Здрава исхрана, витамини и физичка активност

216

Лекарите апелираат најнапред да се почитуваат мерките, да се носи заштитна маска и да се избегнува групирање. За зајакнување на имунитетот да се земаат витамин Ц и Б-комплекс. Советуваат здрава исхрана од здрави и свежи намирници, свеж зеленчук и свежо овошје. Физичката активност е исто така важна, велат лекарите, како и здравата исхрана, а додаваат дека оние што не се во можност и не можат да си дозволат некоја посебна физичка активност, доволно е барем половина час да пешачат

Лекарите ги советуваат граѓаните да прават што повеќе за јакнење на својот имунитет

Метеоролошките состојби, временските услови и климата имаат големо влијание на човековото здравје. Од тешкотии предизвикани од временските промени страда речиси половина од светската популација. И кај нас променливото време, големите температурни амплитуди, ниските температури во утринските и вечерните часови, како и зголемената влажност на воздухот и осцилациите на воздушниот притискок значително влијаат на здравјето на луѓето, а пред сѐ на на хронично болните лица. На оваа категорија граѓани лекарите им советуваат секогаш да внимаваат, редовно да ја земаат пропишаната терапија за да не си направат дополнителни компликации на своето здравје. Она што најпрво треба да важи за сите е да ги почитуваат мерките, да носат заштитна маска и да избегнуваат групирање. За зајакнување на имунитетот здравствените работници препорачуваат да се земаат витамини, како витамин Ц и Б-комплекс и, секако, советуваат здрава исхрана од здрави и свежи намирници, свеж зеленчук и свежо овошје. За оние што работат стоечка работа или имааат поголема физичка актовност сметаат дека е добро навечер да земаат магнезиум. Само во конуслтација со лекар во овој период препорачуваат и витамин Д од 1.000 милиграми. Физичката активност е исто така важна, велат лекарите, како и здравата исхрана и додаваат дека оние што не се во можност и не можат да си дозволат некоја посебна физичка активност, доволно е барем половина час да пешачат, велат дека важно е да се движат особено оние што имаат седечка работа. Лекарите се децидни – што подалеку од стресот и секојдневни стресни состојби за да не дојде до покачување на хормонот кортизол, кој може да направи многу штета на организмот, а за полнење на батериите советуваат одење во природа барем еднаш во текот на неделата. Во овие денови на студени утра и ноќи, а повисоки температури во текот на денот порачуваат и носење соодветна облека за да не дојде до настинки.

– Многу е важно во овој период на температурни разлики и зголемена влажност, хронично болните редовно да ја примаат својата веќе препишана терапија. Да не прескокнуваат термини и да не земаат терапија на своја рака, туку да се консултираат со своите матични лекари. Барем сега тоа е возможно и телефонски, тие им се достапни, ги имаат нивните тефонски броеви и можат да ги побараат за консултација. Хронично болните треба да земаат витамини, да консумираат чаеви, свежо овошје и зеленчук и зготвена храна. Во основа здравата исхрана и физичката активност се првата буква од азбуката за да може сите да го зачуваат имунитетот. Нема здравје ако некој е љубител на брза храна и по ручекот лежи и нема никаква активност. Оние што пушат цигари им советувам да се откажат за да го подобрат своето здравје. Во овој период неповолно влијае дури и консумацијата на алкохол, па дури и да се тоа чашка или две, кои во голема мера можат да влијаат на покачувањето на крвниот притисок. Оние што наутро излегле на прошетка не треба веднаш да влегуваат во затоплена просторија, бидејќи веднаш може да им се промени крвниот притисок. Затоа мора да се одржува температурната сразмерност на надворешната и внатрешната температура, бидејќи во овие услови и на зголемена влажност може да предизвика вртоглавици. И за децата е важна здравата исхрана и да се изнесуваат на прошетка, да не се затвораат дома – вели д-р Ивана Митрева, докторка на специјализација во поликлиниката „Јане Сандански“.

Нејзиниот колега од Поликлиниката во Чаир, д-р Мевљудин Куч, член на Лекарската комора, вели деновиве дел од пациентите се изложувале на топло-ладно правејќи зимници и на тој начин го нарушиле своето здравје. И затоа тој порачува да не прават зимници на отворено бидејќи најголем дел добиле настинки правејќи ајвар.
– Темпеартурните разлики секако влијаат на сите нас, особено на хронично болните и затоа тие не треба да излегуваат во ладните периоди од денот и редовно да ја пијат својата терапија. Да се штитат од вирусни инфекции и настинки, да пијат чаеви и други топли напитоци и, секако, да носат маски за заштита. Просторииите во кои подолго се престојува да се проветруваат, но и да се прошета на чист воздух и да се пропешачи барем еден километар дневно. За хронично болните секогаш е добредојдено вакцинирањето за претстојниот сезонски грип и најдобро е да се направи тоа помеѓу 15 октомври 15 ноември за да може организмот да си создаде антитела – смета д-р Куч.