Зелено светло за Македонија од Брисел

1611

Европската комисија препорача почнување на преговорите за членство во Унијата. Одлучувачки ќе бидат задржувањето и продлабочувањето на сегашниот реформски чекор за итните реформски приоритети

Во светло на постигнатиот напредок на Република Македонија, ЕК вчера во својот извештај препорача почнување на преговорите за членство во Унијата. Одлучувачки ќе бидат задржувањето и продлабочувањето на сегашниот реформски чекор за итните реформски приоритети. За да го поддржи ова, ЕК би го применувала засилениот пристап за преговарачките поглавја во областа на судството, фундаменталните права и правдата, слободата и безбедноста во земјата. Ова накратко се заклучоците и оцените што стојат во годинашниот извештај на Европската комисија за напредокот на земјите-аспиранти за членство во ЕУ во делот за Македонија.

Според овој краток увид во извештајот на ЕК, кој вчера и прв го објави бриселскиот сајт „ЕУ-репортер“, ЕК наведува дека Македонија во голем дел ја надмина длабоката политичка криза. Потребните структурни реформи се бавен процес, за што ќе бидат потребни години и штетата направена во последните години нема да биде поправена прекуноќ.

ЕК понатаму во документот ја поздравува работата на земјата за справување со итните реформски приоритети преку искрена желба за реформи и објективна процена на состојбите, проследено со подготовка за стратегиите и законодавство на кои одамна се чека и консултации со сите актери, вклучувајќи ја и опозицијата на инклузивен и транспарентен начин.

– И покрај тешкотиите поради отсуството на главната опозициска партија од декември до крајот на јануари, главните стратегии и закони беа усвоени на крајот на декември/февруари и многу други се во подготовка – се наведува во последниот извештај на ЕК.
Во документот на Европската комисија се додава дека уште поважно е што политичката волја да се напредува е повторно јасно присутна.

– Позитивна промена во политичкиот менталитет се забележува во целото општество, чие отсуство беше најголема пречка во последните години – пишува ЕК за Македонија.
Извори во ЕК за домашните медиуми, пак, во исто време посочија дека еврокомесарите вчера, пред финалното презентирање на извештајот закажано за вчера попладне, според најавите, требало уште еднаш да се сретнат во Стразбур и дека до тој момент било неизвесно за последните неколку промени во формулациите во однос на нашата земја.

Во меѓувреме спорот за името меѓу Скопје и Атина, иако се интензивирани преговорите, останува клучна пречка за добивање датум за преговори на Македонија со Унијата, велат неофицијалните дипломатски извори од Брисел. Според истите извори, земјите-членки на Европската Унија сакаат Македонија да добие датум за почеток на преговори најдоцна во јули годинава. Повикувајќи се на дипломатски извори, МИА јавува дека бугарското претседателство би сакало датумот да биде доделен во јуни, додека со ЕУ сѐ уште претседава Бугарија, но ако тоа не е можно, најголемиот дел земји-членки на ЕУ сакаат датумот да биде доделен најдоцна во јули, под австриско претседателство, „дури и да не е целосно решен спорот за името, но ако е на пат да биде решен“.

Извештајот треба да го претстават еврокомесарот за проширување Јоханес Хан од Стразбур и амбасадорот на Европската Унија во Македонија, Самуел Жбогар, од Скопје. До затворањето на весникот сѐ уште официјално не беше презентиран извештајот на ЕК во Стразбур. За денес, во земјава, пак, е планирано да допатува и Хан, кој се очекува извештајот да му го предаде на премиерот Зоран Заев, а в четврток во македонското собрание пред пратениците ќе се обрати и шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини. На добра вест од Европската Унија се надева и премиерот Зоран Заев. Тој завчера изјави дека е факт оти го сработиле очекуваното и дека Македонија навистина заслужува кристално чиста препорака од Брисел, по која ќе продолжи со реформите.

Инаку, за потсетување, во извештајот за напредокот на Македонија во 2009 година првпат беше препорачано отворање на преговорите за членство во Европската Унија. Тогашниот еврокомесар за проширување Оли Рен рече дека тоа претставува силно охрабрување на владата во Скопје за решавање на спорот со Грција за името, бидејќи добрососедските односи се клучни за европската интеграција на Македонија.
Паралелно на ова, од 2009 година до лани препораката за почетокот на преговорите неколкупати беше неизвесна, но не беше одземена туку условена. Меѓу условите беа регуларни и фер избори, спроведување на договорите од Пржино, слободата на изразувањето, владеење на правото и јавната администрација. Актуелната влада се обврза на спроведување на реформскиот план 3-6-9. Вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Османи тврди дека реализирале повеќе од 90 отсто од предвидените реформи во планот 3-6-9 и сто отсто од неговата суштина.
ВМРО-ДПМНЕ, пак, деновиве соопшти дека владиниот план 3-6-9 доживеал дебакл, а дека СДСМ нема капацитет да ги спроведе реформите за кои презеде обврска.