Зачувувањето на унитарноста на државата е нашиот приоритет

10173

Нашата цел на овие избори беше Собранието, а не Владата. Целта е постигната. Нашите двајца пратеници ќе повлечат двоцифрена бројка пратеници на наредните избори, кои пак ќе бидат предвремени. Во овие околности најверојатно е дека ќе дејствуваме како парламентарна опозиција, без оглед кој би формирал влада

Интервју: Димитар Апасиев, лидер на Левица, партија што го победи Донтовиот модел

Освојувањето два (сигурни) пратенички мандати на партијата Левица, исклучиво со сопствени сили, без коалицирање со некоја од големите политички партии, на некој начин е „изненадувањето“ на неодамна завршените парламентарни избори.Левица е единствена од помалите партии што успеа да го победи и Донтовиот изборен модел, кој повеќе им оди во прилог на големите партии. Освен тоа, веројатно нивниот резултат претставува своевиден квалитативен пресврт на блоковски поделената политичка сцена во Македонија и можеби најава за некаква трета опција. Во постизборниот период, Левица се појави и како важен фактор во поставувањето на позициите и шансите за формирање влада, но стана и предмет на шпекулации… За сите овие и редица други актуелни прашања што се наметнаа деновиве во јавноста, по пребројувањето на гласовите, разговараме со лидерот на партијата со освоен пратенички мандат Димитар Апасиев.

Вашата Левица е единствената од т.н. помали партии што самостојно (без коалиција) успеа да освои два пратенички мандати на последните парламентарни избори. Но имате и забелешки за пребројувањето на гласовите и имплицирате дека ви се ускратени уште три мандати. Сметате ли дека се работи за политичка опструкција или за техничка грешка предизвикана од хакерскиот напад?
– Македонија има „традиција“ на крадење на гласовите на помалите партии. Тоа најчесто го прават членовите на избирачките одбори од големите партии, кои се знаат меѓу себе и со години се на истите места. На тоа алудира огромниот број неважечки ливчиња, токму таму каде што очекувавме наши гласови – според интерната аналитика. Имаме смешни и апсурдни ситуации – наши членови на ЦК, кои гласале со своите семејства во Карпош и во Кисела Вода, гледаат дека во нивните избирачки места Левица има „нула“ гласови!?
Хаосот што настана е во тоа што хартиените записници не кореспондираат со објавените. Имаме доставени фотографии каде што се гледа, на пример, дека во конкретно избирачко место ние имаме 76 гласа, а на сајтот стои дека имаме 19!?

Какви се вашите сознанија и процени за хакерските напади – дали се работи за надворешен терористички напад, или можеби постои и некаква внатрешна логистика?
– Ова што се случи со сајтот на ДИК е невиден скандал и добра режија за системско поткопување на довербата во процесот. За тоа траба да следува одговорност од прв до последен! По консултации со стручни лица, ваков дистрибуиран хакерски напад со огромен број координирани ИП-адреси чини неколку милиони евра, а тоа може да си го дозволат само мал број луѓе или структури во Македонија. Не сум запознаен со мотивите, но мојата интуиција говори дека ова е замешателство на странска амбасада од една моќна НАТО-членка.

Дали можеби сметате дека со низата технички проблеми предизвикани од падот на софтверот на ДИК е доведена во прашање регуларноста на изборниот процес?
– Доведена е во прашање довербата. Регуларноста исто така. Затоа овие избори го добија епитетот „најконтроверзни“ од осамостојувањето на Македонија. Ако ја следите нивната предисторија, спротивно на препораките на Венецијанската комисија, да не се менува изборното законодавство најмалку една година пред избори – власта направи „масакр“ на изборната регулатива. Ден пред распуштањето на Собранието – без консултации со опозицијата – шверцерски променија една третина од Изборниот законик! Тоа да го направеше Груевски, ќе имаше граѓанска војна. Тоа не се случува ни во Африка. Плус, направија т.н. „геримандеринг“ со прекројувањето на Дебар и Маврово – и затоа сега има поголем број албански пратеници со ист број гласови. Ова само ги зголемува нивните експанзионистички барања. Со еден збор, направија тотален хаос, само за да се одржат на власт. Но ова им е Пирова победа и следната влада нема да трае подолго од година-две.

