Каков вид греење диктира домашниот буџет?

137
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во пресрет на грејната сезона, најгорливото прашање на тапет

Ни претстојат зимски месеци, а со тоа и дилемата за многу домаќинства како да ги загреваат своите домови. Одлуката ќе биде тешка, особено за оние семејства што поради пандемијата на коронавирусот имаат член што останал без работа. Големината на домашниот буџет за многу домаќинства ќе одлучи дали домовите ќе ги загреваат со огревно дрво, брикети, со пелети, инвертер-клими или, пак, исклучените од парно повторно ќе се приклучат кон системот.

Како до квалитетно загревање на домовите и, наедно, до почист воздух

За многу од нашите соседи и земји од Европа гасот е главен енергент за загревање на домовите, но нашите домаќинства ќе мора за него да почекаат уште некоја година, бидејќи гасификацијата на земјава е во тек и се работи на примарната мрежа. Начинот на загревање на домовите ќе биде од особено значење оваа зима, бидејќи освен борбата со пандемијата, ќе мора секој одделно да придонесе да имаме и почист воздух. Преку планот за почист воздух, како стратегиски документ, државата почна да дели субвенции за купување клима-инвертери на сите оние што ќе се откажат од греењето на дрва во Скопје, Тетово, Битола и во Кичево, односно ќе им исплати по 60.000 денари на сите што ќе решат да купат клима-инвертери и ќе се откажат од користењето на печките на дрва.
Експертите велат дека моментално најдобро загревање во домот се постигнува со топлинските пумпи клима-инвертери. Користењето на дрвото како огревен материјал на овој начин како што се користи сега во обични печки треба да се забрани, ама државата нема доволно пари за да му овозможи поволности на многу поголем дел од населението, кое нема друг начини за загревање на своите домови. Тие го претпочитаат користењето на дрво за огрев во вид на пелети, бидејќи има минимално или занемарливо загадување.

– Централниот систем, топловодното греење е најповолниот начин на греење, бидејќи овозможува највисок квалитет, со можност за највисоко ниво на комфор. Но не сите имаат можност за приклучок кон овој систем. Како второ се топлинските пумпи, трошат електрична енергија и не загадуваат, а за едно домаќинство и финансиски е добро. Во овој случај загадувањето ќе биде во Битола, бидејќи РЕК ќе мора да произведе повеќе електрична енергија. Природниот гас, сепак, се издвојува по квалитетот и не ја загадува животната средина, кој, за жал, сѐ уште е далеку од домаќинствата. Многу е поевтино за училиштата да се приклучат на гас или на домаќинствата што имаат сега котли на електрична енергија и греењето ги чини многу поскапо Дома да се користи дрвото за загревање е најевтино, но загадува, согорувачките продукти паѓаат на нивото на земјата.

Исто така дрвото има штетни, дури и канцерогени материи, а зимно време имаме болни деца, алергии, грипови, па сето тоа не е добро за човековото здравје. Токму затоа централните системи за загревање во еден град или топлинските пумпи се најдобри. Климатизерите инвертери во принцип за еден киловат потрошувачка на електрична енергија обезбедуваат три киловати топлина, а кај обичните киловат потрошувачка и киловат се плаќа. Затоа ова со доделувањето клима-инвертери преку Министерството за животна средина е сосема оправдано. Гасот ќе биде иднината и во однос на создавањето на стакленичките гасови и во однос на намалувањето на загадувањето. Но граѓаните треба да имаат алтернатива какво греење ќе изберат за својот дом. Веројатно зимава секој ќе си направи сопствена анализа на што ќе му биде најисплатливо да го загрева својот дом – вели Константин Димитров, претседател на центарот за енергетска ефикасност МАЦЕФ.

