За едни историски успех, за други историски срам

1066

РЕАКЦИИ ПО ГЛАСАЊЕТО ВО ПАРЛАМЕНТОТ

Приврзаниците уверуваат дека е направен голем чекор кон зачленување на Македонија во НАТО и во ЕУ, додека противниците нагласуваат дека со гласањето во Собранието се укинати демократијата и законот

Не стивнуваат реакциите по петочното гласање во парламентот за уставните промени. Покрај домашните реакции, позитивни и негативни, со поддршка за претстојните промени се јавија повеќе западни претставници. Русија, пак, порача дека нѐ признала под уставно име и дека тој став нема да го менува. Вчера продолжија расправиите меѓу најголемите политички партии.

– Раководството на ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски се антимакедонски и антизападни марионети спречени во обидите да ја закочат македонската иднина.
Мицкоски и антизападното раководство на ВМРО-ДПМНЕ се поразени од сопствената партија и не успеаја да го блокираат патот на Македонија кон ЕУ и НАТО. Раководството на ВМРО-ДПМНЕ и антизападниот играч Мицкоски, да ги тргнат настрана рацете од сите граѓани и сите пратеници, кои сакаат да ја видат Македонија во НАТО и во ЕУ – се нагласува во соопштението од СДСМ.

Од партијата истакнаа дека „80 пратеници во Собранието слободно, по сопствено убедување и низ демократска постапка гласаа за иднина во ЕУ и во НАТО и ја испочитуваа волјата на над 80 отсто од сите граѓани“.
– Македонија се обединува околу иднината во ЕУ и во НАТО. Мицкоски и антизападното раководство на ВМРО-ДПМНЕ остануваат изолирани во темното минато на изолација и поделби – порачаа од СДСМ.

Одлуката за почнување со уставни измени, кои произлегуваат од договорот од Преспа, ја поздрави и Стејт департментот. Оттаму велат дека „САД веруваат дека договорот од Преспа е една историска шанса за зајакнување на стабилноста, безбедноста и благосостојбата на целиот регион“.
По гласањето во Собранието, реагираа и повеќе европски претставници, како и посредникот Метју Нимиц.

– Ова е голем ден за демократијата во Скопје. Им честитам на сите што решија да тргнат по европскиот пат. Верувам дека слободната волја на сите пратеници е целосно почитувана и особено на оние што ги надминаа партиските бариери. Треба државништво, а не партиски игри – напиша на Твитер еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

Слични пораки упати и претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск.
– Еден глас, еден голем чекор поблизу до заземањето на местото што ви припаѓа во нашата трансатлантска заедница – напиша Туск на Твитер на македонски јазик.
За посредникот Нимиц ова бил добредојден напредок и за нашата држава и за регионот и за Европа. Тој нагласи оти особено бил воодушевен од тоа како демократскиот систем функционирал ефективно и одговорно, како и од демократскиот дух на граѓаните.

– Се надевам дека другите чекори ќе се одвиваат лесно за да се заврши овој процес. Ги охрабрувам сите политички лидери да работат заедно конструктивно, да го финализираат договорот и да продолжат со неговата имплементација. Од името на генералниот секретар можам да ве осигурам дека ОН се подготвени да ви помогнат во овој процес, како и секогаш – порача Нимиц.

Гласањето во парламентот го поздрави и јужниот сосед. Премиерот Алексис Ципрас официјално го наследи Никос Коѕијас на позицијата шеф на грчката дипломатија, кој поднесе оставка, а и двајцата во своите обраќања се задржаа на грчката надворешна политика, но и на договорот од Преспа.
– Денешниот ден е симболичен и историски ден за нашата надворешна политика, по одлуката на Собранието на Скопје, која го отвора патот за да се имплементира историскиот договор – рече Ципрас.
Тој уште еднаш повтори дека уставните измени во Македонија се предуслов за евроатлантските интеграции.

