Фото: Маја Јаневска-Илиева

Евентуалното заживување на т.н. договор од Нивици, поточно промената на нашиот устав, односно преамбулата, е во тесна корелација и директно се рефлектира и врз комбинаториките за признавање на Македонската православна црква-ОА од страна на Вселенската патријаршија само под името Охридска архиепископија. Како што стојат работите засега, интелектуалците и аналитичарите предупредуваат на силните индикатори дека тоа би можело да предизвика губење на карактерот на национална црква на македонскиот народ. Токму ова е и предупредувањето што професор д-р Илија Велев, медиевист и византолог од Институтот за македонска литература при универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје, го поставува како дилема во јавноста, со што би се избегнале евентуални опасности од поделба на македонското ткиво. Замката на која мора да се внимава, според него, може да предизвика и оддалечување на МПЦ и губење на нејзиниот национален елемент, кој го има како црква во оваа држава.
Во таа насока, византологот Велев одговара и на актуелните прашања што се провлекуваат изминатите месеци околу признавањето на МПЦ-ОА под името Охридска архиепископија и дали тоа би значело губење на националниот помесен карактер на МПЦ, како титуларна православна црква на државата Република Македонија и како национална православна црква на македонскиот народ.

ГУБЕЊЕ НА ПОМЕСНИОТ НАЦИОНАЛЕН СТАТУС

Велев вели дека секоја официјална православна црква во актуелниот христијански живот има национален статус како црква на определен народ и како титуларна црква на државата на христијанскиот народ што го носи нејзиниот суверенитет, како што се Руската православна црква, Грчката православна црква, Бугарската православна црква, Српската православна црква, Романската православна црква, Албанската православна црква.
– Евентуалното отстранување на атрибутот Македонска православна црква од називот на јурисдикцијата на епархиите од просторот на денешна Република Македонија би значело директно губење на помесниот национален статус на таа црква, а преку признанието само на називот Охридска архиепископија таа би добила улога на самостојна јурисдикција со духовно функционирање без идентична автокефалија како другите помесни православни христијански цркви. Во таквиот случај новата „признаена“ православна црква во Република Македонија како Охридска архиепископија од страна на вселенскиот патријарх би го стекнала статусот каков што е на пример на Антиохиската, Ерусалимската или на Александриската православна црква, кои не функционираат како помесни, односно како национални цркви на определен христијански народ, туку на област, на територија – предупредува професорот.

Според него, мора да се има одлучна претпазливост да не се донесе каква и да е погрешна одлука Македонската православна црква да се именува само како Охридска архиепископија, зашто на тој начин би можело да се предизвика и еден од посредните поводи за асимилаторски обиди да се делегитимира постоењето на македонскиот народ како посебен во современото семејство на народите.
– Ако самата Македонска православна црква со поглаварот и со своите архијереи побараат од вселенскиот патријарх томос за официјално признавање само под името Охридска архиепископија, тогаш самоволно во името на македонскиот народ како христијански верници директно би се откажале од историските национални духовни одлуки донесени на специјално одржаните црковно-народни собори од 4 до 6 октомври 1958 година и од 18 јули во 1967 година. Најпрво во 1958 година се возобнови Охридската архиепископија како „самостојна Македонска православна црква“ во канонско единство со Српската православна црква, а поглаварот Доситеј бил устоличен за „архиепископ охридски и скопски и митрополит македонски“. Не требало да помине долго време за да добие силен замав развојот на христијанскиот самостоен живот во Република Македонија, па по 200 години од неканонското укинување на Охридската архиепископија во 1767 година, точно во 1967 година на Третиот црковно-народен собор дефинитивно дошло до возобновување на Охридската архиепископија прогласена за автокефална Македонска православна црква – нагласува Велев.

„МАКЕДОНСКИ“ МОРА ДА ИМА ВО ТИТУЛАТА НА ПОГЛАВАРОТ

Според византологот Велев, со Уставот на Македонска православна црква, поглаварот се стекнал со достоинството „архиепископ охридски и македонски“, што и денес го носи актуелниот поглавар г.г. Стефан на МПЦ-ОА.
– Самиот чин на симнувањето „македонски“ од називот на достоинството архиепископ охридски и македонски би бил понижувачки не само за Македонската православна црква и за нејзиниот поглавар со архијереите, туку директно ќе се понижи и националното достоинство и на македонскиот народ Тие како лојални поклоници и верници на МПЦ-ОА ја прават жива христијанска православна црква во Република Македонија. Во тој случај незапирливо би прокрвавил македонскиот христијански организам, а на македонскиот народ ќе му се одземе правото на апостолската христијанска вера стекната како духовно наследство уште од времето на апостол Павле, на Јустинијана Прима, на Светиклиментовата епархија, на Самуиловата охридска патријаршија – додава византологот.

Со тоа, како што вели професорот, на македонскиот народ ќе му се размати духот и целосно ќе се отуѓи од себеси, а во иднина во македонската духовна меморија на верниците би им останале наталожен срам и губење на христијанското достоинство.
– Се надевам и верувам дека поглаварот охридски и македонски г.г. Стефан поседува духовна и национална македонска чест и гордост да не се согласи со промена на Уставот на МПЦ-ОА, за да го промени и нејзиното име. Македонската православна црква веќе направи компромис во своето име да ја приклучи и додавката Охридска архиепископија. Сметам дека за таа цел би ја имал безрезервно поддршката на македонските православни верници – истакнува професорот Велев.

Фото: Игор Бансколиев