Како македонскиот јазик првпат одекна во етерот и се прошири насекаде

276

Деновиве, поточно на 31 март, се навршуваат 60 години од објавувањето на првиот телевизиски прилог на македонски јазик. Прилогот силно одекна меѓу Македонците во светот, а сигналот освен на просторите на поранешна Југославија допре и до Бугарија, Грција, Албанија и Турција, кои го пренесуваа ТВ-сигналот на ЈРТ, РАИ, ББС итн. Овие факти и сведоштва за историјата од пред шеесет години се само уште еден значаен одговор на сѐ позачестените неаргументирани напади и оспорувања на македонскиот јазик и нација од соседна Бугарија

На 31 март се навршуваат точно 60 години од објавувањето на првиот телевизиски прилог на македонски јазик. На таа мартовска ранопролетна вечер во 1961 година имав чест и големо задоволство да го подготвам и првиот ТВ-прилог на македонски јазик, кој се емитуваше во етерот на просторите на тогашна Југославија. Беше голем чекор за паметење. Иако бев млад новинар, успешно настапив директно „во живо“ на ТВ-дневникот во студиото на ЈРТ во ТВ Белград. Говорев за активноста на младите во Македонија, а прилогот беше со убаво монтирана филмска илустрација од Кумановска бања каде што беше Главниот штаб на сојузната младинска работна акција „Братство – единство“ за изградба на автопатот Куманово – Миладиновце. Во ТВ-дневникот, прилогот го најави популарниот спикер Миќа Орловиќ со нагласка дека гостува новинар од Телевизија Скопје, автор на првиот телевизиски прилог на македонски јазик. За успешниот настап радоста беше споделена со сите присутни, меѓу кои беа познатите и ценети ТВ-уредници Бранко Николиќ и Скале Митиќ, а импресивно обраќање имаше Миќа Орловиќ. Во тие среќни мигови се чувствував прекрасно. Преку воспоставената телефонска линија на ЈРТ посебни пофалби добив и од раководните луѓе на РТС, како и од колегите. Во наредниот понеделник на проширената седница на главниот Колегиумот на Радио Скопје почитуваната и многу ценета директорка Веселинка Малинска истакна дека со успешното презентирање на првиот ТВ-прилог на македонски јазик започнува новата медиумска ера во Македонија меѓу првите на Балканот.

Таа информира и за претстојните зафати на овој план. Тогашниот одговорен раководител на Телевизијата, Димче Божиновски, ги пренесе поздравите и честитките од ТВ Белград, Загреб и Љубљана, како и телеграмите од Скопје, Куманово и Велес, од Македонците во Јабука, Белград, Панчево, Врање, Лесковац и други градови во Србија, но и од Бугарија, Грција, Албанија и Турција, во кои немаше сопствена ТВ-програма, па го пренесуваа ТВ-сигналот на РАИ, ББС и ЈРТ. Во тоа време и кај нас емитувањето ТВ-програма беше главна атракција во кафеаните и на поголемите семејни собири. Незаборавни беа и личните честитките што ги добив од познати и непознати граѓани. Посебен впечаток ми остави и честитката на македонскиот писател и новинар Анте Поповски, со порака дека јазикот на еден народ е негов златен штит, негова татковина и најголема духовна вредност. За овој прв значаен чекор во штотуку родената Македонска телевизија и денес, по шест децении, се сеќавам автентично, со емотивност, гордост и пиетет и со посебна радост од незаборавот.
На 13 мај 1961 година со најава на македонски јазик и телоп „Овде ТВ Скопје – Почнуваме“, преку ЈРТ-студио во ТВ Белград директно се емитуваше и полчасовна емисија „Балетски концерт“ со првенците на Македонскиот балет Елпида Паковска и Јован Пашти, со придружба на пијано на Љубомир Бранџолица. Уредничка на емисијата беше Евгенија Кацаволу, режисер Ацо Алексов, секретарка на режија Елза Џувалековска, камермани Благоја Прличков и Димче Гечевски, видеомиксер Драги Таневски, конферанса на македонски јазик Драги Новаковиќ и најавувачка Веска Тасевска. На пригодната свеченост за значењето на почетоците на ТВ Скопје говореа раководни луѓе од ЈРТ и директорката Веселинка Малинска, која истакна дека ова е историски ден за Македонската телевизија и дека емисијата беше успешно реализирана од македонски телевизиски кадри. Истиот месец со екипата на спортската редакција на белградска телевизија подготвивме ТВ-прилог со тонски изјави на македонски јазик на фудбалери за подготовките и очекувањата на Вардар од финалето за купот на Маршал Тито со Вартекс на стадионот на ЈНА во Белград.