– Можевме и направивме еден чекор напред. Морам да ви кажам, благодарам Заев, Димитров и на осумдесетте пратеници што гласаа за договорот. И јас и вие го живееме истиот парадокс. Да имам поднесено оставка, а да сум среќен. Среќен сум бидејќи си одам, а имаме направено еден сериозен чекор, чекор на надеж за имплементирање на договорот, за кој толку макотрпно работевме – порача Коѕијас.

И додека власта и западните претставници зборуваат за историски успеси, опозицијата, Русија, но и повеќе домашни аналитичари сметаат дека со гласањето е направено флагрантно газење по Уставот и по демократијата.
– Зоран Заев и неговите 80 очајници не добија мандат на избори да го менуваат Уставот, да го бришат името Република Македонија и да го менуваат идентитетот. Зоран Заев и неговите 80 очајници не добија поддршка ниту на референдумот да ги бришат историјата, традицијата и културата на Република Македонија. СДСМ и Зоран Заев ги погазија демократијата и правдата во Република Македонија. Немајќи смелост да се соочи со волјата на граѓаните, која беше јасно искажана на референдумот, Заев посегна кон силување на институциите, државата и волјата на сопствениот народ – стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Според ВМРО-ДПМНЕ, јавноста конечно ја видела „заднината на политичкиот прогон преку СЈО, обвинението за настаните од 27 април и монтираните обвиненија против пратениците што подоцна се искористени како уцени за добивање двотретинско мнозинство за менување на уставното име на Република Македонија и спроведување на договорот од Преспа“.

По гласањето во парламентот се огласи и руската амбасада во Македонија преку Твитер, која соопшти дека Русија ја признала Македонија под уставното име пред повеќе од 26 години и дека својот став нема да го промени.

– Водечките политичари од НАТО и од ЕУ директно се вклучија во пропагандната кампања, не воздржувајќи се од мешање во внатрешните работи на земјата. И покрај фактот што две третини од граѓаните на Македонија не го поддржаа Преспанскиот договор, резултатите од референдумот веднаш беа поздравени од лидерите на ЕУ и на НАТО, како и од Вашингтон. Тие се решени да го вклучат Скопје во НАТО и покрај спротивниот став на македонските граѓани – се вели во руското соопштение.
Левица преку својот фејсбук-профил оцени дека поддршката за уставните измени е криминал и дека легитимитет за нив може да даде само народот.

– По криминалното отворање на процесот за промена на уставното име на Република Македонија и газењето и на тоа малку што остана од македонскиот устав јасно е веќе дека мнозинството од народот останува непретставен во македонското собрание! Легитимитет за таков процес може да даде народот и само народот. А народот преку масовното бојкотирање на нелегалниот референдум кажа одлучно „не“! Народот е сувереност во оваа држава, не нашите политичари полтрони на западните сили! – стои во соопштението на Левица.
Свој став за гласањето за уставните измени на Фејсбук изнесе и режисерот Дарко Митревски.

– Народите создаваат држави и стануваат нации така што се обединуваат околу некои морални и филозофски вредности, било леви или десни. Да речеме: слобода, еднаквост и братство. Или традиција, семејство, труд. Или правда за сите. Или свои на своето. Или смрт на фашизмот. Или слобода за Македонија. Ниту една од овие вредности нема лукративна или прагматична природа. Не се обединиле Италијанците или, пак, Германците затоа што државноста ќе им донела повеќе пари, ниту пак за независност се бореле латиноамериканските и азиските народи затоа што сувереноста им била попрактична од колонијализмот. Напротив, тие создале држави во име на некои принципи, кои ги сметале за есенцијално „добро“ и наспроти некои други, кои ги сметале за есенцијално „зло“ – пишува тој.
Митревски појаснува дека врз основа на овие вредности „подоцна се пишуваат устави и закони, кои го рефлектираат духот на доброто, односно борбата на доброто против злото“.

