Има ли Македонија своја индустрија на влијание

95

Лобирањето е активност што е продукт на модерните демократски држави и опфаќа секакви области на политиката од локално ниво, па до национално дејствување на државата за заштита или промоција на своите стратегиски интереси. Дали и колку се користи оваа политичка алатка кај нас

НОСЕЊЕТО НА НОВИОТ ПРЕДЛОГ-ЗАКОН ЗА ЛОБИРАЊЕ КАКО ПОВОД

Колку политичкото лобирање може да помогне во надминување на пречките што во моментов ги има Македонија со дел од соседите и нивните апсурдни и уценувачки барања и оспорувања на нашиот идентитет, историја или јазик?
Овие дилеми се актуелни периодов, кога пред пратениците пристигнува новиот предлог-законот за лобирање по кој треба да расправаат членовите на собраниската Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања.

Во предложениот текст на законот, кој има предзнак европско знаменце, се истакнува дека лобирањето претставува активност за остварување влијание врз процесите на подготвување, донесување и изменување закони, подзаконски или други општи акти, како и јавни политики.
– Лобирањето подразбира контакт со лице кај кое се лобира, со цел
конкретно насочено влијание врз процес односно врз содржина на јавни политики – стои во текстот на предлог-законот.
За потсетување, Македонија веќе има ваков закон донесен во 2008 година, но тој, според познавачите на случувањата, слабо се ефектуира и спроведува во практика во земјата, бидејќи досега имаме регистрирано минимален број лобисти.
Во меѓувреме, експертите и познавачите на политичките процеси во земјата со кои се консултиравме велат дека законската регулатива на ова поле добива динамика бидејќи лобирањето е активност што е продукт на модерните демократски држави, а за нејзино правилно насочување треба да е устоличена со соодветен законски пакет и институционален одговор. Тие додаваат дека кај народот во земјава се добива впечаток дека лобистите дејствуваат во сивата зона на законската рамка и имаат скриени нелегитимни интереси и цели, па затоа за да се спречат можни коруптивни активности е потребно носење нов закон за лобирање.

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски објаснува дека политичкото лобирање како условно кажано нова професија на современите демократии во светот е воведено од страна на Америка.
– Во САД лобистите заземаат големо место во т.н. политичкиот релјеф на земјата, каде што преку преставниците од оваа слободно кажано индустрија на влијание се промовираат и стимулираат одредени политики, кои потоа Америка ги спроведува во практика. Спектарот на политички влијанија во САД што се директен резултат на лобистите е огромен и тие опфаќаат секакви области на политиката од локално ниво, па до национално и дури и ниво на надворешно дејствување на државата – вели Арсовски.
Тој објаснува дека во САД, на пример, оваа индустрија е издржана од проста причина дека многу тешко се стигнува до состанок со одреден конгресмен или сенатор, а од друга страна, во Македонија се сосема различни околностите.
– Кај нас слободно речено со два-три телефонски повици може да се договори состанок со одреден пратеник. Тоа е така бидејќи сме многу мала држава и малоброен народ, па пратениците дури можат и да ни се соседи. Од друга страна, лобирањето како индустрија не функционира во Македонија бидејќи старото законско решение сѐ уште јасно нема испрофилирано што е дозволено со закон, што е етичко, а што не е. Дали е дозволено лобистите да влијаат врз пратениците и политичарите? До која мера може да се стори тоа? Дали може да им се организираат семинари? Дали може да се платат авионски карти и слично – вели Арсовски.

Во моментов, вели тој, во Македонија постои лобирањето и тоа дејствува во своевидни македонски услови, преку функционирањето на таканаречените пиар-компании и маркетинг-агенции, но тоа ни приближно не е еднакво на она што се случува во САД.
Политичкиот пиар-експерт Синиша Пекевски смета дека новото законско решение нема суштински многу да ја промени сликата на оваа индустрија во Македонија.
Тоа е така, според него, бидејќи политичките дејствувања кај нас се поинаку поставени од оние во Европа и во САД.
– Моќта на партиските лидери во Македонија е огромна и тие се оние што во суштина ги диктираат сите политики во земјата. Па лобистите од оваа гледна точка и со подобро законско решение од актуелното не верувам дека многу ќе го променат начинот на кој дејствува државата во процесите во парламентот или во делот на кој се води дипломатијата – вели Пекевски.

Тој подвлекува дека сепак оваа професија е неопходна ако сакаме да имаме здрава демократија.
– Лобистите се лица чија професија не е да ги поткупат политичарите туку да ги воведат во места каде што се води битка на аргументи и дебати. Точно е дека станува збор за бизнис, но доколку сето тоа е воспоставено во соодветна институционална рамка, верувам дека Македонија може да добие и полза од овие случувања – вели Пекевски.
Тој резимира дека сепак е песимист дека во скоро време лобирањето може да заживее во земјата и во нашиот политички естаблишмент.