Фото: Маја Јаневска-Илиева

Шесте балкански земји не се вклучени во креирањето на иднината на Европа на конференцијата одржана под слоганот „Иднината е во твоите раце, нека се слушне твојот глас“. На конференцијата, европските граѓани можеа да ги изнесуваат сопствените визии за иднината на Европа. Меѓу изоставените е и нашата земја. Ако ЕУ не наоѓа за потребно да ја вклучи Македонија во една ваква широка дебата, во која и македонските граѓани би можеле да се вклучат со свои идеи и визии за иднината на Европа, тогаш повеќе од јасна е пораката дека Унијата не ја гледа земјава како своја членка во скора иднина. Истото тоа се однесува и за земјите од „западнобалканската шесторка“

Западен Балкан изоставен од паневропската јавна дебата за иднината на Европа

Европската Унија очигледно нема намера скоро да ја отвори портата за Македонија и другите земји од Западен Балкан. Уште една потврда дека македонските евроинтеграции се одложени на подолг рок е невклучувањето на земјава во конференцијата на која европските граѓани можат да ги изнесуваат сопствените визии за иднината на Европа, нешто што не беше досегашна практика.
Имено, под слоганот „Иднината е во твоите раце, нека се слушне твојот глас“, од април оваа година, кога започна, па до денес, на дваесет и четиријазичниот портал на конференцијата за иднината на Европа се испишани повеќе од 5.500 пораки на граѓани за тоа како го гледаат идното уредување на ЕУ. Конференцијата, која ќе трае до првата половина на 2022 година, подразбира широка паневропска јавна дебата, која треба да покаже различни мислења и визии како да се реформира Унијата.
Пристапот во целиот проект е „одоздола-нагоре“, што значи дека се инсистира на широко учество на граѓаните, на цивилното општество, на стручњаците, на младите, како и на сите заинтересирани. Конечниот извештај треба да биде усвоен со консензус на претставниците на националните парламенти на земјите-членки на ЕУ, Европскиот парламент, Европската комисија и Советот на ЕУ.
Ако ЕУ не наоѓа за потребно да ја вклучи Македонија во една ваква широка дебата, во која и македонските граѓани би можеле да се вклучат со свои идеи и визии за иднината на Европа, тогаш повеќе од јасно е дека Унијата праќа порака дека сѐ уште не ја гледа земјава како своја членка во скора иднина, односно проширувањето со западнобалканската шесторка го остава за некои други времиња, кога веројатно ќе се дискутира за некоја нова европска иднина.

Од друга страна, доколку ЕУ ја вклучеше Македонија во конференцијата, барем ќе испратеше некаква порака дека ѝ е важно мислењето на граѓаните од овој дел на Балканот и ќе им влееше некаква надеж дека тие граѓани еден ден ќе бидат дел од европското семејство.
Вака, впечатокот што се добива е дека, без оглед на сите жртви што ги направи земјава, со промената на името и обезличувањето во име на некакви повисоки европски идеали, сепак, останува заборавена и исклучена од европските текови.
Она што сега се наметнува како прашање кај македонската јавност е зошто земјава да продолжи да се обезличува, според рецептите на некои земји-членки на ЕУ, ако преговорите и членството во Унијата се далечен сон.
За директорката на Институтот за европска политика, Симонида Кацарска, одлуката на ЕУ за невклучување на Македонија и земјите од регионот во конференцијата за иднината на Европа не е добар потег.
– Несомнено, одлуката на ЕУ да не го вклучи Западен Балкан во конференцијата за иднината на Европа не праќа добар сигнал во однос на тоа како земјите-членки го гледаат регионот и во однос на перспективата на проширувањето. Оваа одлука особено загрижува имајќи предвид дека во сличните обиди од почетокот на 2000-тите години, кога се одржуваше Конвенцијата за иднината на Европа, тогашните земји-кандидатки беа поканети да учествуваат со аргументот дека нивната иднина е во Унијата – вели Кацарска.
Според неа, Македонија и другите земји треба да продолжат да следат што се случува на ниво на ЕУ и да соработуваат со земјите што ги поддржуваат во евроинтеграциите.
– Сепак, и во овие услови чинителите од Западен Балкан треба активно да следат што се случува на ниво на ЕУ и да соработуваат со претставниците на земјите-членки на ЕУ што го поддржуваат нашето вклучување во овие дискусии – смета Кацарска.
И Слободан Зечевиќ, научен советник од Институтот за европски студии во Белград, смета дека е направен пропуст од страна на ЕУ.

– За време на претходните расправи за иднината, земјите-кандидати активно учествуваа, даваа свои предлози и ги претставуваа своите визии за ЕУ во иднината. Дури присуствуваа и на потпишувањето на договорот за реформа на ЕУ, како на пример во Лисабон во 2007 година – вели Зечевиќ, притоа додавајќи дека ЕУ последните години направила многу пропусти кон земјите-кандидати, особено во периодот на пандемијата, кога ги остави сами да се снаоѓаат.