Иницијативата на Левица и на СМК отфрлена со 7:2

332
Фото: Дарко Андоновски

Седуммина од деветте уставни судии го отфрлија предлогот на судијката Елена Гошева, која предложи да се поведе постапка за поништување на одлуката на Собранието за распишување на референдумот. Подносителите на иницијативите за преиспитување на уставноста и законитоста на одлуката за референдум сметаат дека Уставниот суд донел политичка одлука со правно неиздржани аргументи

Повеќедневната неизвесност поради можноста да бидат прекинати сите активности за одржување на референдумот на 30 септември, Уставниот суд вчера ја отстрани со седум гласа „против“ и два „за“, не прифаќајќи да поведе постапка за преиспитување на уставноста и законитоста на собраниската одлука за неговото распишување. Подносителите на иницијативите, Светскиот македонски конгрес, партијата Левица и граѓанин од Куманово, сметаа дека одлуката за референдумот не е во согласност со Уставот на РМ, Законот за референдум и другите облици на непосредно изјаснување на граѓаните, како и со воспоставените европски стандарди и добри референдумски практики утврдени од страна на Венецијанската комисија. Тие бараа Уставниот суд целосно да ја поништи одлуката за распишување референдум, а доколку одлуката ја донесе по неговото одржување, тогаш да ги поништи резултатите.

Сепак, по двочасовната седница, седуммина од деветте уставни судии го отфрлија предлогот на судијката Елена Гошева, која предложи да се поведе постапка за поништување на одлуката на Собранието за распишување на референдумот и да се донесе привремена мерка за запирање на, како што рече, штетните последици што може да настанат. Поддршка доби само од судијата Јован Јосифовски.

Имено, Гошева на почетокот на седницата ја оцени иницијативата како основана, оспорувајќи ги формулираното референдумско прашање и формата на референдумот. Таа оцени дека спогодбата од Преспа е ништовна поради тоа што министерот за надворешни работи немал правни овластувања за таков тип договори. Покрај формалните недостатоци на одлуката во која не е наведено каков вид референдум се распишува, дали тој ќе се прогласи за валиден со 900.000 или со 450.000 гласа, спорно е и референдумското прашање, кое е „три во едно“ и за кое, според неа, се можни осум одговори, а не еден и едноставен, како што бараат и Законот и правилата на Венецијанската комисија, Кодексот за добри референдумски практики. За разлика од неа, уставните судии Дарко Костадиновски, Осман Кадриу, Вангелина Маркудова, Насер Ајдари, Сали Мурати, Владе Стојановски и Никола Ивановски се изјасниле дека не се за поведување иницијатива, сметајќи дека не се прекршени Уставот и Законот за референдум.

Во текот на седницата на Уставниот суд за иницијативите за оспорување на референдумот се случи и пожестока размена на ставовите меѓу судијата Јован Јосифовски и претседaтелот на судот Никола Ивановски. Имено, судијата Јосифовски реагирал на говорите на судиите Осман Кадриу и Дарко Костадиновски дека не ја почитуваат судијката-известител Гошева и ги навредуваат подносителите на иницијативата. Притоа, тој и јавно изнесе сомнеж дека со седумте судии што гласаа за отфрлање на иницијативата бил извршен разговор и тие под притисок го смениле мислењето, па праша зошто не биле викнати и тој и Гошева, кои имаат различен став, да им кажат како да гласаат.

Подносителите на иницијативите за преиспитување на уставноста и законитоста на одлуката за референдум, по ваквата одлука на Уставниот суд, констатираат дека сега бојкотот останува како единствено средство против стапиците содржани во референдумското прашање.

Претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров, веднаш по донесувањето на одлуката за отфрлање на иницијативите, коментираше дека судиите во расправата биле контрадикторни.

– Судиите во расправата беа контрадикторни. Тие отфрлија расправа за договорот со Грција, но заклучија дека со референдумското прашање не се гласа за ЕУ и НАТО, туку за договорот за Грција. Истовремено, се суспендира референдумот од 8 септември 1991 година, кога народот во апсолутно мнозинство гласаше за самостојна Македонија без додавки и придавки. Судот, за жал, сметаше дека ЕУ не е ниту сојуз за кој треба да се распише референдум – рече Петров пред Уставниот суд.

Петров подоцна и на социјалните мрежи го потврди ставот за бојкот на референдумот.
– Уставниот суд, во контрадикторна расправа, очигледно под притисок, со мнозинство гласови, ги отфрли иницијативите за оцена на уставноста и законитоста на одлуката за распишување референдум. Референдумот ќе се одржи, останува бојкотот! Бојкотирам значи не гласам! – напиша Тодор Петров.

Димитар Апасиев, членот на президиумот на Левица, партијата-подносител на една од иницијативите за оспорување на референдумот пред Уставниот суд, вели дека судиите донеле политичка одлука.

– Судиите на Уставниот суд донесоа политичка, а не правна одлука за нашите иницијативи, со кои ги оспоруваме уставноста и законитоста на одлуката за референдумот што ќе се одржи на 30 септември. Сметам дека судиите повеќе држеа политички говори во своите излагања, однесувајќи се ноншалантно и изнесувајќи правно неиздржани аргументи, без навлегување во суштината на правно спорните елементи, на кои укажуваме во нашата иницијатива. По ваквата одлука, бојкотот на референдумот останува како последно средство за борба против државното и национално-идентитетско обезличување што ни се заканува – вели Димитар Апасиев.

Се очекува рефератот на судијката-известител Елена Гошева и мислењето на уставниот судија Јован Јосифовски да се појават како издвоени мислења, наспроти доминантното мислење на преостанатите седуммина судии на Уставниот суд, кои не видоа ништо спорно во одлуката за распишување референдум за влез на Македонија во ЕУ и во НАТО, со прифаќање на спогодбата меѓу Македонија и Грција.

Фото: Дарко Андоновски