Извештајот одложен, неизвесноста продолжува

1369
Фото: Дарко Андоновски

Во исто време, амбасадорите и дипломатските претставништва на влијателните земји во ЕУ во земјава, со кои „Нова Македонија“ се обиде да стапи во контакт пред објавата на извештајот на ЕК, за изворно да се добијат нивните мислења и очекувања, кои би
можеле да бидат нотирани како забелешки во новиот документ, се воздржани околу прогнозите што точно би содржел писмениот извештај за Македонија и дали земјава во
јуни би добила датум за почеток на преговорите со Европската Унија

Иако првично за денес требаше да се објави извештајот на ЕК за напредокот на Македонија, вчера попладне надворешно-политичкиот одбор на Европскиот парламент информираше дека за денес сепак е закажан вонреден состанок на кој комесарот Јоханес Хан ќе го претстави годинешниот пакет-проширувања на Унијата, но не и извештајот за напредокот на земјите од регионот. Ваквата информација во медиумите беше објавена вчера, а во текот на вчерашниот ден од Европската комисија накратко информираа дека и натаму не можат официјално да потврдат кога ќе бидат усвоени и објавени извештаите за напредокот на земјите во процесот на проширувањето.

Во меѓувреме, дел од домашните познавачи на состојбите се со очекувања дека извештајот за напредокот на земјава ќе биде позитивен и ќе претставува своевидна поддршка за продолжување на реформската агенда. Во исто време, амбасадорите и дипломатските претставништва на влијателните земји во ЕУ во земјава, со кои „Нова Македонија“ се обиде да стапи во контакт пред објавата на извештајот на ЕК, со цел изворно да се добијат нивните мислења и очекувања кои би можеле да бидат нотирани како забелешки во новиот документ, се воздржани околу прогнозите што точно би содржел писмениот извештај и дали земјава во јуни би добила датум за почеток на преговорите со Европската Унија. Од друга страна, според дипломатски извори, извештајот за напредокот на нашата земја веќе е напишан и токму затоа резултатите од европските избори нема да влијаат на неговата содржина. Тие додаваат дека европските избори всушност имаат влијание врз натамошните политички динамики во секоја од земјите-членки поединечно и се многу добра лекција за тоа како функционира Европа. Во исто време, според дел од информациите од домашните медиуми, сѐ уште нема согласност од сите земји-членки на ЕУ за отворање на преговорите со Македонија, бидејќи во некои од нив се потребни процедури на национално ниво, а временската рамка не го дозволува тоа. Кај други земји-членки, пак, нема расположение за давање зелено светло, а за почнување на преговорите е неопходна едногласна одлука од сите земји- членки. Инаку, во пресрет на годишниот извештај за напредокот на нашата земја, очекувањата на дел од експертите се позитивни. Тие деновиве коментираа дека се очекуваат пофалби во делот на законите во безбедносната сфера, законот за антидискриминација, реформите во администрацијата и сл., но и истакнување на важноста за донесување на законот за СЈО, бидејќи е очигледно дека нема да се стигне со негово донесување дотогаш.

Според професорот Лазар Лазаров, ваквата констелација на состојбите околу извештаите за напредокот на земјите од регионот кон нивниот пат во ЕУ е тактизирање на Европа во однос на евроизборите и сумирање на резултатите од истите. Како што објаснува Лазаров, договорот од Преспа се смета за единствена добра вест од регионот и таа ќе биде препознатливата позитивна точка во извештајот за нашата земја, кога и да се објави. Во исто време, Лазаров додава дека покрај пофалбите во документот од ЕК, повеќе од сигурен е дека ќе бидат нотирани и критиките за бавниот реформски процес, слабите резултати во економијата, судството и департизацијата на земјава.

– Од наша страна се направија големи исчекори во однос на решавањето на спорот со Грција и тоа не смееме да го заборавиме. Убеден сум дека доколку се спроведе договорот на кој се обврзавме, дека датумот е на дофат, но и паралелно треба да им покажеме на земјите-членки дека е исполнето доволно во областа на владеење на правото – вели Лазаров.

Професорот е убеден дека претстојниот извештај ќе ја отвори вратата за добивање датум за преговори, но како што објаснува, не знае дали тоа би се случило ова лето или наесен. 


Поповски – медиумските реформи на врвот на приоритетите на Владата

Министерот задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Роберт Поповски, учествуваше на конференција во Сараево на тема „Финансирањето на јавните медиумски сервиси на Западен Балкан“. Зборувајќи за моделот на финансирање на Националната радио-телевизија, министерот Поповски нагласи дека јавниот сервис мора да биде независен од сите центри на моќ и да им служи само на интересите на граѓаните.
– Република Северна Македонија, како земја со големи шанси ова лето да ги почне преговорите со ЕУ, има обврска да изгради медиумски систем со кој се гарантираат слободата на изразувањето, независноста на медиумите и медиумскиот плурализам – истакна Поповски.
Министерот за комуникации, отчетност и транспарентност посочи дека медиумските реформи уште од самиот почеток беа и останаа на врвот на приоритетите на Владата.
– Со измените и дополнувањата на Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги се очекува да се обезбеди професионален, независен, ефикасен и отчетен јавен радиодифузен сервис и транспарентно, независно, ефикасно и отчетно регулаторно тело во областа на аудио и аудиовизуелните медиумски услуги – истакна Поповски.
На конференцијата беа презентирани моделите на финансирање на јавните медиумски сервиси во земјите од Западен Балкан, и покрај претставниците од Република Северна Македонија присуствуваа и претставници на националните јавни радиодифузни сервиси, претставници на националните медиумски регулатори, владини претставници и претставници на релевантни невладини организации од Босна и Херцеговина, Црна Гора, Албанија, Србија и Косово.


Османи: Очекуваме поддршка на нашите европски перспективи

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, во рамките на посетата на Република Хрватска се сретна со неговата колешка Марија Пејчиновиќ-Буриќ, заменик-претседателката на Владата на Република Хрватска и министерка за надворешни работи и европски прашања.
Османи на средбата го нагласи постоењето на долгата традиција на добри односи и пријателство меѓу двете земји, кое, како што рече, беше потврдено и со брзата ратификација на протоколот за членство во НАТО. Тој упати посебна благодарност до Буричиќ и за континуираната поддршка за европските интеграции на нашата земја.
– Се наоѓаме буквално на еден ден од објавата на извештајот на Европската комисија, во чија содржина, веќе е извесно, дека ќе се рефлектира напредокот на Република Северна Македонија и во затворањето на политичките прашања, но и напредок во имплементација на реформската агенда – истакна Османи.
Тој посочи и на очекувањата во земјава за испорака на преземените обврски од страна на Европската Унија, преку конфирмација на одлуката од минатата година за почеток на преговорите со Северна Македонија оваа година.
– Свесни сме за потребата од остварување консензус за оваа одлука во рамките на ЕУ, како и за предизвиците со кои се соочува Унијата, а кои претставуваат предизвик и за земјите-членки, и во оваа насока ја очекуваме поддршката од нашите најблиски пријатели во остварување на нашите европски перспективи, меѓу кои секако ја сметаме и Хрватска – истакна Османи.