И Заев и Мицкоски најавуваат формирање влада

439
Фото: Маја Јаневска-Илиева

По конститутивната седница на Собранието, изјави дадоа лидерите на СДСМ, Зоран Заев, и на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
Во својата изјава лидерот на СДСМ, Заев, се осврна на опциите за формирање парламентарно мнозинство, како и на изнесување на принципите за коалицирање за формирање влада. Според Заев, СДСМ ги започнува и е отворена за преговори со двете опции од албанскиот блок партии (ДУИ и Алијанса/Алтернатива, плус ДПА), но со почитување одредени принципи. Пред сѐ, принципите се поставени за надминување на национализмот, политичките суети, прифаќање на прочистување на судството, но и проверка и преиспитување на парите и имотот на политичарите, како и расчистување со каква било криминална поврзаност. Заев верува дека ќе формира влада со поддршка од стабилно мнозинство, која ќе функционира 4 години, но најави дека ќе има и намалување на министерствата во идната влада. Исто така, не ја отфрли како можност за разгледување идејата за ротирачки премиер, но и истакна дека за премиер сепак е потребно мнозинство во парламентот, а со 15 пратеници не може да се претендира на премиерска позиција.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, уште на почетокот на своето обраќање пред новинарите изјави дека по 30 години ова биле најкорумпирани избори, за кои претходната власт потрошила 1 милијарда евра за изборен поткуп.
И Мицкоски кажа дека во наредните дваесетина дена ВМРО-ДПМНЕ ќе се насочи кон преговори за формирање парламентарно мнозинство за формирање влада, на која приоритет ќе ѝ биде стабилизирање на економијата, расчистување со криминалот и корупцијата, но и справување со предизвиците на пандемијата и во образованието. На новинарско прашање дали пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ е компактна, Мицкоски изјави дека за него политиката не е пазар, туку филозофија и дека е уверен оти овој пратенички состав на партијата нема да поддржи политичка програма на спротивниот табор, односно нема да се повторат искуствата од претходниот пратенички состав на неговата партија. И Мицкоски смета дека на Македонија ѝ е потребна стабилна влада со четиригодишен мандат на реформска влада, но дека тоа нема да биде СДСМ.