Избори да, но во пакет со силни здравствени и економски мерки

145
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Пресвртна точка по драстичното олабавување на рестриктивните мерки

Два аспектa на корона-кризата во контекст со претстојните вонредни парламентарни избори се во фокусот на вниманието на јавноста во земјава. Едниот аспект е здравствениот, кој е со најголема тежина и e најважен. Вториот е економско-финансискиот аспект, кој фаќа приклучок веднаш зад здравствениот, бидејќи доброто функционирање на стопанството е всушност „економско-социјалниот замаец“ што го поттикнува општеството и граѓаните за достигнување повисок квалитет на живеење.

Во пресрет на најавата за одржување брзи предвремени парламентарни избори во земјава, ваквите дилеми се понагласени во домашната јавност токму во моментите кога земјата се наоѓа во состојба на пресвртна точка по олабавувањето на рестриктивните мерки за граѓаните во однос на коронавирусот и во период кога партиите, со медијација на шефот на државата, преговараат за точниот датум за одржување на изборната трка во земјата.

Во врска со ова прашање се консултиравме со двајца универзитетски професори, кои имаат интересни ставови и препораки, анализирајќи од здравствен и економски агол.
Имено, од економски аспект, универзитетскиот професор и економист Дарко Лазаров во својот осврт на актуелните дилеми, за „Нова Македонија“ вели дека формирањето легитимна политичка влада со целосно функционални институции е предуслов за подобро справување со економските последици од кризата. Тоа практично ја наметнува потребата од организирање предвремени парламентарни избори што побрзо, но, секако, со максимална заштита на здравјето на луѓето.

– Со оглед на специфичноста на ситуацијата со здравствената криза, треба да бидеме исклучително внимателни за максимална заштита на здравјето на граѓаните. Имено, ако се организираат избори без претходно обезбедени услови што ќе гарантираат целосна сигурност дека тоа нема да предизвика дополнително зголемување инфицирани лица, тогаш користа од легитимна влада и функционални институции може да биде многу помала од евентуалните штети што ќе бидат предизвикани за економијата од понатамошното ширење на вирусот – забележува професорот.
Лазаров резимира дека затоа политичките партии сега треба да бидат исклучително внимателни во дефинирањето на датумот за изборите, за да не се создадат дополнителни ризици по здравјето на граѓаните, но и ризици за продлабочување на економската криза во земјата.

Но исто така треба да се направат максимални напори за досегашната предвидена помош за стопанството во нашата земја, со мерките предвидени од т.н. пржинска влада, да се ефектуираат на најдобар можен начин и брзо и реално да им се пласираат на компаниите што со сигурност ќе покажат големи загуби во наредните неколку месеци. Тој потег треба да биде видлив и за државата и за компаниите, без разлика дали изборите ќе дојдат веднаш или малку подоцна во текот на летото.
Професорот и микробиолог д-р Никола Пановски, оценувајќи го здравствениот аспект на состојбите во контекст на кршењето на копјата за претстојните избори, смета дека прекинувањето на рестриктивните мерки доаѓа најверојатно поради политички и предизборни причини.

Професорот советува дека негов предлог, во пресрет на изборите, без разлика кога би се одржале, е тие да се спроведат на отворен простор, бидејќи на таков начин многу би се намалил ризикот од пренесување на заразата меѓу гласачите.
– Кога и да има избори, мој предлог е тие да се одржат на отворен простор. Можеби тоа звучи сега смешно или личи на изборите што се одржувале на времето, во минатото, под тенди или во Африка, меѓутоа на овој начин се намалува ризикот за 19 пати во ширењето на болеста кога не се носи заштита, но ако таа е задолжителна за носење, тогаш сосема доволно за превенција на вирусот за време на гласањето е истата таа да се применува и во затворен простор – вели Пановски.
Професорот, пак, во делот за отворањето на границите исто така го дели ставот дека датумот на први јуни е прерано одбран, бидејќи дури и да заминат граѓаните во странство на патување, од добро познатите здравствени причини нема кој да ги прими од другата страна.

Формирањето легитимна политичка влада со целосно функционални институции е предуслов за подобро справување со економските последици од кризата

Анализирајќи го досегашниот тек на настаните поврзани со менаџирањето на пандемијата, Пановски истакнува дека забележал состојба во која сѐ почесто граѓаните покажуваат непочитување на мерките, а во исто време престанала и транспарентноста на Министерството да соопштува каде се ширела болеста.
Микробиологот и професор советува дека би требало да се размислува и за можноста во иднина, ако има потреба, да се направи и микроизолација во оние места од градовите во земјата што се големи жаришта на болеста и каде што во практика во минатото не се почитуваа мерките за заштита од вирусот.
Од медицински аспект, за него не е логично во овој момент целосното укинување на полицискиот час, пред сѐ поради ризикот од ширење на болеста, најчесто преку организирање забави и поголеми дружби, особено на помладите лица.
Овој чин, според професорот, на нагло укинување на полицискиот час и рестриктивните мерки на цела територија на државата би можел да се протолкува како признавање медицински пораз.

– За мене е неочекувано од медицински аспект и не гледам зошто сега би се олабавиле мерките, кога бројот на активни случаи расте, друго е да опаѓаат, па мислам дека сегашните мерки немаат оправдание од тој аспект. Сметав дека и порано требаше да се донесе скратување на полицискиот час, со зголемување на денот, да биде од 21 или 22 часот. Мене ме плаши зошто е потребно сега одеднаш да се укине полицискиот час, во услови кога имате млади луѓе затворени речиси три месеци, поволни временски услови идеални за организирање забави или поголеми дружби, со враќање во 5 наутро и слично – истакна Пановски.

Затоа, тој препорачува и одржувањето на изборите претходно да биде максимално организирано и од здравствено-безбедносен аспект, со целосно почитување на инструкциите и насоките на Светската здравствена организација, па и обезбедување простории за гласање со поголема квадратура, заради дистанца, проветрување на просториите во летниот период, задолжително носење маски, дезинфицирање на рацете, помалку задржување во просториите, па дури и нивно организирање на отворен простор.

[email protected]