Каде потфрла децентрализацијата

135
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Градоначалниците на општините, но и експертите за локална самоуправа тврдат дека на општините првенствено им е потребно повисоко ниво на фискална децентрализација, како и децентрализирање на капиталните инвестиции што во моментот се финансираат директно од министерствата, а не само делегирање обврски и надлежности. Круцијална е исто така проблематичноста на административно-територијалната поделба направена на вештачки начин, без почитување на принципите на природни (економски, социолошки итн.) заедници, па некои од општините станаа сосема нефункционални локални заедници…

Како до поголема ефикасност на локалната самоуправа

Децентрализацијата е еден од главните инструменти на демократијата за заштита на човековите права и слободи. Но овој принцип значи и да се осигурат способни и одржливи единици на локална самоуправа. Од една страна, тие да бидат финансиски одржливи, но исто така да се протегаат во рамките на она што претставува заедница во реална смисла на зборот (социолошки определена заедница), а не заедница неприродно (административно-политички) поставена со помош на одреден закон.

Во однос на првата круцијална точка, имено финансиската одржливост, Законот за финансирање на локалната самоуправа требаше да даде можности за остварување нови функции преку фискална децентрализација и редистрибуција. Но дали се случи тоа?
Втората крупна гореспомената работа е територијалната поделба што се случи со Законот за територијална поделба. Тоа имаше цел да ги регулира „обемот и конфигурацијата на општините заради обезбедување капацитет за извршување на нивните функции“. Но, според досегашното искуство, тоа потфрли во целост. Вештачки направената поделба не доведе до унапредување на квалитетот на локалното население, а со измената на етничката структура на населението се генерираа уште повеќе проблеми: од селективност за почитување на законите и прописите, сегрегација и конфликти меѓу етничките ентитети по различни основи, па до стопанско, трговско-комерцијално и економско сепарирање, што и длабоко финансиски се одразува на буџетот на локалните самоуправи.

Декада и половина во процесот на децентрализација

Повеќе од 15 години Македонија ја спроведува својата програма за децентрализацијата на локалната власт од централата, а во периодот од декада и половина во спроведувањето на овие реформи, властите неодамна најавија нова етапа на процесот.
Имено, пред помалку од еден месец министерот за локална самоуправа Горан Милевски најави нова програма за локален развој и децентрализација 2021-2026 година, за која, како што рече, во моментов се одвива широк консултативен процес, во кој учествуваат претставници на надлежните министерства, институции и граѓанскиот сектор.
Милевски истакна дека Владата покажала политичка подготвеност за продолжување на процесот на децентрализација и финансиско консолидирање на општините.
Според него, таа ќе овозможи подобрување на локалните административни услуги преку поголема дигитализација, подобрување на комуналните услуги преку поголемо инвестирање во комуналната инфраструктура и подобрување на функционалноста на јавните комунални претпријатија, како и подобрување на социјалните услуги преку редефинирање на блок-дотациите.
За потсетување, процесот на децентрализација почна во јуни 2005 година и оттогаш таа се одвива фазно. До крајот на 2011 година сите општини во Македонија преминаа во втората фаза од фискалната децентрализација, односно ги вршат работите на администрирање и финансирање на (децентрализираните) надлежности во културата, образованието, детската и социјалната заштита.
Од Министерството за финансии соопштуваат дека во општините постојано се подобрува наплатата на сопствените приходи, особено на даноците на имот.

Градоначалниците имаат реална потреба од динамизирање на децентрализацијата и одредени законски измени

Во меѓувреме, градоначалниците од власта и од опозицијата за медиумите говорат на темава дека останува уште многу работи да се подобрат за да се финализира поставениот долгорочен план на државата.
Градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски, кој е од редовите на владејачката партија, во својата изјава на темава вели дека првенствено е потребно повисоко ниво на фискална децентрализација на општините, а не само делегирање надлежности, како и децентрализирање капитални инвестиции, кои во моментот се финансираат директно од министерствата.
Градоначалникот на Кавадарци, пак, Митко Јанчев, во своето последно интервју подвлече дека децентрализацијата не покажала поместувања напред, ниту во делот на финансирањето, ниту во однос на ингеренциите на општината.
– Општо мислење е дека треба да се зголемат приходите од ДДВ и да се зголемат приходите на општината, ама тоа да не биде за основен расход, односно буџетски плати и непродуктивно трошење средства. Треба длабока анализа за тоа колкав треба да е основниот процент на вработување, а другите средства општината да ги наменува за инфраструктура и подобар живот на граѓаните – изјави Јанчев.

