За постоење на еден јазик не му е потребен устав

828
Фото: Маја Јаневска-Илиева

Иако дебатата поттикната од бугарските претензии за асимилација на македонскиот јазик (како западнобугарски дијалект) е несоодветна и депласирана, Бугарија продолжува со своите апсурдни политички апетити барајќи македонскиот јазик во комуникацијата и документите на ЕУ да се дообјаснува со фуснота „официјален според Уставот“. Во таквата, навидум, „евробирократска“ формулација се препознаваат обиди за содржинско, просторно и временско ограничување на простирањето и постоењето на македонскиот јазик и суштинска деноминација на македонскиот народ

Наместо приближување до европските вредности и влез во ЕУ, Бугарија со своите апсурдности ја вовлече Македонија во спиралата на докажување и одбрана на аксиомите на посебноста на македонскиот идентитет – како и македонскиот јазик. Иако се чини дека таквата дебата, поттикната од бугарските претензии за асимилација на македонскиот јазик како западнобугарски дијалект, е несоодветна и депласирана во цивилизацијата на 21 век, Бугарија продолжува со своите апсурдни политички апетити барајќи македонскиот јазик во комуникацијата и документите на ЕУ да се дообјаснува со фуснота „официјален според Уставот“.

Во таквата, навидум, „евробирократска“ формулација се препознаваат обиди за содржинско, просторно и временско ограничување на простирањето и постоењето на македонскиот јазик и суштинска деноминација на македонскиот народ.
Индивидуално и институционално лингвистите во Македонија реагираат на ваквите обиди за оспорување на автохтоноста на македонскиот јазик уште откако Бугарија го отвори тоа како прашање пред институциите на ЕУ, а во неодамнешното отворено писмо од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ категорично и аргументирано се повикуваат македонските политичари во преговорите за одблокирање на бугарското вето „да не прифаќаат разговори за категории, како јазик, нација и историја, за кои не може да ’се преговара‘ и да ги чуваат македонските државни и национални вредности, како и идентитетските обележја“.
– За македонските лингвисти, како и за сите Македонци, без разлика дали се државјани на Република Македонија или не се, е неприфатлива и синтагмата „македонски јазик според Уставот“, затоа што македонскиот им припаѓа на оние што го зборуваат, како што е, всушност, со сите други јазици во светот. Синтагмата „македонски јазик според Уставот“ е бесмислена самата за себе и не соодветствува на општествените законитости. Зашто за да постои еден јазик не му е потребен устав. Современиот македонски јазик ги опфаќа сите негови пројави, и стандардната варијанта и разговорните варијанти, но и дијалектните, од кои, всушност, е произлезен стандардниот јазик.

За разлика од стандардниот јазик, за дијалектните варијанти на македонскиот јазик, кои се протегаат и надвор од границите на Република Македонија: во егејскиот дел во Република Грција, во пиринскиот дел во Република Бугарија, во малопреспанскиот крај, Голо Брдо и Гора во Република Албанија и во неколку села во горанскиот крај во Косово – не е потребен устав. Неоспорни се фактите за протегањето на македонскиот дијалектен ареал, потврдени од врвни дијалектолози, и Македонци и странци, врз база на научни докази и факти. Притоа, не треба да заборавиме дека имаме и голема македонска дијаспора што го зборува и изучува македонскиот јазик во многу земји во светот, каде што владеат правото и демократијата. Затоа, прифаќање „договори за добрососедство“, „анекси“ и сл., во кои македонскиот јазик ќе биде заменет со синтагми од типот „официјален јазик на РС Македонија“ или „македонски јазик според Уставот“ се неприфатливи, бесмислени и самоуништувачки, и нема да бидат на штета само на Македонците во Република Македонија, или надвор од неа туку ќе бидат и на штета на сите говорители на македонскиот јазик.
Осврнувајќи се на Европската повелба на фундаментални права, односно на членот 22 гласи што гласи: „Унијата ќе ги почитува културната, религиозната и јазичната разноликост“, македонските лингвисти сметаат дека при сите разговори што ги опфаќаат јазичните и идентитетските прашања секоја земја-членка на ЕУ мора да ја почитува оваа европска определба. Според нив, токму овој член ги поставува како беспредметни притисоците од Бугарија, но го поставува и прашањето за отсуство на реакција од ЕУ во врска со споменатите притисоци.

