Како да се донесе Европа во Македонија

418
Фото: Дарко Андоновски

На кој начин Европа ќе пристигне во Македонија е дилемата што е актуелна во домашната јавност во пресрет на 9 Мај, Денот на Европа, и неколку дена по изјавата на премиерот Зоран Заев, дадена на неодамнешната прес-конференција по потпишувањето на меморандумот за соработка со Женевскиот центар за демократска контрола на вооружените сили.

Премиерот Заев, одговарајќи на новинарско прашање поврзано со евроатлантската иднина на земјата, која е тесно поврзана со преговорите за наметнатиот спор за името од страна на Грција, изјави дека доколку некако бидеме и понатаму блокирани пред НАТО и ЕУ, ние ќе мораме Европа да ја донесеме во Македонија, оти поинаку нема како.

Во контекст на ваквата изјава и актуелните случувања, „Нова Македонија“ побара појаснување од Владата за контекстот на изјавата на премиерот, околу делот поврзан на кој начин и со какви конкретни чекори Владата планира да ја донесе Европа во Македонија.

Од Владата информираат дека Република Македонија ќе продолжи со ист интензитет да ги спроведува реформите и да ја подобрува услужноста на институциите.
– Владата на РМ има мандат од граѓаните да го унапреди квалитетот на животот на граѓаните во секој аспект, образование, здравство, социјални структури, економски стандарди и сѐ што подразбира развој и прогрес на едно општество.
Владата на Република Македонија е посветена на економијата, затоа што бруто-домашниот производ, капиталните инвестиции, привлекувањето на домашните и странските инвестиции се почетната позиција за преостанатиот развој. Република Македонија нема повеќе да биде изолирана од меѓународниот прогресивен демократски свет, ќе продолжи да негува и развива европски и демократски манири и вредности, а нашите стратегиски аспирации се НАТО и ЕУ – се вели во одговорот на Владата на нашето прашање.

Во меѓувреме, еден од најзначајните датуми во Европа, 9 Мај, се одбележува и како Ден на Европа, бидејќи го означува пресвртниот момент во кој е дефиниран идниот изглед на Европа. Пет години по германската капитулација, на 9 мај 1950 година, Роберт Шуман, тогашен министер за надворешни работи на Франција, го претставил својот предлог за формирање европска заедница за јаглен и челик. Овој предлог, познат како Шуманова декларација, се смета за почеток на формирањето на денешната Европска Унија. Овој датум како Ден на Европа, кој ги прославува единството и мирот на Стариот Континент, се одбележува од 1985 година.
За споменување е и фактот дека Македонија од 2005 година е земја-кандидат за членство во Европската Унија.

Од друга страна, истиот ден е и важен историски датум на кој се одбележува и Денот на победата над фашизмот. На 9 мај 1945 година, Германија ја потпиша својата капитулација во Втората светска војна, во која животите ги загубија повеќе од 50 милиони луѓе. Војната официјално е завршена неколку месеци подоцна, со капитулацијата на Јапонија, но во Европа овој датум се одбележува како Ден на победата над фашизмот.

Македонија за време на Втората светска војна беше на страната на антифашистичката коалиција. Во борбите против фашистичките окупатори, според процените на историчарите, само од вардарскиот дел на Македонија загинале 33.000 луѓе, вклучувајќи ги и над 7.000 македонски Евреи што биле депортирани во концентрациониот логор „Треблинка“.