За преспанскиот договор и пошироко

2993
Првиот македонски претседател Киро Глигоров, во говорот во Францускиот институт за меѓународни односи на тема „Македонија и Нова Европа“, кон крајот на октомври 1993, ќе потенцира дека „правото на народот на свое име е природно и неотуѓиво“

Преспанскиот договор, кој е составен дел и на референдумското прашање, го имаат прочитано исклучително мал процент граѓани. Од друга страна, апелите и од страна на власта и на опозиција до граѓаните се да се прочита договорот од точка до точка. Во форма на фељтон во повеќе продолженија ја пренесуваме сеопфатната стручна анализа на професорката Гордана Сиљановска-Давкова, која ја објавуваме интегрално

Гордана Сиљановска Давкова

Официјалниот назив на Преспанскиот договор е КОНЕЧЕН ДОГОВОР ЗА РЕШАВАЊЕ НА РАЗЛИКИТЕ, ОПИШАНИ ВО РЕЗОЛУЦИИТЕ 817 (1993) И 845 (1993) НА СОВЕТОТ ЗА БЕЗБЕДНОСТ НА ОН, ЗА ПРЕСТАНОК НА ВАЖНОСТА НА ПРИВРЕМЕНАТА СПОГОДБА ОД 1995 ГОД. И ЗА ВОСПОСТАВУВАЊЕ НА СТРАТЕШКО ПАРТНЕРСТВО МЕЃУ СТРАНИТЕ. Во називот на конечниот договор отсуствува вистинскиот предмет на грчко-македонскиот спор, односно ИМЕТО, разликите не се опишани, туку само е нотирана разлика за името. Имено, Резолуцијата на Советот за безбедност 817 (1993), откако констатира дека: апликантот ги исполнува критериумите за членство во Обединетите нации, содржани во членот 4 од Повелбата, нотира РАЗЛИКА во врска со името на државата, која треба да биде решена, во интерес на зачувувањето мирни добрососедски односи во регионот. Заради тоа, во став (2) му препорачува на Генералното собрание државата да биде примена во членство, но за сите цели во рамките на ОН да ѝ се обраќаат како на бивша Југословенска Република Македонија, додека „на брз начин не се реши разликата“!!!

Од аспект на меѓународното право, „разликата за името“ е билатерален спор, со практични последици врз трети држави, во рамките на мултилатералниот форум ОН и други меѓународни организации. Надвор од нив, со оглед на билатералниот карактер на спорот, третите држави се правно слободни да ја признаваат државата под уставното име.1 Значи, во самиот наслов на договорот препознаваме амбиција за проширување на предметот на преговарање и усогласување. Што стана со ставот на медијаторот Нимиц, изразен во одговорот на Greek Press од 1995: „Името на оваа држава е фактички избрано од самата држава. Но, како и да е, тие се оние што го избираат сопственото име. Грција не може да им го избере името. Грција може да каже дека е против името избрано од другата страна… Дури ни ОН не се тие што одбираат имиња… Во овој случај, тие не го избраа името на државата, туку рекоа дека привремено ќе ѝ се обраќаат со бивша Југословенска Република Македонија. Како што веќе реков, тие можат да ни се обраќаат нам како на бивша британска колонија Северна Америка. Тоа не е нашето име, како што она ПЈРМ не е име на оваа држава“.2

На оваа линија е и ставот: „Името на една држава е име што извира и го создава народот што ја создал и живее во таа држава. Државата што ја создал македонскиот народ е Република Македонија. Никогаш македонскиот народ не може да ја нарекува својата држава поинаку од Република Македонија. Тој никогаш не може да се согласи со промената на нешто што го носи со векови, а неговата држава го носи повеќе од педесет години, што не е случај со грчката северна провинција“.3 И Стево Црвенковски, кој во својство на министер за надворешни работи ја потпиша Привремената спогодба, на прашањето на новинарката Слободанка Јовановска: „Има ли логика сега да правиме компромис околу уставното име?“, за „Дневник“ одговори: „Немало логика ни досега, и никогаш не сум чул дека некој има таква намера!4 Проф. Фрчковски вака гледаше на можното решение: …„Ако е двојна формула, ние не мораме да го менуваме името, го добиваме на меѓународен план, само во однос на Грција го договараме. Тоа е излез, без двојна формула нема излез“.5

ЗБОГУМ НА IUS COGENS, ЗБОГУМ НА УСТАВОТ НА РЕПУБЛИКА МАКЕДОНИЈА

Договорот излегува од рамката на Резолуцијата 845 (1993), која, по повикувањето на Резолуцијата 817 (1993), ги охрабрува Грција и бившата Република Македонија на соработка со копретседавачите на Надзорниот комитет на Меѓународната конференција за поранешна Југославија, со цел да дојдат до брзо решавање на разликата за името. Имено, финалниот договор е договор за решавање на „разликите“, а разликата и преговорите за името, се трансформирале во „разлики“ и преговори за историјата, македонскиот идентитет, македонскиот јазик, културата и образованието, политичкиот и административниот систем, УСТАВОТ, слободите и правата на човекот и граѓанинот.