– Во однос на изнесените негаторски ставови од бугарска страна и ставовите дека наводно македонскиот јазик „бил создаден“ во 1944 год., треба да го имаме предвид развојниот процес на македонскиот јазик. Во лингвистиката се прифатени и се научно фундирани фактите дека дијалектната диференцијација во Македонија започнала од 11 век, од кога може да се следат голем број иновации, а основните црти на македонските дијалекти се проследуваат на преминот од 13 кон 14 век – наведуваат научниците од Институтот за македонски јазик.
Бугарските историско-идентитетски и јазични уцени спрема Македонија, филологот Игор Радев, во интервју за еден македонски медиум, ги нарекува „работи што спаѓаат во сферата на литературни метафори“, кои ги отсликуваат „двојните, тројните стандарди на ЕУ“.
– Во ЕУ има членки што внеле во неа замрзнат воен конфликт и поделена држава (Р Кипар) или такви што имале уставно пропишани територијални претензии (Р Ирска во однос на Северна Ирска), без никакви условувања за претходно решавање. А ние тука денес сме во ситуација да бидеме условувани и уценувани со работи што спаѓаат во сферата на литературни метафори, како формално признавање на „корени“, или официјално формулирање на ваква или онаква интерпретација на историски собитија… Ако ова не е случај на тие фамозни двојни, тројни стандарди, тогаш не знам што е. Некој тука можеби ќе забележи – па не нè уценува и условува ЕУ, туку Бугарија. Не. Оној миг кога цинично ни беше кажано ние „првин билатерално да си ги решиме несогласувањата“, јасно е веќе кој нè уценува – вели Игор Радев.
Во однос на состојбата со дипломатските напори за надминување на причините за бугарското вето за македонската преговарачка рамка, амбасадорите на ЕУ повторно не успеаја да постигнат договор за заклучоците за отворање на преговорите со Македонија на состанокот на 2 декември.

Бугарија, пак, и натаму инсистира нејзините барања поврзани со историјата да бидат вклучени во текстот на рамката, што е неприфатливо за другите земји-членки на ЕУ. Консултациите продолжуваат во обид да се постигне консензус до министерскиот совет на ЕУ на 8 декември и да се деблокира ситуацијата, која, според Брисел, ја држи во заложништво не само евроинтеграцијата на Македонија туку и на целиот регион. Но еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји смета дека сѐ помалку е извесно дека до крајот на годинава ќе бидат усвоени преговарачките рамки и ќе почнат преговорите со Македонија и со Албанија за членство во Унијата. Неговата порака „Македонија да излезе во пресрет на отстранувањето на загриженоста на Бугарија за спорните прашања“ беше оценета како контроверзна и во македонската јавност, но и во Брисел.


Лингвистичко разликување на македонскиот и бугарскиот јазик

Во сенката на политичките интерпретации за прашања што лингвистичката наука одамна ги има апсолвирано, како да се потиснува фактот на денешните лингвистички разлики меѓу македонскиот и бугарскиот јазик, кои произлегле од различниот пат низ историскиот развој, иако е неоспорно дека припаѓаат на групата на словенските јазици, односно на источната гранка на јужнословенските јазици и се соседи во јужнословенскиот дијалектен континуум. Македонскиот и бугарскиот јазик можеби се најблиските според јазичните карактеристики, со оглед дека и двата припаѓаат на групата на аналитичките јазици, односно во јазичниот развој е изгубен деклинативниот систем т.е. падежите. Интересно е дека губењето на падежите во овие два јазика, во лингвистичката теорија се објаснува со влијанието на јазиците во контакт, што значи дека тоа се случило низ вековниот допир и комуникација со јазиците во соседството, кои немаат деклинативен систем, иако не се од словенската група јазици, како турскиот, грчкиот, албанскиот. Структурата на јазикот постепено се менува со развојот на јазикот под влијание на различни фактори: контакт со други јазици, различни процеси на стандардизација итн. Како резултат на овие промени, македонскиот стандарден јазик денеска има особини што не се среќаваат во бугарскиот стандарден јазик. Лингвистите од Институтот за македонски јазик потврдуваат дека процесите на дијалектна диференцијација на македонскиот јазик од старословенскиот јазик започнуваат уште во 11 век.

Без влијание од политичкиот контекст во кој актуелно се ставени македонскиот и бугарскиот јазик, две млади македонски лингвистки, Нина Тунтева и Викторија Блажеска, на својот јазичен блог ги детектираат структурните разлики во стандардните варијанти на двата јазика, и тоа на особините по кои се разликуваат. Во својата анализа тие наведуваат дека не ги обработуваат разликите во зборовите меѓу двата јазика, бидејќи варијации во лексиката често постојат и меѓу дијалектите во рамките на еден јазик, бидејќи фондот на зборови што ги има еден јазик е подложен на разни влијанија поради кои се менува. За почеток, тие обработуваат осум особини што македонскиот стандарден јазик ги има денес, а не се среќаваат во бугарскиот стандарден јазик.


1. Определен третосложен акцент
Една од типичните особености на македонскиот јазик е определениот (фиксиран) третосложен акцент. Тоа значи дека акцентот речиси секогаш паѓа на третиот слог од крајот на зборот кај трисложните и повеќесложните зборови, односно на вториот слог од крајот на зборот кај двосложните зборови. За разлика од него, акцентот во бугарскиот јазик е слободен и подвижен, па може да се падне на кој било слог во зборот.