Победи Вардар со 2:1 и го освои значајниот пехар. Тоа како бисер на македонскиот спорт го славеа сите во Македонија, како и Македонците од Егејскиот и Пиринскиот дел и од дијаспората. На 11 Октомври 1961 година преку ТВ Белград се емитуваше и целовечерна програма на македонски јазик, посветена на дваесетгодишнината на востанието на македонскиот народ. Притоа познатиот македонски новинар Драгољуб Будимовски имаше интервју со тогашниот претседател на Народното собрание на Македонија. Се емитуваа репортажа за Прилеп, градот првоборец, и македонскиот игран филм „Волчја ноќ“. И во заедничката новогодишна телевизиска програма на ЈРТ забележително беше учеството на наши познати пејачи, Александар Саревски, дуетот Желчески-Селимова, ансамблот на Стево и Есма Теодосиевски и други, кои исполнија македонски народни песни како убав глас и порака од татковината. Со сето тоа се поставија темелите на Македонската телевизија.
Овие факти и сведоштва за историјата од пред шеесет години се и многу значаен одговор на сѐ позачестените неаргументирани напади и оспорувања на македонскиот јазик и нација, особено од соседна Бугарија. Секако, во ова време на широка експанзија на информирањето, борбата за пласман на вистината треба да има целосен приоритет пред лажните вести. Особено зачудува негирањето на Денот на востанието на македонскиот народ, 11 Октомври, што има огромно значење за историјата на Македонија. Со излегувањето на партизанските одреди во Прилеп и во Куманово во 1941 година започнува борбата против фашистичкиот окупатор за национално ослободување на македонскиот народ, за неговата самобитност и самостојност.

Со успешното развивање на НОВ во нашата земја против фашизмот во Втората светска војна се создадоа услови за одржување и на Првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија на 2 август 1944 година во манастирот „Прохор Пчински“. Од денешна гледна точка, особено е битен Манифестот на АСНОМ на македонски јазик упатен до македонскиот народ, за остварување целосна национална слобода како резултат на најкрвавата борба против германскиот, бугарскиот и италијанскиот фашистички окупатор. Во тој дух, Првото македонско Народно собрание укажува и на принципите против разделбите на брат со брат, Македонец со Македонец и ја прокламира слободата и рамноправноста на сите народности во Македонија и потребата од искрена солидарност и мир меѓу балканските народи. Во ризницата на МРТ верувам дека се зачувани сведоштва од голем број првоборци за вековниот сон за создавање на македонската држава, како и документарни емисии за народните херои како аманет на младите генерации. И во повеќе архиви кај нас и во светот има изобилство факти за македонската историја, македонскиот јазик, народ и идентитет.

Дека македонскиот и бугарскиот јазик се различни покажуваат преводите на многу книги од едниот на другиот јазик. Отсекогаш бугарските филмови кај нас се титлувани на македонски и обратно. За тоа има и многу други примери. Меѓутоа, за надминување на сегашната бугарска негаторска криза се чувствува потреба во нашата земја да се создава поголема меѓусебна почит и соработка меѓу самите Македонци и сите што живеат на овие простори и поддршка на традиционалните принципи градени низ векови.

(Авторот е новинар и публицист)