Застојот предизвикан однадвор или пак оној однатре е поопасен?

222
Фото: Игор Бансколиев

По сите компромиси заради промената на името, домашните аналитичари потсетуваат дека е точно оти со договорот од Преспа свесно е отстранет круцијалниот, надвор од сите принципи наметнат услов за членството на Македонија во ЕУ и во НАТО, но не и единствениот и дека земјава допрва ќе треба да ги исполнува другите услови за полноправно членство во овие асоцијации

Дали внатрешните прашања, како што се евентуалните предвремени парламентарни избори, бавното спроведување на реформите и слично можат да го попречат членството во ЕУ и во НАТО, е дилемата што се наметна во јавноста веднаш по изјава на премиерот Зоран Заев во интервју за регионалната ТВ Н1 во која рече дека „конечно имаме земја, која никој нема да ја оспорува“. Заев притоа истакна дека кога станал премиер, Македонија била во кавга со сите пет соседи, а денес веќе нема отворени билатерални прашања со соседите. Според него, останало единствено прашањето за црквата, но и за тоа веќе се преземале одредени чекори. Тој, објаснувајќи го процесот за постигнување на Преспанскиот договор, уставните измени во Скопје и ратификацијата во Атина, на гледачите во регионот им објасни дека по постигнатите договори со Бугарија и со Грција, на последниот министерски состанок на ЕУ, најголеми поборници Македонија да добие проектиран датум за почеток на преговорите, биле токму Бугарија и Грција.

Во истиот контекст, домашните аналитичари потсетуваат дека со договорот од Преспа е отстранета само една од пречките за нашиот влез во ЕУ и во НАТО. Според нив, Македонија во исто време се судира со пречки што се услов без кој не може да се влезе во споменатите асоцијации, а тоа се економскиот развој, реформите во јавната администрација, нефункционалниот правосуден систем, неефикасните безбедносно-разузнавачки служби и недоследната борба против организираниот криминал и корупцијата. Сето тоа, според познавачите, се внатрешни прашања што можат да го загрозат нашиот евроатлантски пат. По сите компромиси заради промената на името, домашните аналитичари потсетуваат дека е точно оти со договорот од Преспа е отстранет круцијалниот услов за нашето членство во ЕУ и во НАТО, но не и единствениот и дека земјава допрва ќе треба да ги исполнува другите услови за полноправното членство во овие асоцијации.

Во однос на сето тоа, потсетувајќи на заклучоците од јунскиот Совет на ЕУ, политикологот Милан Стефановски вели дека лидерите на земјите-членки јасно побарале од Македонија да покаже резултати во владеењето на правото, борбата против корупцијата како и во реформата на безбедносните служби, а се разбира и во стопанството.

– Паралелно со отстранувањето на оваа голема пречка со Грција, потребно е да се покаже дека во овие области земјава испорачала доволно, за да може да ги убеди скептичните земји-членки, тука мислам пред сѐ на Франција и на Холандија, да не го оспоруваат нашето започнување на преговори со ЕУ. Во исто време, покрај решавање на проблемот за името, НАТО од Македонија постојано бара да вложи дополнителни напори и да се справи со корупцијата, да ги реши проблемите во безбедносниот сектор и сл. Сето ова наведува на заклучок дека и покрај решениот спор околу името, повторно би можеле, во најмала рака, да бидат одложени нејзиното зачленување во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ токму поради проблемите со кои таа се соочува на домашен план – оценува Стефановски.

Освен тоа, некои аналитичари укажуваат дека дури ниту она што се претставува како веќе решен проблем не може да се смета за завршен. На таа линија е поранешниот дипломат Ристо Никовски, според кого, освен што на земјава допрва ѝ претстои макотрпен пат во однос на реформите и забелешките што редовно се посочуваат од Брисел како услови за влез на земјава во ЕУ и во НАТО, остануваат и проблемите со соседните земји. Тој тврди дека Македонија не ги реши проблемите со соседите и дека не ѝ се отвораат сите патишта кон евроинтеграциите. Смета дека договорите со Бугарија и со Грција, се листови хартија кои не ги решаваат вековните проблеми туку само во принцип ги тргаат настрана.

– Бугарија сѐ уште смета дека ние не постоиме како народ и дека немаме свој јазик, а горе-долу истото е и во Грција. Тие нивни позиции ќе доаѓаат до израз и при нашите преговори за ЕУ, кои можат да траат скоро бескрајно, нешто слично како што се случува со Турција. Значи реалноста на политиките на соседи кон Македонија останува и е чисто залажување дека Бугарија и Грција се наши пријатели. Тие што не нѐ признаваат како народ со јазик и со историја не се и не можат да бидат наши пријатели – истакна Никовски.

Сепак, сите се согласни дека Македонија треба да ја сработи својата домашна задача во делот на реформите, независно од тоа дали е возможно тоа да се случи во јуни или нешто подоцна. Во исто време, тие објаснуваат дека е потребно и државата да даде импулс и во структурните реформи во економијата како и поддршка за домашните компании за модернизирање на производството, зголемување на капацитетите и подигнување на стандардите. Континуирано мора да се работи на подобрувањето на конкурентноста на домашните компании до степен да можат да се вклучат во синџирот на доставувачи на мултинационалните компании локално, а и во глобални рамки и стандарди, кои ги наложуваат ЕУ и НАТО.