– Моќните нации и држави сѐ можат да доведат во прашање, за сѐ можат да направат компромис, секоја кривина да ја фатат и секој друг за нос да го повлечат, но за своите вредности се држат како слеп за стап, дури и тогаш кога отстапувањето од нив би им донело огромна полза. Е сега: за разлика од нациите и државите, племињата имаат исклучиво прагматични (главно непишани) закони. Ако им е полесно да уловат човек отколку тигар, стануваат канибали. Ако им се допадне идејата за пљачкосување, уривање и убивање – стануваат вандали… сето тоа само заради гола прагма – додава Митревски.

Потоа режисерот појаснува дека за разлика од нациите, законите на племињата не произлегуваат како резултат на заеднички консензус, туку за нив одлучуваат поглаварите – како ќе кажат тие, така ќе биде. И утре ако згрешат, или го сменат ставот – пак имаат право, и племето пак мора да ги слуша и да одобрува.
– И затоа: доколку некој што сте го сметале за умен човек од јавните сфери фати да ви го правда ова што се случува во Македонија деновиве и месециве, ич дилеми да си немате дека тој некој е племенски мозок поткупен со шарени стакленца. И не губете време да му објаснувате и да му докажувате – тоа што тие го создаваат не е државна творба, туку племенска територија. Нивната кула од песок не е создадена врз морални и цивилизациски вредности, туку врз најбанална, на ти го дај ми го проституција (засега ментална и духовна, но наскоро и физичка). И затоа таа нивна северна творба нема друга иднина, освен да пропадне – заклучува Митревски.
Нашиот колумнист Александар Русјаков, пак, смета дека со тоа што јавноста се занимава кој гласал „за“, кој бил предавник, уценет или поткупен, само се легитимира гласањето.

– Суштината е дека по референдумот Уставот и законот забрануваат какво било чепкање на договорот со Грција. Седницата е противзаконска, неважно е кој како гласал на неа. Укинати се демократијата и законот. Точка – нагласува Русјаков.


Кои се следните чекори?

Во Собранието на Република Македонија се очекува од утре да почне постапка за формирање тело за помирување, едно од четирите барања што пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, кои гласаа за уставни измени, го доставија до парламентот.
Од изгласувањето на предлогот за пристапување кон уставни измени со 80 гласа „за“ и 39 „против“ во петокот почнаа да течат и 15-те дена за доставување на нацрт-амандманите во Собранието од страна на Владата, која е предлагач на измените на Уставот во согласност со договорот од Преспа. Со гласањето заврши првата фаза од измените на Уставот.

Во втората треба да се утврдат нацрт-амандманите и за тоа е неопходно просто мнозинство или 61 глас во Собранието. Третата и последна фаза е усвојување на амандманите за што е потребно двотретинско мнозинство или поддршка од најмалку 80 пратеници. Собранискиот Деловник предвидува дека, од моментот на доставување на нацрт-амандманите во Собранието (втора фаза) до одржување на пленарната седница за нивно усвојување, мора да поминат најмалку 30 дена. Претресот за секој нацрт-амандман поединечно може да трае најмногу по три дена и во Комисијата и на пленарната седница, но може да биде завршено и побрзо од максималните рокови.

Собранието со најмалку 61 глас треба да ги утврди нацрт-амандманите, по што тие одат на јавна расправа, чие времетраење го утврдува парламентот. По оваа меѓуфаза, Владата треба да ги изработи предлог-амандманите и да ги достави до Собранието. Од моментот на доставување на предлог-амандманите во Собранието до одржувањето на пленарната седница за нивно усвојување мора да поминат најмалку 30 дена. Предлог-амандманите треба да бидат разгледани од Законодавноправната и од Комисијата за уставни прашања, а на крајот и на пленарна седница.

Конечната одлука за усвојување на амандманите се носи со двотретинско мнозинство или најмалку 80 гласа. За амандманот на преамбулата на Уставот освен двотретинско, потребно е и Бадентерово мнозинство.
Кога ќе биде закажана собраниската седница по предлогот за измена на Уставот, одлучува претседателот на Собранието.