И смртта и оживувањето – дел од специјална војна

165
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Според експертите, асиметричен конфликт е судир меѓу две сили т.е.
противници што, очигледно, се судираат во војувањето на сите можни полиња вбројувајќи ги тука и војната со информации и пласирањето лажни вести.
Дали и Македонија може да биде дел од една ваква асиметрично-специјална информативно-тактичка војна

Случајот со лажираната смрт, па потоа и „воскреснувањето“ на рускиот новинар и критичар на Кремљ, Аркадиј Бабченко, е само еден од серијалот тактичко-оперативни методи што ги користат безбедносните служби за да креираат некаква друга реалност, која во дадениот миг ним повеќе им одговара и се користи во современиот свет за водење специјална војна меѓу државите што имаат отворени спорови. Притоа за постигнување на поставената цел не се избираат средства, па дури како во случајот „да ликвидираат или да оживеат човек“.
Оваа е констатацијата на безбедносните експерти со кои се консултиравме од земјата и од регионот, по последниот случај со наводното убиство на рускиот новинар и критичар на Кремљ, Аркадиј Бабченко.

По случајот што го обиколи светот, шефот на Службата за безбедност на Украина (СБУ) изјави дека рускиот новинар е жив и дека целиот настан со неговото „убиство“ бил специјална операција.
– Ние спречивме обид за убиство на Бабченко со спроведување специјална операција – изјавија првите луѓе на СБУ на брифингот во Киев.
Од друга страна, Александар Бортников, шеф на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), рече дека украинските обвинувања за заговор за ФСБ „биле глупости и провокација“, додека, пак, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, случајот го карактеризираше како дел од кампањата против Русија.
Во меѓувреме, новинарските меѓународни организации, „Репортери без граници“ и Европската федерација на новинари (ЕФН) остро ја осудија „тажната“ симулација со наводната смрт и „воскреснувањето“ на Аркади Бабченко велејќи дека за нив ова е неприфатлива лага и манипулација со јавноста.
За новинарските организации ова е „уште една етапа во информативната војна“ помеѓу Киев и Москва.

Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски, случајот со „смртта и воскреснувањето“ на новинарот Бабченко, го дефинира како пример од книгите каде што јасно се гледа на терен употреба на концептот на асиметрично-специјална информативна војна.
Според Стефаноски, во суштина, концептот на асиметријата во војна не е ништо ново и тој постои откога постои и самото војување меѓу државите.
Стефаноски вели дека асиметричен конфликт е судир меѓу две сили т.е. противници, како на пример Русија и Украина што, очигледно, се судираат во војувањето на сите можни полиња вбројувајќи ги тука и војната со информации и пласирањето лажни вести.
– Карактеристично за асиметричен конфликт е дека никогаш не се знае кој ќе победи, бидејќи секој може да ги искористи неговите слаби страни против него. Во конкретниот случај, верувам дека дезинформацијата требаше да претставува поен кај меѓународната заедница за Украина против Русија. Но, тоа не испадна така – вели Стефаноски.
Експертот смета дека до овој момент, специјалната војна сè уште не се користи како официјален термин во ниедна воена доктрина, но има потенцијал да биде прифатен како нова фаза во еволуцијата на војувањето.

– Да се планира за хибридна војна значи да се планира за реална, модерна војна со сета комплексност. Војските обично не се подготвуваат за повеќе видови војни одеднаш, пред сè поради рестрикции во буџетот и моментална процена на заканите од опкружувањето. Размислување околу хибридноста на војната е потребно бидејќи во денешните економски услови сè потешко е да се убедат креаторите на политиката да одобрат соодветен буџет за војската, а тоа најлесно се врши со пласирање лажни вести – вели аналитичарот.
Стефаноски истакнува дека фингираните настани што имаат лажна основа и во минатото биле употребувани во слични конфликти меѓу државите.
Тој како пример, каде што медиумите биле дел од државните апарати, го истакнува случајот во 1977 година кога Карл Бенрстин, еден од двајцата од аферата „Вотергејт“, со својата новинарска работа разоткрил дека дури 400 новинари и уредници во САД работеле за ЦИА, фабрикувајќи информации.
Аналитичарот потсетува дека и пред нешто повеќе од 100 години, пред крајот на Првата светска војна, британскиот премиер Дејвид Лојд Џорџ му се доверил на уредникот на весникот „Манчестер гардијан“ за „патриотската“ улога на медиумите велејќи му „доколку луѓето ја дознаат вистината за војната, таа може да биде запрена уште утре. Но, се разбира, тие не ја знаат и не треба да ја дознаат“.

