Новиот владин кабинет, без сомнение, реторички ќе ја поддржи реформата на владеењето на правото, само за да ѝ се додвори на Европа, но спроведувањето ќе остане предизвик. Делумно проблемите со корупцијата се поврзани со фактот дека постои трговија со меѓуетничкиот мир и доброто владеење, предупредуваат од „Форин полиси“

Постизборното тактизирање на партиите во Македонија се чини како воопшто да не ги олабави предизборната политичка напрегнатост и неизвесност во земјава, туку како дополнително да ги зголеми. Додека политичките чинители во Македонија се надигруваат, надмудруваат и пазарат со можностите за создавање парламентарно мнозинство и коалицирање во идната влада, европските медиуми, како „Форин полиси“, ги анализираат потенцијалите на таквата ситуација во контекст на македонските евроинтегративни предизвици. Во текстот со индикативен наслов, „И покрај ветувачките изборни резултати, земјата е подготвена да падне“, се прави пресек на позициите на политичките партии според изборните резултати и првиот заклучок е дека „од поблиска перспектива, успешната приказна во Северна Македонија е помалку убедлива. Ако ништо друго, изборите ја фрлија светлината врз реалните предизвици со кои се соочува земјата“.

„Форин полиси“ заклучува дека како резултат на „ребрендирањето“ на уставното име на земјата со Преспанскиот договор, на Македонија ѝ е „дозволено да влезе во НАТО како 30-та членка на организацијата“ и сега земјата е на работ на почетокот од разговорите за пристапување со Европската Унија.
– Поддршката за западните институции е голема. Завршувајќи ги работите, на 15 јули годинава, партијата на Социјалдемократскиот сојуз на Заев освои најголем дел од гласовите на жестоко оспорените избори, кои се одржуваа во услови на регионален ек на ковид-19. Партијата ќе има две пратенички места повеќе од нејзиниот главен ривал, десничарската партија позната како ВМРО-ДПМНЕ, и има фер шанса да ја води следната влада. Ова е добра вест и за ЕУ и за САД – се вели на почетокот од текстот.
Но веднаш потоа се констатира реалноста дека ВМРО-ДПМНЕ ја заврши трката „со секунда задоцнување“.

– Една од темите во кампањата на партијата беше незадоволството од договорот со Грција. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски и неговите приврзаници го избегнаа користењето на името „Северна Македонија“ за време на кампањата и тие ќе продолжат да го прават тоа во опозиција. Во истата насока се однесува ВМРО-ДПМНЕ и кога станува збор за напорите за решавање на долготрајните спорови со членката на ЕУ, Бугарија, која вршеше притисок врз Скопје за отстапки во однос на она што двете страни сега го нарекуваат „заедничка историја“, вклучувајќи го и наследството на историските личности што се слават во двете држави како национални херои – се наведува во анализата, додавајќи дека и ваквата национална реторика веќе не е ексклузива само на десницата, туку факелот го има преземено и новофакторизираната Левица со два пратеника.

Секако, не е изоставено и влијанието на албанскиот фактор во Македонија, односно враќањето на зголемениот потенцијал при формирањето на новата влада на ДУИ, која инсистира дека е време за првиот премиер Албанец, но и констатацијата дека „дури и ако ова е тактика за преговори, барањето може да ги засили етничките тензии“.
Скицирајќи ги партиско-националните позиции по изборите, сепак во анализата се нагласува дека „корупцијата, исто така, останува да предизвикува сериозна загриженост“, особено по пропаста на специјалното јавно обвинителство и скептицизмот во однос на државниот капацитет за справување со високата корупција и криминал, предизвикан од случајот „Рекет“, во кој еден од главните актери беше токму првата специјална јавна обвинителка.

– Во меѓувреме, новиот закон со кој се овластува јавниот обвинител да ги следи корумпираните политичари и нивните деловни врски, што законодавците во македонската влада го усвоија како предуслов за разговори за пристапување во ЕУ, допрва треба да ја докаже својата вредност. Новиот владин кабинет, без сомнение, реторички ќе ја поддржи реформата на владеењето на правото, само за да ѝ се додвори на Европа, но спроведувањето ќе остане предизвик. Делумно проблемите со корупцијата се поврзани со фактот дека постои трговија со меѓуетничкиот мир и доброто владеење. Поделбата на пленот во владата меѓу политичките претставници на етничките групи на земјата е клучна за моделот на Македонија, дури и пред Охридскиот рамковен договор од 2001 година, за уставна поделба на власта – се наведува во анализата на „Форин полиси“.

Во однос на европските перспективи на Македонија и приоритетите што треба да си ги постави новиот владин кабинет за преговорите за членство во Унијата, магазинот сепак констатира дека „заложбата на НАТО кон земјата не е во прашање, но траекторијата на ЕУ е причина за претпазливост“.
– Проширувањето веќе не е приоритет. За францускиот претседател Емануел Макрон, како и за другите лидери, прва е внатрешната консолидација, започнувајќи со реформата на еврозоната – оценува „Форин полиси“, а потоа наведува и еден детаљ од самитот ЕУ – Западен Балкан, кој се одржа во мај преку видеоконференција, каде што се зборуваше за „европска перспектива“, а не за членство – детаљ што не помина незабележано во регионот.
Врз основа на актуелниот постизборен пресек на состојбите во Македонија, се проценува дека земјата „има добри шанси да биде заглавена во преговорите во голем дел од претстојната деценија“ и се изразува загриженост дека „реформска ревност и подготвеност да ги исполни барањата на Брисел може да исчезнат како што поминува времето“.

– Засега Македонија игра по западното сценарио. Сепак, таа се бори во тешка борба, без лесна победа на повидок – заклучува „Форин полиси“.
Поаѓајќи од фактот дека, и покрај разликите во пристапот, за членството на Македонија во ЕУ и понатаму постои политички консензус во земјава, се поставува прашањето дали анализите на европските политички медиуми, освен како (про)оцена на состојбите, треба да се сфатат и како насока во креирањето на програмата на новата влада, кој и да ја состави.
– Анализата за Македонија во западните гласила обично објективно ја отсликува реалната ситуација, а таа по изборите не е баш розова. Изборите ништо не решија и земјата влегува во нова, подлабока политичка криза. Кој и да состави влада, таа ќе биде кревка и краткотрајна и нема да биде во можност да се соочи со ниту еден предизвик на внатрешен план: почнувајќи од пандемијата, која зема невиден замав, па до сериозните и длабоки реформи, кои се услов за напредок кон Унијата.

Неизбежни ќе бидат нови брзи избори, што значи дека во блиска иднина, земјата само ќе го губи времето – вели поранешниот македонски дипломат Ристо Никовски.
Во истиот контекст на прашањето, односно дали европските анализи за Македонија претставуваат некаков сигнал за идниот мандатар на македонската влада во креирањето на приоритетите на владината програма, Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европски политики, оценува дека сепак таквите анализи не се пишувани со амбиција да бидат некакви насоки или дискретни европски директиви.
– Анализите во европските политички медиуми за постизборните состојби во Македонија не би ги гледала како некоја насока, препорака од ЕУ, туку повеќе како освестувачка порака за неизвесностите и предизвиците пред Владата што допрва ќе се формира – смета Симонида Кацарска.