Како ќе се позиционира Левица во очигледно сложените преговори што претстојат за формирање влада?
– Нашата цел на овие избори беше Собранието, а не Владата. Целта е постигната. Нашите двајца пратеници ќе повлечат двоцифрена бројка пратеници на наредните избори, кои пак ќе бидат предвремени. Е, дури тогаш можеме да бидеме клучен фактор за таа нова влада. Сега, со двајца пратеници, доколку би оделе во која било влада само за да бидеме во власта – тоа би било класично „шиткање“. Затоа, нашите планови се подолгорочни, а не од денес за утре. Така што, во овие околности, најверојатно е дека ќе дејствуваме како парламентарна опозиција, без оглед кој би формирал влада.

Постојат ли можности Македонија да западне во политичка криза во процесот на составување на владата?
– Самиот изборен резултат е веќе политичка криза. Таа ќе потрае минимум до следните локални избори, в година. Тогаш очекувам пад на таа влада и предвремени парламентарни, заедно со локалните. Или, ако не бидат во ист термин, максимум за уште една година. Значи, наредните две години ќе бидат кризни – по сите политиколошки дефиниции. Ако ги додадете решавањето на косовското прашање, дестабилизациите на Србија и Бугарија и бесперспективноста на Западен Балкан кон неговата ЕУ-иднина – тогаш треба да бидеме среќни ако Заев не ја федерализира Македонија во овие две години. Ќе дадеме сѐ од себе да го спречиме тој налудничав план за пропаст на Републиката.

Без оглед на околностите, задоволни ли сте што влеговте во Собранието?
– Презадоволни сме! Иако, ако беше една изборна единица, ќе бевме шест пратеника со истиов број гласови. Дури по изборите сфативме што, всушност, постигнавме. Нешто што го нема постигнато ниту една помала партија изминативе децении на политичката сцена. Двајца влезени, двајца украдени! Дури сега доаѓаат нашите пет минути од собраниската говорница. Еве ви една компарација – коалицијата на СДС, „Можеме“, има 24 партии, а освоија 46 мандати. Значи, секоја партија во таа коалиција освоила по 1,9 пратеник. А Левица, сама, освои два чисти и два украдени пратеника! Па, сега вие видете колку вредиме. Еден пратеник во нивната коалиција „тежи“ 7.000 гласа, а еден пратеник на Левица „тежи“ 19.000 гласа.

Според вас, со кои приоритетни прашања треба да се зафати новиот парламентарен состав?
– Зачувување на унитарноста на Републиката е приоритет, укинување на противуставната двојазичност, како и воведување една изборна единица, бидејќи овој шизофрен систем буквално ја фалсификува народната волја и прави привид и илузија на легитимност! На пример, коалицијата на Алијанса и Алтернатива имаат двапати повеќе гласови од нас, а шест пати повеќе мандати!? Која е оваа логика? Кое е ова фер натпреварување? Ова лудило ќе мора да го промениме и ќе го промениме.
Следно поле се економијата и социјалата, како и антикорупцијата. Нашите пратеници, наместо заспани убавици, ќе бидат мотори за продуцирање добри и правични закони. Ќе го отвориме Собранието за граѓаните и нивните проблеми. Ќе воведеме приемни денови за средби со нив. Ќе се консултираме со експерти и здруженија од разни области, ќе се бориме машки и ќе ја оправдаме довербата, за на наредните избори – кога и да бидат – да имаме двоцифрена бројка на пратеници. Ќе се факторизираме на македонската политичка сцена, да не може ништо да се случи без наше одобрување. А тогаш, нека му ја мислат криминалците, подмитливите и клиентелистите.