Тој ОКТРОИРА уставни измени, односно промена на уставното име Република Македонија (неспоменато) и конституционализација на новото име и придавките изведени од него и ги пропишува начинот, времето и надзорот над имплементацијата на сите решенија во правниот и политичкиот систем на Втората страна, од Првата, односно од Хеленската република, што претставува директно грчко мешање во внатрешните работи на Република Македонија како суверена држава, формирана врз основа на правото на самоопределување на македонскиот народ во 1944 година, на АСНОМ. Во оваа смисла, првиот македонски претседател Киро Глигоров, во говорот во Францускиот институт за меѓународни односи на тема „Македонија и Нова Европа“, кон крајот на октомври 1993, ќе потенцира дека „правото на народот на свое име е природно и неотуѓиво“.6

Интересно, но иако насловот на договорот нотира престанок на важноста на Привремената спогодба од 1995-та, во ниту еден член не е спомената пресудата на Меѓународниот суд на правдата од Хаг во 2011 година за прекршување на членот 11 од страна на Република Грција со блокирањето на добивањето покана за членство на „бившата југословенска Република Македонија“ во НАТО, на самитот во Букурешт од 2008 година.
„Преспанскиот договор“ не води сметка за членот 1 од Привремената спогодба (1995), во која, Првата страна ја признава Втората страна како независна и суверена држава, како и членот 3, со кој „секоја страна се обврзува да ги почитува суверенитетот, територијалниот интегритет и политичката независност на другата страна. Поради тоа, таа е спротивна на начелото на „еднаквост на сите членки (членот 2(1)) на Повелбата и го дерогира правниот субјективитет на Република Македонија. Исто така, се кршат принципот на правна еднаквост на државите (видете GA Res.2625 (XXV) од 24 окт. 1970) и принципот на недискриминација во претставувањето и членството (UN Doc.A/CONF.67/16 (14 март, 1975). Да потсетам: членот 53 на Vienna Convention on the Law of Treaties (VCLT) вели: Договори што се во конфликт со задолжителните норми на меѓународното право (ius cogens) се ништовни!!

Договорот е асиметричен, зошто Првата страна има права, а Втората – обврски, ако се изземат онаа „за ратификација на договорот, по усвоените амандмани на Уставот и завршувањето на сите правни постапки, нужни за влегување во сила на истата (членот 1, точка 4, под ѓ) и онаа: „да не приговара на апликацијата за зачленување или на членството на Втората страна (членот 1, точка 3, под а). Интересно, но речиси иста формулација има во членот 11, став (1) на Привремената спогодба, но попусто, зашто Грција ја прекрши, Меѓународниот суд ја прогласи за виновна, но не следуваа никакви правни и политички последици.

ХЕЛЕНСКАТА РЕПУБЛИКА (ГОЛИЈАТ) versus ВТОРАТА (БЕЗИМЕНА) СТРАНА (ДАВИД)

Не треба да сте правник за да воочите дека Првата страна има статус на надреден договорен субјект, а Втората, на подреден, што ја прави објект, иако, двете држави, како признаени меѓународни субјекти, би требало да бидат рамноправни договорни страни!! Власта и нејзините поддржувачи, но и генералниот секретар на НАТО, Столтенберг, во пресрет на референдумот, истакнуваат дека прифаќањето на Преспанскиот договор е неминовно за влез во НАТО во следните две години и почеток на преговорите за ЕУ. Да споменам дека во 2002 година, Крег Ретклиф, портпарол на НАТО во Република Македонија, на прашањето: „Република Грција е член на НАТО, дали може да се очекува од НАТО и неговите членови да ја поддржат Грција во спорот?“, одговора: „НАТО не е во позиција да ја поддржува Република Грција во овој спор. Тоа не е проблем на НАТО. Тоа е проблем на Грција. Овој спор мора да се реши со почитување на меѓународното право и со помош на ОН, а секако и со помош на двете држави, инволвирани во спорот“.7

НАМЕСТО WIN-WIN, WIN -LOOSE ДОГОВОР

Договорот има преамбула и три дела: првиот, составен од 8 члена, ги регулира прашањето на името и прашањата врзани за него, како и добрососедските односи; вториот е посветен на стратегиското партнерство, третиот на „решавање на споровите“ и, на крајот, завршните одредби. Неоспорно е дека стратегиското партнерство е важен инструмент во градењето политика на добрососедски односи, но соработката во низа области се заговараше и во Привремената спогодба. Правно, со оглед на природата на спорот, претпочитам, стратегиското партнерство да биде предмет на посебен договор, односно договори што, во согласност со Законот за склучување, ратификација и спроведување на меѓународните договори, би ги потпишувале надлежните министри. Чинам дека вториот дел е инкорпориран во финалниот договор од тактички причини, заради привид на win-win солуција, иако се работи за win- loose договор на релацијата: Прва – Втора страна, како и како основа/алиби за неговото потпишување од министерот за надворешни работи наместо од претседателот на државата, како исклучиво уставно надлежен за првиот дел.

(продолжува)

Сашо Георгиевски, „Неприроден меѓудржавен спор“, Спорот за името меѓу Грција и Македонија, стр. 254.

#Интервјуто со Нимиц е објавено на интернет-страницата на MAK-NEWS ”M.I.L.S”. (Види на
www.hri.org/news/balkans/mils/1995/95-09-25.mils.html).

Светомир Шкариќ, Македонија на сите континенти: Унион Трејд, Скопје, 2000, стр. 30.

Спорот за името меѓу Грција и Македонија, стр. 291.

#Интервју со Фрчковски на 25 мај, 2002 год. „Спорот за името меѓу Грција и Македонија“, стр. 330.

MILS News, Skopje, Oct. 26, 1993

Спорот за името меѓу Грција и Македонија, стр. 384