И двојните државјанства чекаат попис?

455
Фото: Игор Бансколиев

Деновиве бугарскиот европратеник Андреј Ковачев посочи дека повеќе од 150.000 граѓани на Македонија имаат бугарско државјанство или се во процес за добивање такво државјанство, а меѓу нив има и членови на раководството на двете најголеми македонски партии, дипломати, бизнисмени, водечки новинари, универзитетски професори итн. Државните институции во Македонија, пак, не водат евиденција ниту пак посочуваат точна бројка на македонски државјани што имаат двојно државјанство и пасоши на други земји

Има ли веродостоен податок колку македонски државјани поседуваат двоен пасош и кои институции ја евидентираат оваа појава? Овие дилеми станаа актуелни во домашната јавност по изјавата на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев, кој побара властите во Софија јавно да ги објават информациите за тоа колку Македонци поседуваат бугарски пасош.
Имено, пратеникот Ковачев изјави дека бугарските власти треба да ги објават имињата на сите македонски политичари, новинари, професори што имаат бугарски пасоши, а се дел од антибугарската пропаганда во Македонија.
– Во моментов има повеќе од 150.000 граѓани на Македонија што имаат бугарско државјанство или се во процес за добивање такво државјанство. Ова е сторено врз основа на докажување на нивното бугарското потекло, како потомци на Бугарите и врз основа на декларација за бугарски идентитет. Всушност, сите овие луѓе се изјасниле дека се чувствуваат етнички Бугари и дека нивните родители и прабаби и дедовци се исто така етнички Бугари. Меѓу нашите сонародници има и многу поранешни и сегашни политичари, поранешни премиери, поранешни и актуелни министри, градоначалници, пратеници од претходните и сегашниот состав на Собранието (некои од нив гласаа против договорот за пријателство со Бугарија!), членови на раководството на двете најголеми партии, дипломати, бизнисмени, водечки новинари, универзитетски професори, нивните семејства. Далеку сум од илузијата дека сите овие луѓе се искрени во искажувањето на својата бугарска припадност. Некои од нив дури се и лидери на групите што шират омраза кон Бугарија. Колку и да ми е чудна оваа шизофренија, таа е факт – изјави европратеникот Ковачев.
Во меѓувреме, нашиот весник, со намера да ги разбистри и разјасни сите дилеми во однос на поседувањето двојни државјанства, се консултираше со универзитетски професори и побара став од државните институции.

Во контекст на актуелните случувања, универзитетскиот професор на правниот факултет Калајџиев Гордан вели дека македонскиот устав дозволува нашите граѓани да поседуваат втор пасош.
Професорот додава дека генерално нашите институции би требало да се грижат и да водат евиденција за тоа колку од нашинците поседуваат уште едно државјанство.
Калајџиев објаснува дека институциите поседуваат и т.н. регистар на македонски државјани, кој би требало редовно да се евидентира, иако не му е познато дали ваквата работа се врши ажурно од државните власти во практиката.
Во меѓувреме, побаравме информации на темава и од надлежните во Министерство за внатрешни работи и од Управата за водење матични книги при Министерството за правда, односно ги прашавме дали државата води евиденција за тоа колку македонски граѓани поседуваат пасош на трети држави.
Во сублимиран заклучок од изјавите на државните институции во Македонија не се посочува точна бројка на македонски државјани што денес имаат пасоши и на трети земји.
Катерина Битровска од Управата за водење матични книги изјави дека Министерството за внатрешни работи е законски должно да ги евидентира државјанствата и патните исправи на граѓаните, бидејќи управата водела евиденција единствено за матичните книги на родени, венчани и умрени.

Тони Ангеловски, портпарол на МВР, вели дека полицијата нема такви податоци, бидејќи лицата со двојно државјанство немаат обврска да го пријавуваат другото државјанство во службите во МВР.

Во недостиг од точни податоци, по прашањето на пример колку Македонци имаат бугарски пасоши, или пасоши на други држави, останува само да се лицитира со различни неофицијални бројки или, пак, како што најави бугарскиот европратеник, да чекаме други да ја објават листата на наши сограѓани со друго државјанство. Она што е можеби најиндикативно во целата приказна со двојните државјанства е посочувањето личности што се на високи и одговорни позиции во државата, а тоа, пак, отвора редица дилеми од друга природа.
Една од нив е кон која држава овие таканаречени ВИП-личности се повеќе лојални?!

Фото: Игор Бансколиев

Како е во другите држави?

Американскиот магазин „Форбс“, анализирајќи ја темава, истакнува дека во светот постојат држави што дозволуваат двојно државјанство и такви што не дозволуваат, но интересни се оние ситуации во кои функционер на една земја поседува повеќе пасоши.
Магазинот запрашува дали двојните државјани, ако се функционери, имаат конфликт на лојалност во одлучувањето.
Како пример се посочува поранешниот грузиски претседател Михаил Саакашвили, кој истовремено има и украинско државјанство, и кој честопати бил критикуван во јавноста поради сомнителни одлуки што ги погодувале релациите на двете земји чиј државјанин е.
Во анализата се посочува и долгогодишниот сенатор на Тексас Тед Круз, кој истовремено е и канадски државјанин, а извршува висока државничка позиција во САД. Сепак, според магазинот, токму Круз во 2014 година се откажал од канадското државјанство бидејќи во медиумите била доведена во прашање неговата лојалност кон Америка.
„Форбс“ ја завршува својата анализа со констатацијата дека двојното државјанство е атрактивно и демократско поради повеќе причини, но има и одредени ситуации во кои не би требало да се толерира од државите, а како таква се наведува државната функција.
Во меѓувреме, според интернет-истражувања, двојното државјанство е дозволено во повеќе европски држави, но има и такви како Австрија, Естонија, Литванија, Холандија, Норвешка и Словачка, кои не дозволуваат ваква можност.


Морален и етички проблем околу лојалноста

За потсетување, од македонска перспектива на случувањата, пред десетина години, поточно во 2008 година, тогашните пратеници во Собранието на Македонија, Јован Манасиевски и Андреј Жерновски од Либерално-демократската партија, поднесоа амандман, кога се внесуваа измени во Изборниот законик, со кој се бараше на избраните и именувани функционери да им се одземе правото, освен македонско, да поседуваат и државјанство на друга држава.
Амандманот тогаш не беше изгласан, но пред гласањето имаше жестока дискусија во врска со оваа тема.
– Кога и денес би бил пратеник во Собранието, повторно би го поднел истиот амандман. Не гледам логика, ниту од политички, ниту од морално-етички аспект, во повеќекратните државјанства на функционери што заклетвите за своите функции ги положуваат во Собранието. Не знам како некој политичар со двојно државјанство може да биде лојален граѓанин и да ги штити интересите на државата во која е функционер? Притоа не мислам на функционери во државна администрација, но сметам дека носители на функции што се државнички, никако не смеат да бидат државјани на повеќе земји. Двојното државјанство на избрани и именувани функционери во принцип е компромитирано и остава сомнеж дека нема да им бидат приоритетни интересите на државата во која се избрани и именувани. Секако, тоа е пред сѐ морален и етички проблем на македонските политичари, а за јавноста дилема – на која држава ѝ се (по)лојални – посочува Жерновски.

[email protected]