Игра со нервите околу СЈО

434
Фото: Игор Бансколиев

Нејасна и опасна е играта помеѓу власта и опозицијата, со оглед на тоа дека во нерешениот проблем постои сериозен потенцијал за нова политичка криза што во моментов најмалку ѝ е потребно на земјава, предупредуваат експертите, а слични укажувања доаѓаат и од меѓународната заедница

Во наредните денови кога и формално ѝ истекува мандатот на специјалната обвинителка Катица Јанева, која, патем, е во притвор поради наводна злоупотреба на службената положба и овластувања, сѐ уште е отворено прашањето што ќе се случува понатаму со специјалното обвинителство, со предметите што ги отвори тоа, но и со обвинителите и сите други вработени во овој орган. Во меѓувреме, по неуспешната лидерска средба, власта и опозицијата ја продолжуваат играта со нервите на директно и на индиректно засегнатите, но и на пошироката јавност, користејќи ги притоа сите законски неусогласености и недоречености. Во таквата ситуација, СЈО вчера соопшти дека е подготвено веднаш да му ги предаде предметите по кои постапува со сите списи и докази на Јавното обвинителство, а неговиот стручен, административен и помошно-технички персонал, изразувајќи разочараност од недоволното внимание, кое му се посветува на прашањето за иднината на најголемиот дел вработени во ова обвинителство, апелираше до меѓународната заедница, која беше дел од процесите на формирање на обвинителството, и до политичките чинители во земјава, внимателно и активно да ги следат актуелните процеси поврзани со нивниот работен ангажман, по што се огласи и евроамбасадорот Самуел Жбогар.

– Засега не е најдено решение и не е постигната согласност. Но ние и понатаму ќе работиме на тоа да видиме што ќе се случи со предметите поврзани со поранешните функционери од ВМРО-ДПМНЕ. Упатуваме апел до двете политички партии да продолжат со нивните напори да се обидат да најдат консензус во врска со ова прашање. Да се најде решение и да се врати довербата кај граѓаните, оти во моментот тоа е многу поважно отколку датумот за почнување преговори. Ако се обнови таа доверба, сигурен сум дека и ние во ЕУ ќе ја препознаеме и ќе ја признаеме таа – рече Жбогар.

Истовремено, некои од домашните експерти коментираат дека нејасна и опасна е играта помеѓу власта и опозицијата, со оглед на тоа дека во нерешениот проблем постои сериозен потенцијал за нова политичка криза што во моментов најмалку ѝ е потребно на земјава, особено сега кога е пред долгоочекуваниот датум за преговори со ЕУ, кој треба да се случи веќе наредниот месец.
Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, смета дека е недопустливо политиката и натаму да продолжи директно да се меша во работите на правосудството во земјава, создавајќи притоа проблем што може да предизвика длабока политичка криза.

– Сами гледате дека ова што се прави е политички хаос со произволни толкувања на Законот за обвинителство. Иако специјалната обвинителка има мандат до 15-ти месецов, и на Владата ѝ претстои работа да предложи нов специјален обвинител, таа не го чини тоа. Доколку не се случи тоа, следствено е државниот јавен обвинител да ги преземе предметите и да ги продолжи процесите. Сепак, сведоци сме дека политичарите во земјата зеле замав дотаму што тие директно се мешаат во работата на правосудството, кое е уставната категорија и тие одат дотаму што на нивни состаноци договараат незамисливи работи, не согледувајќи ја штетата и туркајќи ја земјава во евентуална нова политичка криза, која не е добредојдена за сите нас – вели Илиев.

Поранешниот судија објаснува дека нејасно е зошто двајцата политички лидери, кои декларативно се залагаат за владеењето на правото, сѐ уште не можат да најдат причина да се договорат околу изборот на специјалниот јавен обвинител. Според него, што и да се договорат во наредниот период политичките лидери надвор од Собранието, тоа ќе има политичка етикета и на сите од самиот почеток ќе им биде јасно дека, поради нивните партиски интереси, договореното никогаш нема да го испочитуваат и спроведат докрај.

И адвокатот Александар Тортевски е согласен оти многу е тешко дека ќе се најде решение за судбината на СЈО меѓу политичарите.

– Републичкиот јавен обвинител има право да ги преземе предметите на СЈО во неможност да се избере специјален обвинител. Судбината на оваа институција е сосема јасно дека ќе згасне по сила на ситуацијата и на законот, бидејќи нема да се постигне никаков договор, и како таков ќе им престане мандатот на помошниците на специјалниот јавен обвинител. Тоа значи дека тие немаат никаков мандат по истекот на рокот на мандатот на специјалниот обвинител да постапуваат по надлежностите што тие ги имале до истекот. Сепак, доколку не постои согласност меѓу партиите за иднината за законот и институцијата СЈО, подобро е да се излезе и да се каже јавно, а не да се држат граѓаните во неизвесност. Доколку нема политичка волја, на земјава и се закануваат многу опасности – истакна Тортевски.

Наспроти тоа, една од поекспонираните специјални обвинителки, Ленче Ристоска, е категорична дека во согласност со законот, СЈО сѐ уште постои и функционира и се надева дека наскоро ќе биде донесен законот за Јавното обвинителство.

– Многупати апелиравме за важноста за носење на овој закон. Тоа го има и во последното наше соопштение, зашто е важно да се донесе тој закон. СЈО сѐ уште постои, сѐ уште функционираме, по Законот за СЈО до септември 2020 г. и верувам дека ќе најдат начин. Јас сѐ уште негувам надеж и верувам дека ќе се најде извесно законско решение – рече Ристовска.

[email protected]