Захариева: Нашите услови кон Македонија не се сменети со години

277
Екатерина Захариева

Бугарската министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, вели дека бугарските услови кон Македонија не се сменети со години и е зачудена што тие за јавноста изгледаат како да се нови.

– Да, ќе ја носиме нашата одговорност, ние сме навикнати да ја носиме нашата одговорност. Би сакала и колегите во Скопје да ја носат својата одговорност – одговори Захариева на прашањето дали Бугарија е подготвена да ја носи одговорноста за странските влијанија во регионот по бугарското вето.

За Захариева, ова е шанса што Скопје не треба да ја испушти.

– Бидејќи имаме германско претседателство во моментот и Германија е една од земјите основачи, нема многу такви што го поддржуваат проширувањето, особено за земјите од Западен Балкан – вели Захариева.

Македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, останува на ставот дека договорот за добрососедство е одлична рамка за изноѓање заедничко решение за спорот со Бугарија.

– Јас лично сум оптимист, вложивме многу и двете земји. Премногу сме блиску за да не изнајдеме заедничко прифатливо решение – вели Османи.

Според Османи, сите се свесни за влогот во овој процес и за последиците од неуспехот.

На виртуелната прес-конференција присутен беше и германскиот министер Хајко Мас, кој им честита на двете земји за одличната тимска работа при подготвувањето на Берлинскиот процес.


Османи: Заедничкото претседавање со Бугарија е историски момент со огромна симболика

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, заедно со министерката за надворешни работи на Република Бугарија, Екатерина Захариева, беа домаќини на состанокот на министрите за надворешни работи на Берлинскиот процес за Западен Балкан. Овој состанок е дел во низата значајни настани во рамките на заедничкото претседателство со процесот на Македонија и Бугарија во 2020 година.

„Ова наше прво заедничко претседателство е историски момент со огромна симболика, кој укажува дека регионот презема иницијатива и одговорност врз процесите кои ја определуваат неговата иднина. На тоа гледаме како на позитивен знак дека земја-членка на ЕУ и земја-кандидат можат да работат заедно во интерес на земјите од регионот“, истакна Османи на состанокот.

Берлинскиот процес, започнат од германската канцеларка Ангела Меркел во 2014 година, има за цел да ја поддржи европската интеграција на земјите од Западен Балкан преку поголема економија и поврзаност. Османи во оваа прилика изрази благодарност до иницијаторот и предводник на Берлинскиот процес – Германија, која беше претставена од министерот, Хајко Маас, кој воедно говореше и за заедничката прес конференција, која следуваше по состанокот.

„Улогата на Германија за севкупниот напредок на регионот е непроценлива“, рече Османи.

„Остваривме ефективен придонес за регионот прекуконкретни и опипливи резултати со забележлив позитивен ефект за сите. Регионалниот договор за слободно патување со лични карти во земјите од Западниот Балкан, продолжувањето на успешната иницијатива на регионалните Зелени коридори и кон транспортните коридори на Европската Унија, како и дополнителниот импулс кон здравствената соработка во ова време на пандемија, се успешни иницијативи кои ќе остварат дополнителни олеснувања за бизнисите и граѓаните и тоа како во рамките на транзитот меѓу самите земји од Балканот, така и во рамките на нивниот поврзување со земјите на Европската Унија“, посочи Османи.

Тој ги повика своите колеги од Западен Балкан да гледаат кон иднината и да работат заедно на сите овие заеднички проекти и да се стремат кон добрососедски односи.

„Како круна на нашите напори, утре на Лидерскиот самит ќе биде лансиран новиот Акциски план за воспоставување на Заеднички регионален пазар и Зелената агенда за Западниот Балкан, кои беа подготвени под водство на Европската комисија и Советот за регионална соработка. Тоа значи за прв пат формирање на заеднички пазар врз основа на ЕУ стандардите и критериумите на заедничкиот европски пазар“, дополни Османи.

За време на состанокот, 6-те земји од Западен Балкан – Македонија, Албанија, Србија, Косово, Црна Гора и Босна и Херцеговина го поздравија ова ко-претседателство,особено постигнатите цели во однос на подобрувањето на поврзаноста во сите аспекти: транспорт, енергија, дигитална поврзаност помеѓу луѓето, зближување на младите, вклучително и преку образованието, заштитата на животната средина.Беше потврденазаедничката заложба за полноправно членство во европското семејство преку спроведување на потребните реформи. Земјите од регионот повикаа европската перспектива на Западен Балкан да остане високо на агендата на ЕУ.

По завршување на состанокот, министрите Османи и Захариева учествуваа на Тинк-Тенк Форум организиран од страна на Институтот за Демократија „СоциетасЦивилис„ – Скопје во соработка со Европскиот совет за надворешна политика (ЕЦФР), од Софија.