Како „ковид-68“ го пустошел светот и пред 50 години

4111

„Нова Македонија“ потсетува на нешто што јавноста го подзаборавила

Актуелната ситуација со ковид-19 во светот целосно го трансформира начинот на живот и генерално на целото функционирање, а ова што се случува денес, на некој начин „Нова Македонија“ како да го најавила уште пред нешто повеќе од 50 години.
Имено, весникот во декември 1969 година објавува повеќе текстови преку кои информира за ширењето на таканаречениот хонгконшки грип во Европа и во другите делови од светот, но и во Македонија.
Она што зачудува е идентичното сценарио по кое се одвивале настаните тогаш и денес.
Уште поинтересно е што на самиот грип од тоа време ретко кој се сеќава, но објавите во „Нова Македонија“ од тоа време денес само дополнително ја разбудија љубопитноста кај луѓето за нешто што се случило во минатото, а повторно речиси идентично ни се врати половина век подоцна.
Под насловот „Епидемијата на грип се шири низ Европа“, со краток поднаслов „Во Рим 800.000 болни“, на 10 декември 1969 година „Нова Македонија“ објавува текст во кој се наведува дека Европа со сите сили се обидува да ѝ се спротивстави на епидемијата, да го спречи нејзиното ширење и да ги ублажи последиците.

Во моментот истите настани повторно ја погодуваат Европа, која е зафатена од вториот бран на ковид-19, а поради спречување на ширењето на вирусот се воведуваат нови рестриктивни мерки. Бројот на новозаболени во Италија повторно расте.
Во текстот од 1969 година се наведува дека симптомите на грипот се кашлица, кивавица и треска, а веќе со овој вирус се заразени една четвртина од населението на Италија и Франција. Бранот ја зафаќа и Шпанија, нешто помалку Португалија, а грипот се шири и во Западна Германија и Велика Британија. Во првиот налет се поштедени скандинавските земји и тогашниот Советски Сојуз.
И тогаш населението бара разни начини да обезбеди алтернативни лекови за борба со овој нов тип на грип, бидејќи вакцина, како и денес, не постои.
Некои од римјаните на грипот му се спротивставувале со по два аспирина и топла вода, Португалците пиеле ракија.
Пастеровиот институт во Париз изнел податок дека 13 милиони Французи се заразени со вирусот, поради што биле затворени училиштата и прекинат дел од железничкиот сообраќај. И во оваа земја има недостиг од вакцина.

Во италијанскиот град Сполето властите морале да повикаат доброволци за гаснење пожари, бидејќи целата противпожарна единица се заразила со новиот вирус.
Италијанските власти им наложиле на аптеките да работат седум дена во неделата, а во Британија веќе се јавил недостиг од места во болниците.
Особено е интересен податокот што во декември 1968 година од хонгконшки грип заболел и тогашниот американски претседател Линдон Џонсон, кој поради сериозноста на ситуацијата итно бил хоспитализиран. Неодамна и актуелниот американски претседател Доналд Трамп беше итно хоспитализиран откако беше заразен со ковид-19.
Во моментот ситуацијата во Европа и во светот е речиси идентична, само наместо за хонгконшки грип, станува збор за ковид-19.
Овој вирус од март 2020 година забрзано почна да се шири во Европа и најпрво ги зафати Италија и Франција, а потоа се прелеа и во Шпанија. И во случајот со ковид-19 Португалија беше помалку зафатена.
Идентично е што при првиот налет на коронавирусот во Европа, скандинавските земји беа помалку погодени, како и Русија, каде што подоцна почна да се бележи поголем број на заразени.

Германија исто така регистрира огромен број на заразени, а актуелната канцеларка Ангела Меркел повикува на максимално почитување на мерките.
Болниците повторно се полнат, а во недостиг од болнички кревети се адаптираат други сместувачки капацитети и се претвораат во болници.
Вакцина, како и далечната 1969 година, нема ниту денес, а лабораториите се во трка со времето да произведат ефикасна вакцина.
Она што денес е различно од минатото секако се рестриктивните мерки, поточно затворањето на компаниите, училиштата, градинките, прекинот на целиот сообраќај, затворањето на границите.
Зачудува огромната прецизност со која се совпаѓаат потеклото и ширењето на вирусот низ Европа, буквално 1968/1969 година и некој „ковид-68“ како да се пресликани во 2020 година.
Низ времепловот од текстови објавени во „Нова Македонија“ само се потврдува дека предизвиците со кои се соочува човештвото се повторуваат, а пишаниот збор е тука за да не се заборават и да послужат како четиво од кое постојано може да се учи.