Истражувања за имунизацијата против ковид-19

250

Имунитетот од короната трае подолго отколку што се мислеше

Според новите откритија на научниците, имунитетот кај луѓето што го прележале коронавирусот трае подолго отколку што се мисли, можеби дури и цел живот, додека обичната сезонска настинка може да не заштити само од инфекција.
Истражувањето спроведено од научниците при Универзитетот во Рочестер во американската држава Њујорк е прво што обезбедува докази дека инфекцијата со вирусот САРС-КоВ-2 стимулира таканаречени мемориски Б-клетки, долготрајни клетки на имунолошкиот систем што откриваат патогени, создаваат антитела и ги паметат во иднина. Следниот пат кога некој патоген ќе влезе во човековото тело, тие Б-клетки ја преземаат активноста за да го уништат дури и пред појава на инфекцијата.
Мемориските Б-клетки може да преживеат во човековото тело со децении, би можеле да ги штитат оние што прележале корона долго време, дури можеби и доживотно, а истражувањето по ова прашање ќе продолжи.
Ова истражување е исто така првото што ја докажува т.н. вкрстена реакција на Б-клетките. Оваа реакција значи дека Б-клетките што некогаш се бореле против вирус од семејството корона, исто така, може да дејствуваат и против други, како што е САРС-КоВ-2, и луѓето со такви Б-клетки би имале одреден вид имунитет.
– Кога ги проучувавме примероците од крв на луѓе оздравени од ковид, се чинеше дека многумина од нив имаа Б-клетки што можеа да препознаат САРС-КоВ-2 и брзо да произведат антитела за да го нападнат – вели професорот Марк Сангстер, еден од авторите на истражувањето.

Во студијата се испитуваа примероци на крв од 26 лица заразени со коронавирусот што имале лесни или умерени симптоми и 21 здраво лице, чии примероци биле земени пред шест до десет години. Научниците од овие примероци го измерија нивото на Б-клетките и антителата што ги напаѓаа одредените делови од протеинското „шило“ на вирусот САРС-КоВ-2, кое постои кај сите коронавируси и служи за врзување со рецепторите во човечкото тело.
Протеинското „шило“ се разликува кај различни коронавируси, но еден дел од него, т.н. С2-подединица, е речиси идентичен кај сите вируси од ова семејство. Мемориските клетки ја паметат оваа подединица од сите вируси и, благодарение на тоа, тие ги препознаваат сите коронавируси како опасни, без оглед дали се тоа бета-коронавируси, кои ја предизвикуваат настинката, или САРС-КоВ-2, МЕРС и САРС, па затоа произведуваат антитела што ги напаѓаат.
Она што не е испитано во оваа студија е колкав е степенот на заштита што ја обезбедува вкрстената реакција на Б-клетките и каков е резултатот кај пациентите.
Авторите на студијата велат дека тоа ќе биде нивна следна задача, да испитаат дали вкрстената реакција на Б-клетките би довела до поблаги форми на ковид и дали тие може да бидат корисни во развојот на можна вакцина. Р.Н.М.


Антителата на коронавирусот се развиваат две недели по вакцинирањето

Антителата на коронавирусот се создаваат две недели по првото примање на вакцината што ја има развиено државниот научен центар за вирусологија и биотехнологија „Вектор“, изјави генералниот директор на центарот Ринат Максјутов.
– Веќе четиринаесеттиот ден е формирано ниво на антителата што може да се детектираат. Но заштитниот титар на антитела се формира по втората имунизација – изјави Максјутов во филмот „Опасниот вирус. Вакцини“ на телевизија Русија 1.
Директорот на „Вектор“ објасни дека со одредени карактеристики на имунолошкиот систем, доколку некое лице прележало сериозна форма на ковид-19, може да развие доживотен имунитет од инфекција. Тој додаде дека центарот „Вектор“ планира да лансира во слободна продажба две верзии од својата вакцина против новиот коронавирус.
– Ние развивме вакцини за превенција од ковид-19 врз основа на шест независни технолошки платформи. Избравме две најперспективни варијанти на вакцината, кои имаме намера да ги пуштиме во слободна продажба – објасни Максјутов.
Директорот на „Вектор“ верува дека повторна вакцинација против коронавирусот, со вакцината што е пронајдена во државниот научен центар „Вектор“, ќе мора да се врши најмногу еднаш на секои три години.
Претходно, Федералната служба за фитосанитарен надзор (Роспотребнадзор) објави дека се планира постапката за регистрација на вакцината против коронавирусот што е развиена во центарот „Вектор“ да заврши до 15 октомври. Р.Н.М.