Има ли советникот за Макрон совет за Владата

533

Изјавата на францускиот претседател за одбивање секакво проширување на ЕУ, десетина дена по одложувањето на одлуката на Советот на ЕУ за Македонија, се чини дека ги распрсна сите евентуални политички илузии за европерспективите на земјава, и тоа на неопределено време. Надежите дека „советникот за олеснување на процесот на пристапување на РСМ кон ЕУ, помагање во остварувањето на стратегиските приоритети и определби на Владата во однос на евроатлантските интеграции“, кој имал посебни референци за добри односи со Макрон, ќе заврши работа, исто така спласнаа

Превирањата во државава, мотивирани од политичкиот импакт на „договорите за добрососедство со Грција и Бугарија“, чиј потконтекст е (не)исполнувањето на условите за евроинтеграција, веројатно ќе добијат нов импулс по категоричната изјава на францускиот претседател Емануел Макрон дека „одбива секакво проширување пред длабока институционална реформа на ЕУ“. А целата стратегија и ризични политички потези на актуелната владејачка гарнитура беа токму за задоволување на апетитите на надворешната политика, на сметка на внатрешната. Таа цел овие две години е едноставно збиена во синтагмата „добивање датум за преговори за членство во ЕУ“. Сѐ друго се стави во втор план.

Во таквите рамки на владините зафати, дури и во советничкиот тим на Владата е ангажиран советник за „олеснување на процесот на пристапување на РСМ кон ЕУ, помагање во остварувањето на стратегиските приоритети и определби на Владата во однос на евроатлантските интеграции“. Имено, се работи за г. Љупчо Зафировски, кој интензивно работеше на ова прашање, а за издвојување е неговата референца дека е ангажиран поради цврстите релации што тој ги има со кабинетот на францускиот претседател Макрон.

– Зафировски има врски во дипломатскиот дел со кабинетот на Макрон и со Владата во Франција, која има малку информации за она што се случува тука. Некогаш се потребни повеќе информации за да го привлечеме кабинетот на претседателот Макрон на наша страна. Знаете дека Франција, Холандија и Данска имаа резерва за проширувањето на ЕУ. Зафировски е приватен стопанственик и неговиот хонорар е поголем затоа што поголем дел поминува во Франција, трошоците таму се поголеми и законот го дозволува тоа. Затоа е таа сума од 75.000 денари – објасни неодамна премиерот Заев во Собранието.

Инаку, по сите уставни, законски, институционални промени како последица на промената на името, што произлезе од Преспанскиот договор со Грција, сега се во тек и процеси на ревидирање на историските учебници, исто така за исполнување на одредбите од договорите за добрососедство. Се поставува прашањето за смислата на огромниот габарит на нашиот влог, откако е сѐ поизвесна негативната динамика на т.н. европска перспектива. Таквата (не)извесност на европската перспектива за Западен Балкан јасно е изговорена по маратонските разговори на вонредниот самит за именувањата за врвните позиции во ЕУ, кога Макрон изјави дека „неможноста за договор меѓу 28-те ЕУ-членки го доведува во прашање кредибилитетот на Унијата и создава имиџ за Европа како несериозна“.

– Мораме да ги поедноставиме процедурите за да напредуваме заедно на побрз, посилен и подемократски начин. Во таа смисла скептичен сум околу приказните за тоа дека иднината на ЕУ е во ново проширување, а во ситуација кога гледаме дека ние 28 не можеме да се договориме. Одбивам секакво проширување пред длабока институционална реформа на ЕУ – категоричен е Макрон.

Во македонски контекст, Макрон сериозно ги компромитира политичките надежи и уверувања кај нас дека датумот за почеток на преговорите со ЕУ, на Македонија ќе ѝ биде испорачан во октомври. Имено, на редовниот самит на ЕУ, на средината на јуни, Советот на министри за општи прашања одлучи дека повторно ќе се наврати на оцена на извештаите од Европската комисија за Македонија (и Албанија) и ќе разговара за евентуално доделување датум – во октомври. Причината за таквото одложување на одлуката беше посочена спрема германскиот Бундестаг, кој наводно немал доволно време да ги разгледа и да расправа за извештаите на ЕК. Сепак, изјавата на францускиот претседател, десетина дена по одложувањето на одлуката на Советот на ЕУ за Македонија, се чини дека ги развејува сите евентуални политички илузии за европерспективите на земјава, и тоа на неопределено време.

– Изјавата на Макрон е само филот на тортата, која веќе долго време е на маса, правена според рецептот на ЕУ. Досега за одложувањето на датумот за почеток на преговори со ЕУ, или т.н. европска перспектива за Македонија, беше виновен германскиот парламент и Франција стоеше настрана. Сега дојде редот на Франција да биде „лошиот полицаец“ на ЕУ. Во меѓувреме и нивниот амбасадор во земјава јасно ни стави до знаење дека не треба да ја негуваме надежта за брза евроинтеграција. Сега тоа е веќе очигледно! Сега треба мирно, свесни за тешкиот пораз, да се продолжи со интензивни реформи, што нема да биде лесно. Сепак реформите се единствениот излез од ќор-сокакот во кој влеговме – вели поранешниот македонски амбасадор Ристо Никовски.

Во меѓувреме, германската канцеларка Ангела Меркел изјавува дека ќе се залага за европската перспектива на земјите од Западен Балкан, како и за датумот за Македонија, но во вториот дел од изјавите обично нагласува дека на патот до таквата ЕУ-перспектива има многу тешки камења.

Македонската влада сепак сѐ уште не се откажува од реторички искажаната надеж за добивање датум за почеток на преговорите со ЕУ во октомври. Од 3 до 5 јули во Познањ, Полска, ќе се одржи конференцијата ЕУ – Западен Балкан, каде што премиерот Зоран Заев ќе оствари средба со францускиот премиер Едуард Филип. Состанокот на кој главен фокус е отворање на пристапните преговори со ЕУ е по барање на францускиот премиер. На средбата, премиерот Заев ќе се обидe да издејствува поддршка од Франција за датум за преговори, но се чини дека тоа повторно ќе биде тема во погрешен момент за визиите на ЕУ за себе.