Блиску сме до новите технологии на загревање, но далеку од нивното набавување

За д-р Ристо Цицонков, пензионираниот професор од Машинскиот факултет во Скопје, моментално најдобро загревање во домот се постигнува со топлинските пумпи клима-инвертери. Тој вели дека тие се произведени на база на нови технологии и се хит во целиот свет, а повеќе се купуваат за греење, отколку за ладење.
– Топлинските пумпи клима-инвертери во иднина ќе бидат едни од најпознатите начини на загревање, па веројатно ако се прави зграда, треба да се размисли дали објектот ќе има потенцијал за топлински пумпи и да се искористи можноста ако во близина има некоја фабрика што ја исфрла непотребната топла вода со температура од 20 Целзиусови степени. Тоа е истиот принцип на парното или таканаречено топловодно греење, кое не загадува и е практично. Обновливите извори на енергија се иднината, топлинските пумпи воздух-вода како радијаторско греење, односно централно греење. Инвестицијата е скапа, но помалку се плаќа потоа. За домаќинствата што користат дрво за огрев предност е цената, евтино е. Но затоа има доста мани, наутро треба да се запали шпоретот, треба да се чисти пепелта, значи доста се валка, потребен е простор да се сместат и да се подготват дрвата и слично, па затоа многу е подобро користењето пелети.

Се чини најдобро решение кај нас во моментов се клима-инвертерите и секако парното греење, за кое е лошо што се исклучува во 22 часот и потоа домот се лади. Јас би рекол што побрзо да се направи гасоводот и да пристигне гасот до домаќинствата за да се спречи загадувањето на воздухот. Ние мора да се приклучиме и кон европските директиви до 2050 година да се исфрлат од употреба фосилните горива. Исто така мора да се приклучиме кон што поголема енергетска ефикасност на објектите за да се овозможи и поголема заштеда на енергија. Граѓаните мора да ги имаат сите опции за избор, можности за загревање на домовите. Државата, пак, мора да најде механизми, како пониски царини, субвенции како во случајов со клима-инвертерите. За граѓаните мора да се наоѓаат поевтини начини за загревање – објаснува д-р Ристо Цицонков.
Но за голем дел Македонци се недостапни клима-инвертерите, а и немаат можност за приклучок дури ни кон системот на парно греење. Во Скопје, според Марко Бислимоски, претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, кон системот на парно греење се приклучени 54 илјади граѓани. Според Бислимоски, за нови и енергетско ефикасни станбени згради месечните сметки за парно за стан од 60 квадратни метри достигнуваат само 1.300-1400 денари, додека за оние што не се енергетски ефикасни трошоците се поголеми.

– Живеам во семејна куќа во скопската населба Радишани. И оваа година купивме мешано дабово и буково сечено дрво, по цена од 3.600 денари за кубик. Доколку не беа сечени, ќе мораше да ангажираме некој за сечење, за што се наплаќа по 150 денари од час, а 150 денари од час треба да се издвојат и ако се ангажира човек за цепење на дрвата. Трошиме од пет до седум кубика само за загревање на кујната и дневниот престој и дополнително плус електрична енергија за загревање на некоја од спалните соби. Гориме обичен шпорет, на кој истовремено и готвиме. Оние, пак, што имаат систем од парно греење на дрва за котелот трошат од 10 до 12 кубика, но загреана им е целата куќа. Пелетите се чиста работа, но за да се набави една печка, потребни се најмалку 40 илјади денари, а има печки и од 70 илјади денари. И за добар пелет треба да се плати поскапо, бидејќи има и лош пелет, кој има влага и се продава по цена од 160 до 190 денари. Некои велат дека клима-инвертерите се добра работа, но најпрвин треба да се купат, па да се бараат субвенции, а потрошувачката на струја месечно не е повеќе од 3.000 денари. Значи, ние за цела зима ќе потрошиме само за огревно дрво можеби и повеќе од 26 илјади денари, плус за струја, додека некој со клима-инвертер многу помалку. И оваа зима ќе биде така, секој ќе се грее со она за што може да плати – вели Михајло Серафимовски, вработен во угостителскиот сектор.
Дали со ваквиот став, идентичен за повеќето анкетирани граѓани, повторно домашниот буџет се судира со екологијата? И дали како и минатата година, и годинава жртва ќе биде животната средина?