Запазување на процедурата – козметички или суштински измени

195
Фото: Дарко Андоновски

Факт е дека Преспанскиот договор беше предмет на опсервација и силно претресен под широката лупа на јавноста. Јавниот интерес подолг период беше фокусиран на анализи на споменатиот договор, а ракурсот опфаќаше и правен и политички и историски и социолошки, па и економско-трговски агол. Рака на срце, и опсегот и широчината на анализите се идентификуваа од безрезервна поддршка до остра критика. А како ќе биде овој пат и како ќе се ефектуира?

По тридневна расправа во македонското собрание, каде што беа утврдени нацрт-амандманите со кои би требало да бидат направени измени на Уставот во согласност со спогодбата од Преспа, официјално заврши втората фаза од процедурата за уставните измени. Со тоа се отвора патот кон третата и последна фаза за промена на највисокиот правен акт во државата. Со завршувањето на втората фаза, според најавите на Владата, веќе од денеска почнува да тече периодот на т.н. јавна расправа за измената на Уставот, процес што треба да трае пет работни дена. Во рамките на јавната расправа е предвидено „да се слушнат ставовите и размислувањата на експертите и на пошироката јавност околу промените на Уставот“!
Но што, всушност, се подразбира под јавна расправа во услови кога во Собранието и Владата веќе се поминати нацрт-амандманите и тие се строго дефинирани да бидат во духот на договорот од Преспа? Понатаму, колку широка и сеопфатна би била предвидената јавна расправа? Дали истата таа може да промени нешто или повеќе ќе служи како алиби за активна вклученост на јавноста во целиот процес?

Како и да е, факт е дека Преспанскиот договор беше предмет на опсервација и под широката лупа на јавноста. Јавниот интерес подолг период беше фокусиран на анализи на споменатиот договор, а ракурсот опфаќаше и правен и политички и историски и социолошки, па и економско-трговски агол. Рака на срце, и опсегот и широчината на анализите се идентификуваа од безрезервна поддршка до остра критика. Ставот дека на одреден начин и референдумското изјаснување на 30 септември беше своевидна јавна расправа и силен сигнал за расположението кај граѓаните во однос на ова прашање, изникна во своевиден македонски куриозитет, бидејќи толкувањата за резултатите добија карактер на амбивалентност, односно двојна политичка вредност?! И на оние што беа „за“, и на оние што беа „против“. Резултатите од референдумот различно се толкуваа за политички потреби. Оттаму се поставува и прашањето кој сѐ ќе биде вклучен во најавената јавна расправа за уставните измени, која ќе биде широчината на таа дебата и колку заклучоците од таа јавна дискусија ќе влијаат врз конечната одлука на Собранието за уставните измени. Од Владата за „Нова Македонија“ велат дека се отворени за сугестии и бараат од сите засегнати страни во општеството да се вклучат во дебатите за амандманите што ќе се одвиваат низ земјава.

– Сите засегнати страни, граѓански организации, универзитети, МАНУ, асоцијации и слично, можат во повеќе градови да даваат свое мислење, а институциите транспарентно ќе бидат отворени да ги слушнат размислувањата на јавноста за оваа проблематика. Од денеска веќе во Скопје ќе биде првата јавна дебата, а јавноста уште денеска може да излезе со свои ставови, кои подоцна ќе бидат разгледани од Владата – соопштуваат од прес-службата на Владата.

И политичките аналитичари излегоа со свои мислења. Генерално, сите тие имаат слични ставови како и политичкиот аналитичар Петар Арсовски.

– Оваа последна фаза ќе биде тесно и кратко спроведена. Тоа значи дека веќе во земјава постои политичка волја за носење на уставните измени, тие се создадени и ќе бидат спроведени. Моментот за јавната дебата повеќе се толкува како запазување на процедурата што веќе е усогласена со спогодбата со Грција и не верувам дека ќе има простор за суштински промени на амандманите, но козметички можно е да има – оценува Арсовски.

Инаку, претседателот на Собранието, Талат Џафери, по оваа фаза е должен во рок од 30 дена да закаже седница за финално носење на амандманите, за што повторно, како во првата фаза, е потребно двотретинско мнозинство. Со тоа се финализира постапката за уставните измени што произлегуваат од спогодбата од Преспа. Досега расправата за нацрт-амандманите помина во знакот на меѓусебните обвинувања на владејачките партии и опозицијата за тоа кој создал поделби во македонското општество, а беа изнесени и ставови „за“ и „против“ промената на името за членство во ЕУ и во НАТО. Некои од албанските партии, како Беса и Алијанса за Албанците, побараа да се разговара за јазичната рамноправност, бидејќи, според нив, отворањето на уставните измени е добар момент да се разговара за тоа. Според најавите, почетокот на јавната расправа е договорен за денеска, а првата расправа ќе се организира во Владата на Република Македонија, па потоа во МАНУ и други институции во Скопје, како и во градовите каде што има универзитети (Штип, Тетово, Битола или Охрид). Процедурата за донесување на измените на Уставот се очекува да заврши кон средината или крајот на јануари.

Фото: Игор Бансколиев