарско национално чувство. Сепак, оперирањето со бројки во актуелниот македонско-бугарски спор е сосема ирелевантно и претставува дефокусирање од суштината на проблемот, кој е во Брисел, односно во немањето желба за проширување на Европската Унија. Актуелниот спор и ветото се наметнат проблем за Македонија од ЕУ, во кој Бугарија е ставена во улога на главен опструктивен елемент – вели политичкиот аналитичар Синиша Пекевски.

Катастрофална политика на официјална Бугарија спрема Македонија

Според Петар Богојевски, познавач на динамиката и развојот на македонско-бугарските односи, а и самиот активен на македонската политичка сцена, слабиот (и уште понамален) одзив на бугарските парламентарни избори меѓу Македонците со бугарски државјанства е резултат на промашената стратегија на официјална Софија со т.н. бугарско малцинство во Македонија.
– Стратегијата на бугарската политика во односите со Македонија да игра на картата на бугарско малцинство е промашена. Тоа уште поилустративно го покажува одзивот на оние што во Македонија имаат право да гласаат на изборите во Бугарија. Во Македонија не постои таков тип малцинство како што си замислуваат во бугарските елитни политички структури. Според мои сознанија, во Македонија постојат околу 10.000 македонски Бугари, кои се чувствуваат исто толку Македонци колку и етничките Македонци. Тие самите одбиваат да се регистрираат како малцинство и имаат амбиција да се идентификуваат како мнозинство, односно посакуваат Македонците да се идентификуваат како македонски Бугари. Бугарската официјална политика е целосно промашена и спрема нив. Македонските Бугари се интегрирани во македонското општество, особено во последниве 30 години. Многумина од нив се дел од големите партии во Македонија (и во власта и во опозицијата), вработени на високи позиции во државни институции, со реализирани политички кариери… Тие се чувствуваат еднакво Македонци како и етничките Македонци. Официјална Софија не може да го разбере тоа и на тоа се должи досегашната катастрофална политика спрема Македонија. Верувам дека таквиот однос ќе биде променет на подобро со парламентот во Бугарија што ќе се конституира по последните избори. Според моите процени, во тој парламентарен состав, 50 отсто од пратениците се пријатели на Македонија и ќе гласаат за напуштање на ветото за македонските евроинтеграции – вели Петар Богојевски.

Бугарија и понатаму ќе си ја тера својата воспоставена пропагандна стратегија

За историчарката Наташа Котлар, универзитетска професорка од македонскиот Институт за национална историја, малиот и сѐ понамален интерес за користење на правото за избор на власта во Бугарија, на оние лица од Македонија што имаат бугарски државјанства, е уште една потврда на и досега познатата состојба, дека мотивот за да го добијат тој пасош во најголема мера бил од економска природа, отколку од политичка или национална.
– Иако е познат економскиот мотив за добивање бугарски пасоши на граѓаните на Македонија, тоа не ја спречува Бугарија врз основа на нивната бројност да ја гради својата пропаганда. Сосема извесно, Бугарија и понатаму ќе си ја тера својата воспоставена пропагандна стратегија, но нашиот, македонскиот проблем е што нашето политичко водство нема стратегија да се спротивстави на бугарските позиции што атакуваат на македонскиот идентитет. Со политичкото маневрирање во последниве години по Преспанскиот договор, се оди кон рекомпонирање на асномските темели на македонската државност, што сѐ посериозно се заканува да се претвори со историско, именско и идентитетско менување на националниот квалификатив на Македонија и Македонците. Постои сериозна дискрепанца во државно-националното и партиско-политичкото артикулирање на македонските позиции во однос на соседските негирања на македонскиот национален идентитет, засилени поради нивната позиција во ЕУ. Позицијата и уверувањето на македонската официјална политика дека со анекси и нови договори ќе ги амортизира историските асимилаторски амбиции на Бугарија спрема Македонија се влегување во уште една погубна заблуда за македонскиот национален идентитет и македонската државност. Неопходно ни е потребен нов внатрешен политички договор за македонските евроинтеграции во услови кога повеќе од јасно се видливи незаинтересираноста на ЕУ за проширување и премолчаната поддршка на националистичките манифестации и аспирации на нејзините земји-членки. Всушност, голем предупредувачки сигнал за Македонија треба да биде што Советот на ЕУ, пред четири-пет дена изгласа Бугарија и Романија да влезат во шенген-зоната – вели историчарката Наташа Котлар.