Фото: Игор Бансколиев

Пругата Битола – Лерин изградена, но и Македонците и Грците го поставуваат
истото прашање

Многу симболика има(ше) во неодамна одиграната театарска претстава „Возот“, која во клубот „Јагода“ на железничката станица во Битола ја одиграа младите актери на Интимниот театар од Битола. Интересно е што идејата да се одигра една ваква претстава дојде од културната организација од Грција „Дрезина“, од градот Верија. Во неа беа вклучени седум града од Грција и еден од Македонија: Солун, Александрија, Негуш, Воден, Вртикоп, Суриовичево, Лерин и Битола.
Истата вечер кога се играше претставата во Битола, во истиот час, но со еден час разлика по грчко време, такви претстави се играа и на железничките станици во сите други седум града во Грција.

Порака за потсетување на македонските и на грчките власти да почне да сообраќа возот на релацијата Битола – Лерин – Солун

Преку оваа претстава, младите актери на симболичен начин се обидоа уште еднаш да испратат порака и да ги потсетат македонските и грчките власти за потребата конечно да почне да сообраќа возот на релацијата Битола – Лерин – Солун.
Хроничарите запишале дека пругата Битола – Солун, која почнала да се гради во 1891 година, била изградена до 1894 година, за само три години. По нејзината изградба, железничкиот сообраќај на релацијата Битола – Солун, сѐ до Балканските војни, функционирал мошне добро. Возрасните се сеќаваат дека до распаѓањето на Југославија, со одредени прекини, битолчани на шопинг во Лерин одеа со воз, кој сообраќаше на релацијата Битола – Лерин. Но по распаѓањето на некогашната држава, возот што сообраќаше на оваа релација беше ставен на спореден, а подоцна по независноста на Македонија, на слеп колосек и оттогаш тој повеќе воопшто не сообраќа на оваа релација.
Надежта дека битолчани ќе можат со воз да патуваат од Битола за Лерин и Солун се врати пред повеќе од шест години, кога во 2015 година почнаа градежните работи за изградба на железничката пруга Битола – Лерин. Но дека со изградбата на оваа пруга нема сѐ да оди толку лесно се покажа мошне брзо, кога градежниот бугарски конзорциум што го доби тендерот да ја изгради пругата замина во стечај, оставајќи ги со прстот в уста големиот број битолски подизведувачи.

Конзорциум од бугарски фирми изгради само еден километар од делницата и без објаснување прекина со работите

Пругата Битола – Кременица – Лерин се најавуваше десетина години. Претходната власт ја означи изградбата на оваа делница уште во јануари 2015 година, а градежните работи требаше да завршат во јули 2016 г. Но конзорциумот од бугарски фирми, кој го доби тендерот, изгради само еден километар од делницата и без никакво објаснување прекина со работите, останувајќи им должен на фирмите подизведувачи околу еден милион евра. Работниците на кои конзорциумот не им исплати за сработеното, ги прекинаа сите активности на пругата во август 2016 година.
Потоа Министерството за транспорт и врски го раскина договорот поради неисполнување на условите, а државата води судски спор со бугарскиот конзорциум. На новиот тендер во 2017 година беше избрана австриската компанија „Штрабаг“, која доби рок да ја заврши изградбата на 18-километарската делница до октомври 2018 година. По речиси две години застој и прекин на работите, во 2019 година министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, заедно со градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, ги најави скорешното завршување на железничката пруга Битола – Лерин и нејзиното пуштање во употреба.
– Сите проблеми се надминати, изградбата на пругата е целосно завршена, сега останува уште поставување на електричните столбови, што треба да се реализира скоро, а пречка беа лошите временски услови. Веднаш штом дозволи времето и тоа ќе заврши. Пред неколку дена инспекции од Европската Унија извршија надзор, од наша страна беше презентиран прогресот на активностите пред нив и тие заминаа задоволни. Денеска извршивме увид на градежните активности што се одвиваат тука на железничката пруга Битола – Кременица. Станува збор за исклучително важен капитален проект, не само за Битола туку комплетно и за Пелагонискиот Регион, вклучувајќи и за Република Македонија.

Јас се надевам дека овој пат, како што сум информиран, роковите за изградба на пругата ќе бидат испочитувани од изведувачите. Во согласност со роковите, очекувам дека до крајот на ноември, овој проект да биде комплетно завршен со цел да направиме поврзување на Пелагонискиот Регион со Солунското пристаниште, да го зајакнеме економскиот капацитет на овој регион, вклучувајќи и на индустриската зона Жабени, преку овозможување полесен транспорт на стоки и услуги на сите компании што ќе бидат во самата зона – изјави тогаш министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.
На неговите зборови се надоврза и тогашниот вицепремиер Кочо Анѓушев, кој потенцираше дека станува збор за проект со многу технички проблеми и тешкотии во изведбата, особено поради претходниот изведувач што не ги заврши работите.
– Вложивме голем напор за да се надминат проблемите, како од технички така и од финансиски аспект. Железничката пруга со сите свои сегменти ќе биде завршена до крајот на оваа година. Целокупните градежни работи се завршени, останува да се надеваме дека до Нова година ќе ги видиме и првите возови како ќе поминат низ оваа пруга – беше оптимист и Анѓушев.
Тие денови беше најавено дека битолчани за Нова година ќе можат да одат во соседниот град Лерин со воз. Но иако пругата е изградена, сепак возот не тргна таа Нова година за Лерин.

Возот Битола – Лерин – Солун сѐ уште стои на слеп колосек

Тој и сега, по две години од изградбата на пругата, сѐ уште стои на слеп колосек.
Причините за новото пролонгирање на пуштањето на возот беа што наводно сѐ уште не бил направен технички прием, како и поради временските непогоди поради кои не можело да се постави електричната инсталација. Во меѓувреме, и покрај тоа што се подобрија временските услови возот сѐ уште не е тргнат за Лерин. Иронијата да биде поголема, иако е изградена, сѐ уште официјално во употреба не е предадена ни железничката станица во Битола.
Сега, откако функционерите се изгореа на неколкуте дадени оптимистички изјави никој не сака да прогнозира кога од железничката станица во Битола ќе тргне патничкиот воз за Лерин.
Инаку, проектот за изградба на железничката пруга Битола – Лерин е финансиран од државниот буџет и од средства од европските фондови. Станува збор за проект што чини 17,2 милиони евра, од кои шест милиони се ИПА-средства, а 11 милиони евра се од буџетот.