македонски: грáд, грáдот, грáдови, градóвите
бугарски: грáд, градът, градовé, градовéте


2. Губење на гласот х
Развојот на македонскиот јазик уште од 16 век бележи процес на постепено исчезнување на гласот х или негова замена со в или ф (шетах → шетав). Овој глас во македонскиот стандарден јазик денес се среќава во некои изворни словенски зборови (храна, храброст) и во заемки од интернационалната лексика (хемија, хигиена), но исчезнал од почетната и меѓувокалната позиција, како и од глаголскиот систем. Сите тие се позиции на кои гласот х и денес се среќава во бугарскиот стандарден јазик.

македонски: убава, снаа, бев
бугарски: хубава, снаха, бях


3. Троен определен член
Македонскиот стандарден јазик е единствениот стандарден словенски јазик во кој постои тројниот определен член: форми за општа определеност (-та, -от, -то, -те, -та), форми за определеност кога предметот или личноста се блиску до говорителот (-ва, -ов, -во, -ве, -ва) и форми за определеност кога се далеку од говорителот (-на, -он, -но, -не, -на). Во бугарскиот стандарден јазик постои само категоријата за општа определеност, со форми за женски, машки и среден род и за множина. Во рамките на машкиот род постојат две форми на членот, но нивната употреба зависи од функцијата на именката во реченицата, а не од просторната или од временската определеност.

македонски: соба → собата, собава, собана; собите, собиве, собине
бугарски: стая → стаята; стаите


4. Три форми на показните заменки
Слично како кај членот, и показните заменки во македонскиот стандарден јазик имаат три форми: за посочување блиски предмети и лица (оваа, овој, ова, овие), подалечни предмети и лица (онаа, оној, она, оние) и посочување без просторна и временска определеност (таа, тој, тоа, тие). Во бугарскиот стандарден јазик постојат само две категории: блискост (този/тоя, тази/тая, това/туй, тези/тия) и оддалеченост (онзи/оня, онази/оная, онова/онуй, онeзи/ония).

македонски: тоа списание, ова списание, она списание
бугарски: това списание, онова списание


5. Множина со -иња во среден род
Во македонскиот стандарден јазик, некои именки од среден род што завршуваат на -е образуваат множина со наставката -иња. Во бугарскиот јазик, именките од среден род што завршуваат на -е најчесто образуваат множина со наставката -(е)та или -(е)на, а наставката -иња воопшто не постои.

македонски: море → мориња, име → имиња
бугарски: море → морета, име → имена


6. Две минати неопределени времиња – со сум и со има
Македонскиот стандарден јазик е единствениот стандарден словенски јазик во кој постои минато неопределено време (т.н. перфект) што се образува со помошниот глагол има и глаголска придавка во среден род. Ова граматичко време во лингвистиката го нарекуваме има-перфект и може да се спореди со времето present perfect во англискиот, Perfekt во германскиот и passé composé во францускиот јазик. Ваквата конструкција на има со глаголска придавка постои и во некои нестандардни форми на бугарскиот јазик, но не е дел од стандардниот јазик и не е толку развиена и широко распространета како во македонскиот.

македонски: Ги имам прочитано сите негови книги.


7. Глаголски придавки од сите глаголи
Оваа интересна одлика на македонскиот јазик произлегува од постоењето на има-перфектот (види во претходната точка), кој може да се употреби со сите глаголи. Поради тоа, глаголска придавка (види ги примерите подолу) може да се образува од сите глаголи, без оглед на тоа дали се преодни или непреодни, повратни или неповратни, свршени или несвршени. Од друга страна, во бугарскиот стандарден јазик постојат само глаголски придавки од преодни и повратни глаголи, бидејќи нивната употреба е секогаш поврзана со врската помеѓу глаголот и директниот предмет (а непреодните глаголи немаат директен предмет).

македонски: пишува → пишуванo, напише → напишанo, дојде → дојденo
бугарски: пиша → писанo, напиша → написанo, дойда → /

8. Задолжително удвојување на предметот
Задолжителното удвојувањето на директниот и индиректниот предмет е интересна и уникатна карактеристика на македонскиот јазик. Тоа значи дека секогаш кога како дел од предметот во реченицата се јавува определена именка (на пример членувана именка или лично име), неа мора да ја придружува и кратка заменска форма. Таа се согласува со именката по лице, род и број, а во различните форми за директен и индиректен предмет се гледаат остатоци од падежниот систем својствен за повеќето словенски јазици. Во бугарскиот стандарден јазик ова удвојување е незадолжително и ограничено на примери кога треба да се истакне односот на елементите во реченицата.

македонски: Веќе ја напишав статијата. Учителoт им зборува на учениците.
бугарски: Написах вече статията. Учителят говори на учениците.

Ова се осум јазични особини на македонскиот стандарден јазик што го прават различен од бугарскиот.