И Грците бараат референдум за Договорот од Преспа

112

Префектурите и општините од северниот дел на Грција бараат да се распише референдум во земјата за Договорот од Преспа, „за да им се даде на граѓаните законското право да го одобрат или отфрлат“.

На вчерашниот проширен состанок во Солун, организиран од Регионалниот совет на Централна Македонија, со присуство на градоначалници и претставници на општинските совети од грчката област Централна Македонија, претседатели на здруженијата на општини од цела Грција, со присуство на митрополити, претставници од коморите и Универзитетите, беше издадена резолуција која ќе биде доставена до грчката влада и до политичките партии.

– Договорот од Преспа (17.06.2018) претставува многу сериозен дипломатски и национален пораз и е штетен за интересите и иднината на земјата и грчките граѓани. Ниту една грчка влада во минатото не призна „македонска“ националност или „македонски“ јазик, кои што се коренот на иредентизмот на нашите соседи – пишува во резолуцијата.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, локалните власти од грчката област Македонија, велат дека не се согласуваат со Договорот, ги повикуваат владата и политичките партии да не го ратификуваат и најавуваат иницијативи како во, така и вон границите на Грција „за да се известат јавноста, лидерите на странските земји и шефовите на меѓународните организации за прашањето со Скопје“.

– Бараме од владата да одржи референдум за „Договорот од Преспа“ за да им се даде на граѓаните законското право да го ратификуваат или да го отфрлат овој договор што се однесува на важно национално прашање, на историјата и на културата на Грција – пишуваат локалните власти во резолуцијата.

На вчерашната седница учествуваа 258 претставници на локалната самоуправа од Северна Грција, 15 митрополити и 90 претставници на различни институции, а на присутните, меѓу другите, им се обратија префектот на регионот Централна Македонија, Апостолос Ѕиѕикостас, претседателот на Централната унија на општини од Грција, Јоргос Патулис, но и Апостолос Андонудис, член на извршниот комитет на Регионалната унија на општини од Централна Македонија и претседател на компанијата „Егнатија одос“, која го менаџира истоимениот автопат чиј говор предизвика реакции.

Имено, Андонудис, според грчката новинска агенција, рекол дека присутните од него ќе слушнат поразличен став, потенцирал дека и во терминот ПЈРМ е вклучено името Македонија веќе 30 години и „сите се правиме дека не го разбираме тоа“.

– Политичката стабилност на новата држава не е само во интерес на самата земја и нејзините граѓани, туку е во интерес и на нашата земја – објаснил Апостолос Андонудис, член на извршниот комитет на Регионалната унија на општини од Централна Македонија и претседател на компанијата „Егнатија одос“.

Префектот на областа Централна Македонија, Апостолос Ѕиѕикостас и претседателот на Централната унија на општини од Грција, Јоргос Патулис, ги изразија нивните несогласувања во однос на Договорот од Преспа.

– Ниту во еден момент нема да запреме да ги истакнуваме историскиот и грчкиот карактер на Македонија. Не прифаќаме свршени чинови. Во никој случај не прифаќаме, на Скопје да му ги отстапиме македонскиот идентитет, националноста, јазикот и името – рече префектот Ѕиѕикостас во неговото обраќање.

Според претседателот на Централната унија на општини од Грција, Јоргос Патулис, Македонците имаат само еден идентитет – грчкиот, а македонски говори оној кој говори грчки.