Каков шеф на државата сакаме?

216

Наспроти очекувањата на граѓаните, кои во испитувањата на јавното мислење се фокусираат на личните и на професионалните карактеристики на потенцијалните кандидати за функцијата шеф на државата, аналитичарите го истакнуваат прашањето за избор на политичкиот систем во државата бидејќи и тој го профилира дејствувањето на претседателот

Остануваат неколку месеци до изборите за претседател на државата, а иако партиите сѐ уште не излегле со свои кандидати за трката, во јавноста веќе се појавија неколку сондажи и анкети, кои го пресметуваат рејтингот на потенцијалните претенденти на оваа функција, како и очекувањата на граѓаните од идниот шеф на државата.
Една од таквите анкети беше и неодамнешната, која ја спроведе агенцијата „М-проспект“ по барање од телевизијата Телма и од Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС). Во анкетата беше презентиран интересен аспект од гледна точна на граѓаните за најзначајните карактеристики и вредности што треба да ги поседува претседателот.

Според податоците на истражувањето, повеќето од испитаниците или 25 проценти, одговориле дека претседателот треба, пред сѐ, да е чесен човек, 19 отсто изјавиле дека тој треба да има чувство за одговорност, 11,6 отсто сметаат дека тој треба да поседува толеранција, 10,3 проценти очекуваат тој да биде решителен и храбар…
Сепак, во пресрет на изборната година, можеби побитен аспект на сондажите треба да биде и прашањето поврзано за тоа колку е битен изборот на политичкиот систем во државата бидејќи тој практично го профилира и дејствувањето на претседателот.
Во таа насока, битно е да се напомене дека, во услови на парламентарен систем, македонскиот претседател по своите политички дејствувања и ингеренции не може да се спореди со функцијата премиер на државата. Според надлежностите, најголем дел од дејствувањето на претседател е во областа на надворешната политика, одбраната и мал дел во внатрешната политика. За споредба, пак, во светот, постојат примери на претседателски системи како во САД, Русија, Франција и други држави во кои претседателите се исклучително битни и моќни политички фигури и во државата и надвор од неа. Овие претседателски функции, за разлика од македонскиот случај, го диктираат темпото по кое ќе се движи државата.

Политичките аналитичари во сублимиран заклучок велат дека за Македонија е многу побитно да се одговори каков политички систем е потребен отколку дали на функцијата претседател ќе „седне“ најчесниот и најпаметниот човек, со профилот, на пример, како на научникот Алберт Ајнштајн, кога тој во своето дејствување ќе биде ограничен од системските рамки.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски, давајќи свој осврт на дилемата за тоа каков систем ѝ е потребен на Македонија, бидејќи тој го профилира дејствувањето на претседателот, вели дека кај нас има сериозна противречност помеѓу легитимитетот на претседателот и неговите овластувања.

– Кај нас има сериозен дисбаланс околу овластувањата на претседателот и бројот на гласови со кои тој е избран, односно претседателот има премали овластувања, а на непосредните избори тој се избира со мноштво гласови, кои го надминуваат бројот на гласовите потребни за победа на парламентарните избори – вели Арсовски.
Според аналитичарот, од агол на тоа каков систем ни е потребен (ако се тргне настрана постојниот систем), државата е исправена пред две можни алтернативи, односно претседателот или треба да се избира индиректно од Собранието и да има мали ингеренции или, пак, тој треба да се избира на истиот начин, но да му се зголемат постојните ингеренции.

Арсовски смета дека е добро претседателот да има поголеми ингеренции бидејќи на тој начин оваа државна функција ќе претставува баланс меѓу законодавната и извршната власт, но додава дека исто така е битно каква личност ќе седне на оваа висока државна функција.

– Јас сметам дека, без разлика на тоа како е осмислен системот, на претседателската функција треба да се наоѓа личност што ќе има интегритет и чувство за морална и општествена одговорност – заклучува Арсовски.

Со него се согласува и политичкиот аналитичар Милан Стефаноски, кој, пак, додава дека шефот на државата треба да има поголеми ингеренции и да претставува последниот браник со кој ќе се ограничува битката на спротивставените политички табори во Македонија.