Сѐ додека се бијат копјата на големите сили за нашиот дел од светот, ние уште којзнае колкупати ќе бидеме сведоци на публикување дезинформации како во сегашното украинско сценарио. Во оној момент кога ќе се стабилизира Балканот и ќе се затворат сите поголеми прашања, сигурен сум дека специјалната војна на информации ќе исчезне истовремено, тврдат нашите соговорници

Белградскиот безбедносен експерт Александар Бечиќ вели дека времето во кое живееме денес, за разлика од минатото, е соочено со сериозни искушенија и опасности, а значаен придонес за оваа состојба имаат некои од медиумите и одработувачите на пропагандата во нив.
– Тие на публиката, на јавноста, во зависност од тоа на која страна на паричката ѝ припаѓаат ѝ сервираат очила со кои реалноста се прикажува низ призмата на интересите на државата или центарот на моќта што ги финансира – вели Бечиќ.
Според него, вакви примери како украинскиот на Балканот сме гледале многупати за време на војните во Југославија.
– Некогаш невистините беа публикувани од центрите на моќ на Западот, а некогаш и од државата што им се спротивставуваше. Класичен пример за тоа беше бомбардирањето на НАТО врз тогашна СР Југославија каде што информативната војна со Алијансата ја доби РТС, но таа, за жал, поради успешното сузбивање на дезинформациите за време на немилите случувања беше бомбардирана – вели Бечиќ.
Тој објаснува дека слични примери имало од Словенија па сѐ до Македонија во 90-тите, но информативната војна сѐ уште е активна и денеска во целиот регион.

– Сѐ додека се бијат копјата на големите сили за нашиот дел од светот, ние уште којзнае колкупати ќе бидеме сведоци на публикување дезинформации како во сегашното украинско сценарио. Во оној момент кога ќе се стабилизира Балканот и ќе се затворат сите поголеми прашања, сигурен сум дека специјалната војна на информации ќе исчезне истовремено – резимира Бечиќ.
Интернет-порталот „Геополитикал њуз“ на слична тема пишува дека светот има долга историја за лажни причини за почнување војни, но и дополнителни разгорувања на веќе отворени конфликти.
Порталот потсетува дека пред неколку месеци западните држави, бомбардираа цели под контрола на сириската влада, наводно, во знак на одмазда за наводниот напад со хемиско оружје, кој беше спроведен во градот Дума, а како чин беше негиран од Русија и од Иран.
Интернет-страницата во својот текст пренесува изјава од Питер Форд, поранешен британски амбасадор во Сирија во која тој истакнува дека „многу веројатно“ наводниот напад со хемиско оружје не се случил, а видеото и информациите што ги користат како доказ САД и нивните сојузници ги фалсификувале.
„Геополитикал њуз“ прави листа на настани што имаат слична заднина како во сирискиот пример.
Можеби најпознат од сите примери беше во деведесеттите кога медиумите регистрираа трогателно сведочење пред Конгресот на 15-годишна кувајтска девојка, идентификувана само како Наира, која беше искористена за да се продаде приказната на американскиот народ за потребата од почеток на Првата заливска војна во октомври 1991 година. Според тогашните приказни, емоционалната изјава на Наира пред Конгресот, како сведок на ѕверствата на ирачките војници, кои наводно земале бебиња од инкубатори и ги оставале на подот за да умрат. Во приказната во тоа време, Американците не знаеја дека Наира е ќерка на кувајтскиот амбасадор во САД и таа била тренирана од страна на американската пиар-фирма „Хил“ и Кноволтон околу деталите за лажно сведочење, кои биле искористени за да се почне војната против Ирак во 1991 година, пишува „Геополитикал њуз“.

Медиумот го наведува и примерот со т.н. „Операција Нортвуд“.
– Во 1960-тите, американските воени лидери дизајнираа планови за бомбардирање на американските градови за да се обвини пред меѓународната заедница кубанскиот лидер Фидел Кастро, за да предизвика јавна и меѓународна поддршка за американскиот евентуален воен ангажман во Куба, кој никогаш не се случи – пишува порталот.
„Геополитикал њуз“ како уште еден историски пример со слична заднина го истакнува и случајот познат под името „Заливот Тонкин“, преку кој се добила поддршката за американско воено ангажирање во Виетнам.