Захариева: Северна Македонија треба да каже дека јазикот им се заснова на бугарскиот

668

Бугарија отсекогаш била една од најсериозните поддржувачи на Северна Македонија, и навистина сакам да порачам – потпишавме еден договор, двајцата премиери ставија потписи на овој договор и не е добро да се оспорува тоа што е напишано во него. Ова го изјави бугарската вицепремиерка и министерка за надворешни работи Екатерина Захариева.

– Нашата цел е да ја препознаеме заедничката историја, да ги славиме заедно овие херои кои се самодекларираа како Бугари, но се бореа за идеалите на Македонија. Да, јазикот што е официјален во нивниот Устав датира од 1945 година и се заснова на бугарскиот јазик. Што е проблемот да се каже тоа – изјави Захариева, пренесе „БГНЕС“.

Таа рече дека договор со Македонија постоел уште во 1999 година, кој е потврден во Договорот за пријателство, добрососедство и соработка, а кој беше потпишан пред неколку години. Во договорот, рече Захариева, постигната е согласност како да се нарекува службениот јазик според Уставот на обете држави, па треба да се придржуваме кон тоа.

Според неа, научниците можат да им помогнат на дипломатите, но работата на мешовитата Комисија не смее да се политизира.

– Да бидам искрена, еднострано суспендирање на работата на оваа Комисија од страна на Северна Македонија, мислам дека ја политизира самата Комисија. За да може Комисијата да работи, треба да одржува состаноци, па дури и онлајн. Да се прекинат средбите со аргумент дека се наближуваат избори во нивната земја, е тоа не го разбирам. Идејата е да им овозможиме на историчарите и експертите да работат и тие самите да донесат заедничка одлука, за што ќе не информираат без да им се мешаме – додаде Захариева.

Според неа секој може да се изјасни така како што се чувствува.

– Македонија е регион, на територијата на географската област Македонија живеат Бугари, Македонци, Роми, Албанци. Република Северна Македонија е држава. Тие ја оспоруваат нашата заедничка историја. Тие можат да го нарекуваат својот јазик каков што сакаат, но кога го склучивме договорот со него се согласивме заедничката комисија да ја заврши работата до крај. Ние секогаш постапуваме искрено и одговорно, никогаш не сме ги изненадиле со нашите одлуки, тоа според мене е е европски пристап – истакна Захариева.

Таа потсети дека бугарското Собрание едногласно ја усвоило Декларацијата за почеток на преговорите на ЕУ со Северна Македонија. Коментирајќи ја изјавата на бугарскиот европратеник Андреј Ковачев дека ако мешовитата Комисијата не почне со работа до јуни, Бугарија би можела да стави вето на старт на преговорите на земјава со ЕУ, Захариева вели дека инсистира таа да профункционира.

– Не можам да кажам дали Бугарија ќе стави вето на процесот на преговори. Во таквиот процес, потребна е согласност од сите земји (членки) за отворање на поглавјата, за преговорачкиот процес и за затворање на поглавја. Ова е долг процес и граѓаните на Македонија имаат најголем интерес да се прекине со реториката од времето на Титова Југославија, а тоа го гледаме последниве денови – потпишавме договор, но само го потпишавме, никој не презема никаков чекор да го спроведе – додаде Захариева.

Таа смета дека Бугарската академија на науките (БАН) и МАНУ треба да седнат заеднички да поработат на ова прашање.