Како битката со вирусот се судри со човековите слободи

328
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во својот последен извештај „Фридом хаус“ констатира дека „владите низ светот ја користат пандемијата на ковид-19 како покритие за проширување на контролата преку интернет и за градење нови технолошки системи на социјална контрола“. Кои се аргументите на истражувањето на „Фридом хаус“ и каде е нашата земја во таквиот контекст?

Ковид-19 како алиби за создавање нови технолошки системи за проширување на социјалната контрола

Колку и дали пандемијата на ковид-19 ја намали слободата на граѓаните на интернет во светот? Како се одразува тоа во Македонија? Овие дилеми се актуализираа периодов во стручната јавност, кога во својот последен извештај „Фридом хаус“ констатира дека „владите низ светот ја користеа пандемијата на ковид-19 како покритие за проширување на контролата преку интернет и за градење нови технолошки системи на социјална контрола“.
Според „Фридом хаус“, причините за оваа констатација се темелат на повеќе фактори. Еден од клучните фактори што се наведуваат се „брзото и неконтролирано ширење на вештачката интелигенција и биометрискиот надзор за решавање на јавната здравствена криза, која создаде нови ризици за човековите права“.
Понатаму, во истиот контекст се наведуваат апликациите за паметните телефони за „пронаоѓање контакти и следење на заразените лица од вирусот“, а истите тие се воведени во 54 од 65 земји. Само во неколку земји, како што се наведува, се инсталирани „ефективни механизми за заштита на личните податоци од насилни практики од страна на државата или приватниот сектор“.
„Фридом хаус“ информира дека „политичките лидери исто така ја користат пандемијата како изговор за цензурирање на неповолните вести, апсење на критичари и на припадници на етнички и религиозни групи“.

Во документот се наведува дека најмалку во 45 земји, активисти, новинари и други јавни личности беа уапсени или обвинети за кривични дела за објави на интернет во врска со пандемијата, а владите најмалку во 28 земји цензурирале веб-страници и објави на социјални медиуми за да ги потиснат неповолните здравствени статистики, обвинувања за корупција и друга содржина поврзана со ковид-19.
Во документот на „Фридом хаус“ се заклучува и дека ниту една влада, како што се наведува во извештајот, не зазема поагресивен пристап кон кризата со јавното здравство од Кина, за која „се покажа дека е најлошиот светски злоупотребувач на слободата на интернет веќе шеста година по ред“.
Инаку, овој извештај на „Фридом хаус“ има амбиција да ја процени слободата на интернет во 65 земји, кои, пак, сочинуваат 87 проценти од вкупните корисници на интернет во светот. Истражувањето било спроведено меѓу јуни 2019 и мај 2020 година.
Во меѓувреме, во сублимиран заклучок од комуниколозите и политиколозите со кои се консултиравме се извлекува дека актуелните состојби се должат на разбирливите несекојдневни околности во кои функционира светот додека е под превезот на пандемијата.

Според нив, резултатите се такви какви што се, бидејќи се резултат на балансот меѓу човековите права и слободи, но и обидите државите да воведат ред во едни тешки времиња на пандемијата на овој простор. Тие велат дека, за среќа, нашата држава, која е анализирана во рамките на сите европски земји, засега не е во неповолна состојба на ова рангирање, бидејќи очигледно постои баланс меѓу разумот и слободите во овие случувања.
Комуникологот, Бојан Кордалов во својот осврт за актуелните случувања вели дека не постои лош момент за да се унапредува демократијата, а со тоа и слободата, па дури и во време кога светот се соочува со пандемијата на вирусот.
– Сон на многу претходни генерации во светот е широкораспространетиот речиси неограничен пристап до информациите што постои денес. Желба на многу претходници се денешната слобода и пристап до информациите, едновремената комуникација помеѓу сите четири страни на светот. И таа слобода е потребно да се зачува, но и постојано унапредува, особено во време кога светот е соочен со пандемијата предизвикана од коронавирусот – вели тој.
Комуникологот подвлекува дека во исто време е важно да се нагласи дека слободата никаде, а особено на интернет никогаш не смее да дава можност некому да му се наштети, да му се загрози приватноста, да му украдат личните податоци, да биде предмет на лажни вести, на говор на омраза, на дискриминација…

– И тука всушност доаѓаме до балансот што мора постојано да се прави, без изговори секогаш и секаде. Заштита и унапредување на слободата на изразување, а истовремено заштита на граѓаните од лажните вести во време на коронавирус. Напорно е, бара ресурси и посветеност од надлежните институции, но друг излез и алтернатива нема доколку сакаме побрзо, но и посилни да излеземе од оваа првенствено здравствена криза. Она што Македонија како земја треба да го направи во оваа криза е да се сврти кон поголем и побрз доток на интернет за секого. Заштитата на здравјето на секој наш сограѓанин бара да најдеме привремена алтернатива (додека трае опасноста од изложување на коронавирусот) за секојдневното функционирање: учење, работа, пазарење, забава (филмови, музика), претприемаштво… Во спротивно, наместо да се согледаат и искористат позитивните придобивки од дигитализацијата, ги изложуваме граѓаните на теориите на заговор, кои нема да донесат ништо позитивно – резимира Кордалов.

Слично размислува и политикологот Милан Стефаноски, кој, пак, додава дека комплетно ги разбира податоците од анализата, бидејќи тие се резултат на една несекојдневна состојба со која се справуваат сите држави, вклучувајќи ги тука и либерално-демократските земји како нашата.
– Верувам дека ваквите анализи во суштина многу не ја задираат Македонија, бидејќи класични цензурирања на интернет во земјава додека трае пандемијата немало. Единствено судар на интереси може да бидат само апликациите за следење на заразата, но тие во практика никогаш и не заживеаја во државава – вели политикологот.
Тој верува дека за некоја година, кога целосно ќе биде запрена пандемијата, состојбите пополека ќе се нормализираат и во вистинскиот живот, но и во дигиталната сфера, односно интернетот.

[email protected]