Итала: Средствата од ЕУ да не завршуваат во џебовите на измамниците

73

Предизвиците и можностите за спречување измама и злоупотреби на средствата на Европската Унија се на врвот на агендата на годинашната конференција на земјите-кандидати и потенцијални кандидати за членство во Унијата што се одржува деновиве во Скопје. Во организација на Европската канцеларија за борба против измама (ОЛАФ) и на Министерството за финансии, на настанот учествуваат претставници од органите за спроведување на законите и од државната администрација на седумте земји-кандидати и потенцијални кандидати за членство, претставници од три земји-членки, како и од Грузија, Молдавија и од Украина. Конференцијата се фокусира на преточување на оперативните знаења во ефикасни мерки за спречување измама.
– Наша заедничка одговорност е да обезбедиме средствата од ЕУ да се трошат правилно и ефикасно и да не завршуваат во џебовите на измамниците – објасни генералниот директор на ОЛАФ, Виле Итала.

Тој верува дека борбата против измамата и корупцијата треба да биде клучен елемент во владините активности, вклучувајќи го и обезбедувањето алатки потребни за откривање и гонење измамници од страна на органите за спроведување на законите и од јавната администрација.

Министерката за финансии Нина Ангеловска се согласи дека спречувањето е клучна област во борбата против измамата и дека треба да се третира како приоритет од страна на органите за управување, сертифицирање и ревизија.

– Полесно и поекономично е да се спречи, отколку да се поправа сторената штета од измамата. Стабилен и ефективно имплементиран систем за управување и контрола е од суштинско значење, бидејќи може значително да го намали ризикот од измама – додаде таа.

Министерката информира дека во тек е постапка на воспоставување институционална мрежа или т.н. АФКОС-мрежа за сузбивање неправилности и измами. АФКОС-мрежата ќе обезбедува подобра соработка на национално ниво на институциите вклучени во борбата против неправилности и заштита на финансиските интереси на ЕУ.
Инаку, единиците за координација на борбата против измамата ги олеснуваат ефективната соработка и размената на информации со ОЛАФ.