Истоштени и задишани и по шест месеци од извојуваната битка со ковид-19

460
Фото: Игор Бансколиев

Истражувачите откриле дека 76 проценти од пациентите сепак покажале барем еден тековен симптом поврзан со болеста шест месеци подоцна. Најчестите долгорочни симптоми вклучуваат замор или мускулна слабост (63 отсто од пациентите), тешкотии во спиењето (26 отсто) и вознемиреност или депресија (23 отсто)

ДУРИ 76 ОТСТО ОД ПАЦИЕНТИТЕ ИМААТ ДОЛГОТРАЈНИ СИМПТОМИ

Според повеќето истражувања објавени во „Лансет“, повеќе од три четвртини од луѓето што биле хоспитализирани поради ковид-19 имале барем еден постојан симптом шест месеци откако првично не се чувствувале добро. Научниците што ја направиле студијата, која е најголема од ваков вид спроведена досега, ги проучувале и разгледувале долгорочните ефекти на инфекцијата врз пациентите во болницата „Јинитан“ во Вухан, кинескиот град од каде што започна ширењето на ковид-19.
Д-р Злате Мехмедовиќ, специјалист по трудова медицина и супспецијалист пулмолог, вели дека значаен дел од пациентите со ковид-19 продолжуваат да се справуваат со истоштеност и отежнато дишење дури и по неколку недели од нивното официјално оздравување.
За потребите на студијата, вкупно 1.733 пациенти, со просечна возраст од 57 години, беа испитувани во периодот помеѓу јануари и мај минатата година, со последователни проверки правени од јуни до септември. Истражувачите откриле дека 76 проценти од пациентите сепак покажале барем еден тековен симптом поврзан со болеста шест месеци подоцна. Најчестите долгорочни симптоми вклучуваат замор или мускулна слабост (63 отсто од пациентите), тешкотии во спиењето (26 отсто) и вознемиреност или депресија (23 отсто).
Според студијата, кај пациентите што биле хоспитализирани а имале потешка клиничка слика има поголема веројатност за долгорочно нарушување на функцијата на белите дробови.

Можност за повторно инфицирање

Истражувањето исто така открило дека антителата паднале за повеќе од половина година по почетната инфекција кај 94 пациенти, што предизвикува загриженост за можноста повторно да се инфицира со вирусот.
Д-р Мехмедовиќ вели дека во неколку студии статистички е докажано дека значаен дел пациенти со ковид-19 продолжуваат да се справуваат со истоштеност и отежнато дишење дури и по неколку недели од нивното официјално оздравување.
– Светската здравствена организација објави дека симптомите како премореност и отежнато дишење може да траат со месеци или да се вратат многу подоцна. Најчесто тоа се случува кај повозрасните што имале коморбидитети и прележале тежок облик на болеста, но такви симптоми се забележани и кај оние што поминале со полесна форма на ковид-19, па дури и кај помладата популација. Постарите луѓе и луѓето со многу сериозни медицински состојби имаат најголема веројатност да имаат долготрајни симптоми на ковид-19, но дури и млади инаку здрави луѓе може да се чувствуваат лошо со недели и месеци по инфекцијата. Другите симптоми што можат да се појават во периодот на рехабилитација и да траат подолг период се: кашлица, болки во зглобовите, болка во градите, главоболка, брзо чукање на срцето, губење на мирисот или вкусот, проблеми со концентрацијата или спиењето, осип или опаѓање на косата – вели Мехмедовиќ.

Освен белодробието, страдаат и други органи

Иако ковид-19 се смета за болест што првенствено ги напаѓа белите дробови, оваа болест може да зафати и многу други органи, додава тој.
– Оштетувањето на органите може да го зголеми ризикот од долгорочни здравствени проблеми. Органите врз кои може да влијае ковид-19 се срцето, белите дробови, мозокот, бубрезите, црниот дроб. Кардиоваскуларната дијагностика на неколку месеци по закрепнувањето од ковид-19 покажа трајно оштетување на срцевиот мускул дури и кај луѓе што имале само лесни симптоми на ковид-19. Ова може да го зголеми ризикот од срцева слабост или други срцеви компликации во иднина. Дури и кај млади луѓе, ковид-19 може да предизвика мозочни удари и Гилен-Бареов синдром – состојба што предизвикува привремена парализа. Ковид-19 исто така може да го зголеми ризикот од развој на Паркинсонова и Алцхајмерова болест – додава тој.
Д-р Мехмедовиќ појаснува дека во однос на засегањето на белите дробови, може да се каже дека повеќето пациенти со лесна форма на болеста закрепнуваат целосно, но малкумина од оние што ќе развијат тешка форма остануваат хипоксемични (со намалена сатурација на кислород во крвта) и покрај соодветниот третман.
– Рендген-снимката на оваа подгрупа пациенти ни открива нарушувања слични на промените забележани кај други фибротични белодробни заболувања – вели тој.

Како ќе влијае ковид-19на здравјето на луѓето со текот на времето?

Сè уште е непознато за тоа како ќе влијае ковид-19 на здравјето на луѓето со текот на времето, вели докторот.
– Внимателно ги следиме луѓето што ја имале инфекцијата за да видиме како функционираат нивните органи/системи по закрепнувањето. Веројатно е дека ќе има потреба од отворање големи медицински центри за да се обезбеди грижа за луѓето кои имаат постојани симптоми откако ќе закрепнат од ковид-19. Важно е да се запамети дека повеќето луѓе што имаат ковид-19 брзо закрепнуваат. Но потенцијалните долготрајни здравствени проблеми од ковид-19 се причина повеќе да се намали ширењето на болеста преку следење на мерките за претпазливост, како што се носење маски, избегнување контакти и одржување лична хигиена – порачува Мехмедовиќ.


Во исчекување на вакцините од ЕУ, Владата ќе набави осум илјади дози од Србија

Набавката на вакцини за Западен Балкан ќе биде една од темите за кои лидерите на членките на Европската Унија (ЕУ) ќе разговараат утре во Брисел, а во меѓувреме македонската влада ќе набави осум илјади дози од Србија.
– Понудената помош од претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ, ја прифативме, денеска разговарав со него, тие прифатија да ни помогнат, а деталите ќе ги утврдиме во текот на денот. Она што можеа да го потврдат е 8.000 вакцини од „Фајзер“, а за другите треба да проверат во договор – објави завчера премиерот Зоран Заев.
Вчера, пак, претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, истакна дека лидерите на ЕУ треба да разговараат за соработката со трети земји во врска со вакцините.
– Ќе видиме како можеме да им помогнеме на нашите партнери во соседството и пошироко – рече Мишел.
Во писмото со покана до лидерите на земјите-членки на ЕУ, во пресрет на видеоконференцијата закажана за четврток, во 18 часот, Мишел наведува дека на состанокот ќе се разговара и за кампањата за вакцинација во рамките на Унијата.
– Забрзувањето на вакцинацијата низ ЕУ е наш апсолутен приоритет – рече Мишел.
Тој оцени дека моменталната состојба со заразата од ковид-19 во Европа бара голема претпазливост и повика, покрај почетокот на вакцинацијата, да се продолжи со обемно тестирање и следење на контактите, но и да се овозможи прекугранично движење.