ИНТЕЛЕКТУАЛЦИ ЗА И ПРОТИВ РЕФЕРЕНДУМОТ

414
Насер Зибери

Успешен референдум не е услов за уставни измени

Исходот од консултативниот референдум нема да биде задолжителен за одлуката што би ја донел надлежниот орган, во овој случај Собранието, објасни аналитичарот Насер Зибери, во изјавата за медиумите. Зибери истакна дека референдумот не беше задолжителен во договорот постигнат со Грција, туку официјално Скопје го организира доброволно.

– Референдумот не е задолжителен и не е составен елемент од самиот договор. Членот 1 точка 4 вели дека договорот ќе стапи во сила по ратификацијата во двата парламента и откако Република Македонија ќе ги донесе уставните измени. Тоа значи дека конститутивните елементи за стапување во сила на договорот со Грција се ратификување на законот за договорот и уставните измени. Нашата страна доброволно соопшти дека сака да организира референдум што ќе биде консултативен, врз основа на одлуката на Собранието, и нема да биде задолжителен за одлуката што ќе ја донесе надлежниот орган, во овој случај Собранието на Македонија, било за стапување во сила на законот или за ратификацијата на договорот, или пак уставните измени што произлегуваат од договорот со Грција – вели аналитичарот Зибери.


Ило Трајковски

Бојкот: Секој може, но никој не смее!

Едностраното и ригидно правничко толкување на бојкотот само како прекршување на „законска мерка на државата“ го губи од предвид фактот дека договорот со Грција предизвикува драматични и за многумина трауматски промени и состојби во свеста и идентитетот на голем број граѓани, пишува, меѓу другото, во својата колумна професорот Ило Трајковски.

– Со содржината и последиците од договорот со Грција, вклучувајќи го и референдумот, се справува секој заинтересиран граѓани поединечно. Една пријателка, на пример, ми вели дека знае дека договорот носи многу ризици по нашиот идентитет и, пред сè, за нашиот колективен интегритет и достоинство. „Знам дека многупати излажаа, но мислам дека немаме други избор и затоа, ќе замижам и ќе гласам ’за’“. Ќе замиже и ќе гласа „за“! А што кога ќе ги отвори очите за да се погледне себеси во огледало!? Дали тогаш ќе се ослободи од затворот на совеста? Или таа и многумина други ќе го вградат својот глас и себеси во уште една силна колективна траума? Тоа многу ќе зависи од начинот на кој т.н. траума-кариерни групи (како што се претставниците на власта, интелектуалци, а меѓу нив особено академиците и други) ја водат штотуку започнатата кампања – објаснува Трајковски.

Професорот заклучува дека „никој нема право да ги демонизира оние што оцениле дека од нивна лична перспектива за колективитетот е подобро да гласаат против или да бојкотираат“ и дека „во вакви пресвртни моменти треба да се работи на јакнење на почитта кон меѓусебните разлики“.