Засилување на говорот на омраза пред Илинден

200
Оливер Спасовски

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, вчера, од собраниската говорница, одговарајќи на пратенички прашања, рече дека се засилуваат заканите и говорот на омраза на социјалните мрежи пред прославата на националниот празник Илинден, на 2 август, и дека службите засилено работат на ова прашање.

– Заканите и говорот на омраза се засилуваа пред потпишувањето на договорите за добрососедство со Бугарија и со Грција, пред спортските настани, пред посетата на папата, сега пред решавање на статусот на специјалното јавно обвинителство и пред прославувањето на националниот празник Илинден. Работиме на сузбивање на повиците на јавен линч и убиства и тоа ќе се засили во наредниот период – рече Спасовски.

Тој додаде дека досега се поднесени 82 пријави за ширење говор на омраза, но дека и обвинителството и судот треба да си ја завршат својата работа.
– Со една соодветна казна сите други ќе бидат обесхрабрени да го прават тоа. Говорот на омраза што претходеше пред 27 април никој не го сфати сериозно, а станавме свесни откако ни се случи тоа. Повикувачите утредента се откажаа од сите што упаднаа во Собранието и ги нарекоа терористи – наведе Спасовски.