Фото: Игор Бансколиев

За воено-политичките аналитичари многу е интересен моментот во кој толку висок функционер на воената алијанса, од условно кажано тајна средба на една лоби-група на моќни политичари и бизнисмени, пристигнува на средба со државниот и со воениот врв на нашата земја

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, утре (2 јуни 2019 г.) пристигнува во посета на нашата земја директно од состанокот на таканаречената неформална светска влада или организација Билдерберг, кој се одржа во швајцарското туристичко место Монтре. Средбите на оваа моќна и влијателна група, во која членуваат видни личности, се тајни и секогаш обвиени со превезот на мистеријата.

Безбедносната заедница во земјава имајќи ги на ум состојбите врз кои дејствува таинствената група Билдерберг, на геополитичко ниво ја отвора дилемата што Столтенберг точно ќе ни донесе во Македонија по тајниот состанок во малото швајцарско место Монте. Во контекст на актуелните случувања, за забележување е фактот дека првиот човек на Алијансата пристигнува во Македонија третпат за временски период не подолг од 12 месеци.

Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски во свој осврт на случувањата вели дека е многу интересен моментот во кој толку висок функционер на воената алијанса, од условно кажано тајна средба на една лоби-група на моќни политичари и бизнисмени, пристигнува на средба со државниот и со воениот врв на земјата.

– Случајно или не посетата на Столтенберг во земјава доаѓа веднаш по средбата на моќниците од Билдерберг во Швајцарија. Пораката од посетата што треба да ни ја донесе генералниот секретар на НАТО не е случајна, но ниту пак е транспарентна како досега. Моја претпоставка е дека тој на македонските власти меѓу другото ќе им ја пренесе подготвеноста на евроатлантското семејство да ја прими Македонија во сојузот, но и да им посочи некои информации што се актуелни во геостратегиската политика. Посетата во исто време ќе биде и во насока на дополнителна симболика и вредност на следниот самит на НАТО, кој се очекува да се случи во декември и до кој земјава треба да биде полноправна земја-членка на Алијансата – оценува Стефановски.
Аналитичарот, сепак, додава дека шефот во НАТО не доаѓа да спроведе тајни заговори туку практично да нѐ увери што ќе добиеме со нашето членство во сојузот.

Во исто време докторот на воено-политички науки, Благоја Марковски, во свој осврт за случувањата и за посетата на Столтенберг во земјава, вели дека на состанокот во Швајцарија на групата Билдерберг многу веројатно станало збор и за Северна Македонија и расположението во Брисел земјава да стане членка на НАТО. Според Марковски, на собирот во малото туристичко место во Швајцарија, на кој присуствувал и генералниот секретар на НАТО, не е исклучено членовите и учесниците на него да биле запознаени со степенот и развојот на одбранбената моќ на земјава.

– Колку што располагам со информации, Столтенберг не доаѓа во земјата единствено поради воената вежба што треба да се одржи на Криволак, иако примарните најавени активности во земјата ќе му бидат токму тие. Тој во исто време треба да увиди и со какви способности располага Северна Македонија. Овој заклучок го темелам на претходниот разговор што тој го имаше со министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, и темите за кои тогаш се дебатираше. Во исто време верувам дека посетата ќе му даде сигнал на македонското раководство да продолжи со реформите и кон осовременување на системот за одбрана, каде што тој, претпоставувам, и ќе даде одредени гаранции дека земјава до следниот самит на НАТО ќе биде полноправна членка – вели Марковски.

Во меѓувреме за обележување е дека истиот период кога шефот на НАТО ќе престојува во државата ќе се одржи една од најголемите воени вежби во нашата воена историја. Станува збор за досега најголемата вежба што се организира во нашата држава, „Одлучен удар“. На вежбата ќе учествуваат над 2.700 припадници на Армијата на Република Северна Македонија и на вооружените сили на САД, Црна Гора, Албанија, Бугарија и Литванија, соопшти неодамна Министерството за одбрана. На вежбата трупите од шест земји ќе треба заедно да изведуваат операции на здружени копнени и воздухопловни сили, комбинирани операции на конвенционална војска и специјални сили и борбени операции во урбан терен. На „Одлучен удар“ ќе учествува компонента од конвенционални сили со два баталјона механизирана пешадија на АРМ, два баталјони од 56-та Страјкер-бригада на Националната гарда на Пенсилванија, опремена со оклопни возила „страјкер“, артилериски баталјон со сили од Литванија и Црна Гора и македонски и американски хеликоптери. На гаѓањата, како што соопшти МО, ќе се користи „обична“, конвенционална муниција, но не и зрна со осиромашен ураниум. На денот за високи гости, на 17 јуни, над Криволак ќе прелетаат и два американски ловци „Ф-16“, но и стратегиски бомбардер „Б-52“, најавија од Министерството за одбрана на денешниот брифинг за вежбата.


Таинствениот Билдерберг дебатира за 11 теми, дали и за Македонија

Таинствената група Билдерберг и оваа година се среќава на годишен состанок, овој пат во швајцарското туристичко место Монтре. Состанокот започна на 30 мај и ќе трае до 2 јуни кога и треба да пристигне Столтенберг во Македонија, а на него ќе учествуваат околу 130 политичари, бизнисмени, познати новинари, банкари од 23 земји. Според организаторите на конференцијата, агендата на средбата вклучува 11 теми, меѓу кои се светската стабилност, климатските промени, сајбер-заканите, односите со Кина и со Русија, иднината на Европа и неизвесниот исход од брегзит, иднината на капитализмот и прашањето за етичност на вештачката интелигенција. На годинашниот собир ќе учествуваат многу звучни имиња од светската политичка и бизнис-елита, како што се Џаред Кушнер, зетот на американскиот претседател Доналд Трамп, Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО, бившиот државен секретар на САД, Хенри Кисинџер и други.

[email protected]