Зголемен бројот на барања за гласање во домашни услови во Кичево

103
Фото: Зоран Антоски

За разлика од изминатите години, за предвремените парламентарни избори што треба да се одржат на 15 јули, бројот на барања за гласање во домашни услови е рекорден и изнесува 485, што беше потврдено и од ОИК за Кичево.

– Благодарение на проширениот список на дијагнози, за овие избори имаме рекорден број барања од страна на болни и изнемоштени лица, кои побараа да гласаат во домашни услови. Така, дури 485 граѓани побараа да гласат во домашни услови. Инаку, досега најголемата бројка на барања на граѓаните не беше поголема од 250 лица. Оние баратели кои имаат уредни лекарски наоди ќе бидат прифатени, додека останатите кои нема да ги задоволат соодветните критериуми, ќе бидат отфрлени. Гласањето на болните и изнемоштени лица ќе се спроведе во вторник, додека ден порано ќе гласаат лицата со ковид-19, лицата во самоизолација и карантин. Овие граѓани ќе можат своето избирачко право да го искористат на 13 јули, а нивните домови ќе ги посетат посебни избирачки одбори составени од тројца здраствени работници и претставници на политичките партии. Во нашата општина бројот на пријавени под овие услови изнесува 35 – рече Мире Ночески, член на ОИК за Кичево.

За овие избори на единствениот избирачки список запишани се 50.409 гласачи од Кичево, кои ќе гласаат на 113 избирачки места. З.А.