Експертите предлагаат нова административно-територијална поделба и укинување на некои општини

Политичките аналитичари во своите коментари за оваа тема тврдат дека децентрализацијата е медал со две страни, што има свои позитивни и негативни страни.
Политичкиот аналитичар Синиша Пекевски смета дека процесот на децентрализација се спроведува многу долго, но иако тој има свои позитивни аспекти, сепак со себе носи и одредена доза нелогични решенија.
– Во моментов во Македонија имаме 82 општини, од кои голем дел фигурираат само на хартија. Тие се економски немоќни да спроведат ништо, а парите што се плаќаат од државата за нивните плати се само минус на контото на државата – вели Пекевски.
Тој подвлекува дека политичката потреба за постоењето на некои општини е разбирлива само за партиите, бидејќи таму ги вдомуваат своите членови и функционери, но практичната потреба за нив е нелогична.
– Има општини каде што администрацијата во нив прима само плата и не може да спроведе никаков проект, но има општини што се навистина носител на потребите на граѓаните, кои имаат свои буџети и кои ги реализираат сосема солидно целите за кои се гласани. Па, оттука, јас верувам, без да именувам одредени непотребни малобројни општини, дека тие треба да се укинат. Односно да имаат свој администратор, а да се припојат на поголемите и функционални локални заедници. На овој начин ќе стигнеме до практичност на администрацијата во општините и до можноста локалната власт да стане ефективна за гласачите во малите места – резимира Пекевски.

Измената на општинските граници направи домино-ефект?

Сега, декада и половина подоцна, се отвораат низа прашања што донесе измената на општинските граници и какви сѐ реперкусии има токму од последниот Закон за административна поделба на локалната самоуправа. Низа експерти во своите искажувања потврдуваат дека „вештачки направената поделба не доведе до унапредување на квалитетот на живеење на локалното население“. Напротив, тие имаат многу тешкотии во решавањето на нивните секојдневни проблеми, почнувајќи од образовни, здравствени, административни, па до економски и инфраструктурни, па и културни и спортски нерешливи проблеми. Во изминатиот период, поради вештачки направената територијална поделба, измената на етничката структура на населението, а следствено на тоа и во органите на управување во администрацијата на локалните единици на самоуправата, има низа сѐ пофреквентни показатели на понеквалитетен живот на локалното население по однос на прашањата на локалната самоуправа, а сѐ почесто непочитување на законите и прописите, конфликти и судири меѓу етничките ентитети по различни основи, не се почитуваат симболите на државата, се организираат насилни демонстрации и протести, физички напади и малтретирања на граѓани итн. На пример, во Струга владее големо беззаконие, се градат дивоградби на секој чекор, се менува етничката структура на градот. Истото тоа се случува и во општината Кичево, со промената на општинската администрација и отвореното залагање на новиот градоначалник за регионализација и припојување на општината на една соседна држава. Обраќањата на градоначалникот на таа општина се исклучиво на албански јазик, а за време на прославата на неговата победа се направи обид да се симне државното знаме од јарболот на централната улица во градот, се уништуваа билборди и кинеа платна на кандидатот за градоначалник на Кичево од македонска националност, се викаа погрдни пароли и извици против Македонците, се вееја големи знамиња на туѓа држава – Албанија… Сѐ посилен е впечатокот дека оваа територијална поделба на државата е инструмент за спроведување политики што се далеку од унапредување на локалното живеење на граѓаните во тие општини. Сѐ помалку се води грижа за секојдневните потреби на луѓето, а управувањето на општините води кон нешто сосема друго: регионализација на единиците на локалната самоуправа, и тоа само по етничка основа, а потоа и федерализирање на државата и промена на карактерот на унитарноста на државата, која беше еден од основните постулати на Охридскиот договор.
Поради ваквите последици, треба да се иницираат расправа и дијалог за промени со донесување нов закон за територијална поделба, во кој би се исправиле барем некои од неправдите нанесени од спроведувањето на сегашниот закон, најочигледни во Струга, Кичево и во Скопје, но, секако, без занемарување и на Тетово и Гостивар.

[email protected]