И антикорупциска бара укинување на привилегиите на поранешните претседатели

71

Антикорупциската комисија ќе побара од СОЗР да ги раскине договорите со кабинетите на поранешните претседатели и да им додели канцеларии во
државна сопственост, а од Собранието да се преиспита законот што им овозможува привилегии како што е доживотна пензија во висина на платата

Државната комисија за спречување корупција предлага да се поднесе иницијатива до Уставниот суд за оцена на уставноста на Законот за правата на претседателот и неговото семејство и да се поднесе иницијатива до Собранието за преиспитување на законското решение, во смисла на ограничување на времетраењето на привилегиите на поранешните претседатели. Антикорупционерите утврдиле дека практиката за канцеларии, кабинет и службено возило постои само во Македонија. Врз основа на ова, досега државата потрошила 1,1 милион евра за кирија, сметки и плати на членовите на кабинетот на двајцата поранешни претседатели. Со оглед на тоа што, според антикорупционерите, тие имаат почесна функција, тие ќе побараат од СОЗР да ги раскине договорите и да им додели канцеларии во државна сопственост, а од Собранието да се преиспита законот што им овозможува привилегии како што е доживотна пензија во висина на платата.

Претседателката Билјана Ивановска, на вчерашната седница на ДКСК, рече дека во мала и сиромашна држава како нашата се трошат многу средства за поранешните претседатели, а нема ниту ограничувања колку години треба да им се покриваат трошоците по завршувањето на нивниот мандат, како што е во најголем број држави во регионот и пошироко. Тие, како што кажа таа, дури не поднесуваат ни извештај какви активности имале, или имаат. Постапувајќи по претставката околу закупот на канцеларии на поранешниот претседател Иванов, утврдила дека станува збор за нетранспарентна постапка, во која корист остварило блиско лице на Иванов.

Освен за претседателските привилегии, на вчерашната седница на ДКСК се разгледувала и претставката околу доделувањето на средства од Министерството за култура во рамките на годишната програма. Заклучокот на антикорупционерите е дека бодувањето се врши од ракав и при доделувањето средства нема прецизни стандарди.

Иако постапката беше запрена од ДКСК, до Министерството за култура ќе се дадат препораки да се воведат реални и мерливи критериуми при изборот на проекти.