Западнобалканскиот контролиран хаос и „планот“ за излез од него

550

Неколку кризни ситуации со повеќеслоен карактер што се случија во регионот сосема јасно укажуваат дека Западен Балкан минува низ нестабилна политичка година. Граѓаните што долги години чувствуваат лична, но и колективна стагнација, непросперитетност, небезбедност и несигурност, сѐ повеќе искажуваат револт, бараат почитување на изборните процедури, демократски принципи, слобода на мислата и говорот… Повеќе регионални државни лидери во своите јавни истапи укажуваат на индикатори за поврзаност на таквото граѓанско незадоволство во одделните држави во регионот и однадвор воспоставениот „контролиран хаос“

Според анализата на геополитичката експертка Јадранка Половиќ, за Геополитика.њуз, и смелите заклучоци што произлегуваат од неа, регионот е потпаднат во веќе воспоставен „контролиран хаос“, во кој вријат потиснати (секогаш конфликтни) интереси на народите, земјите и нивните граѓани. Во таквиот контекст, до израз доаѓаат и спротивставените интереси на САД, НАТО и ЕУ (особено на моќните членки) за Балканот. Анализата констатира дека гореспоменатите фактори се оние клучните во меѓународната заедница, кои „одржуваат на власт марионетски, противнародни режими забраздени во корупција и криминал“…

Меѓусоседските договори го генерираат „контролираниот хаос“
Во навидум издвоените „билатерални“ регионални кризи во односите меѓу соседите (Хрватска и БиХ; Србија и Косово, или формално „надминатите проблеми“ на Македонија со Грција и Бугарија), граѓанските демонстрации што ги зафатија Црна Гора, Албанија, а и Србија, Европската Унија се наоѓа пред нов предизвик – можна „балканска пролет“, која ја истакнува постојната структурна криза на интеграцијата. Откако е потпишан и веќе се спроведува Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција, повторно моментално најчувствително прашање во регионот е финализацијата на спогодбата меѓу Србија и Косово. Поради тоа српскиот и косовскиот претседател, Александар Вучиќ и Хашим Тачи, уште во текот на есента 2018 година ја промовираа идејата за размена на територии или „корекција на границите“.

Во така „стратегиски поставените“ кризи во регионот, неодамна се појави нацрт на конечната, деталната или „сеопфатна“ спогодба меѓу Србија и Косово објавена на социјалните мрежи во Косово, па така стана достапен и за најшироката јавност. Според ИБНА (Independent Balkan News Agency), спогодбата ќе биде усогласена со барањата на САД, иако оттаму постојано повторуваат дека не сакаат да ја „пропишуваат формата на конечното решение“, кое, пак, мора да биде применливо и во Србија и на Косово да придонесе за долгорочна стабилност на регионот. Според германскиот дневен весник „Франкфуртер рундшау“, планот за поделба на Косово веќе постои. Тој вклучува повлекување нова граница меѓу Албанците и Србите на северот на Косово и присоединување кон Косово неколку села од Србија, претежно населени со Албанци. Општината Прешево, која се наоѓа на југот на Србија, во целост би требало да му припадне на Косово, додека Бујановац ќе добие статус на посебен дистрикт (бесцаринска зона) поделен меѓу Србија и Косово со управа на Европската Унија. Пеќската патријаршија и српските цркви на Косово ќе добијат екстериторијален статус.

Кој ќе располага со ресурсите „тешки“ милијарди евра

Планот содржи седумнаесет точки што се однесуваат на територијално разграничување, но и на експлоатацијата и управување со косовските рудници и огромниот хидропотенцијал. Според Енергетската стратегија на Косово од 2013 година, која ја има објавено косовското министерство за економски развој, земјата располага со големи резерви на лигнит (базените Дукаѓини и Дреница со околу 12 милијарди тони), но и олово, цинк, сребро, никел, манган, молибден и бор, па затоа на Косово се води борба за рудно богатство вредно 1.000 милијарди долари.
Според нацрт-спогодбата, најголемиот рударски комплекс на некогашна Југославија, „Трепча“ (се проценува дека има природни ресурси од околу 500 милијарди евра), исто така добива посебен статус. „Трепча“ треба да го преземе заеднички американско-француски-кинески конзорциум, кој добива концесија и право на експлоатација за 99 години. Со енергетскиот сектор ќе управуваат Соединетите Американски Држави, Австрија и Германија. Имено, во битката за експлоатација на косовските ресурси веќе одамна се имаат вклучено најголемата светска корпорација „Ендивити енерџи инк“, со која претседава поранешниот командант на НАТО, генералот Весли Кларк, а филантропот Џорџ Сорос соработува со албанскиот милијардер Сахит Мујо во експлоатацијата на лигнитот. Американската глобална корпорација за истражување на рудното богатство „Аврупа минералс“ е ангажирана е на неколку локации (Каменица, Косовска Митровица, Режањ), како корпорацијата „Лајдијан интернешнел“, која е насочена на истражувања во рудникот за злато во Ораховац.

Некој мора и да го менаџира „контролираниот хаос“

Во анализата на геополитичката експертка Јадранка Половиќ, според споменатата спогодба, воената база ЈУГ во Цепотин (српскиот Бондстил) треба да стане американска база со околу 1.700 војници. Отворањето на „српскиот Бондстил“ во 2009 година на југот на Србија, во општина мнозински населена со Албанци, предизвика низа контроверзии и поделени ставови. Со текот на времето, воената база ЈУГ доби статус на најмодерна база во регионот поради својата идеална положба и поглед, кој ги има „на дланка“ Косово и Македонија. Предвидено е оваа база да биде под контрола на НАТО. Воените експерти тврдат дека во истиот тој контекст се предвидува и нашата воена база во Криволак.

Во тој контекст, во анализата се издвојува дека во една од точките на планот е и фреквентниот паневропски Коридор 10 (Салцбург – Љубљана – Загреб – Белград – Ниш – Скопје – Велес – Солун), кој исто така ќе биде заштитен од страна на НАТО во период од 15 години, така што сите (спротивставени) страни ќе можат слободно да се движат по него

Се очекува оваа спогодба да ја гарантира Советот на безбедност на ОН, ЕУ и НАТО. Спогодбата би требало да биде потпишана до 13 јуни 2019, а парламентите на двете земји би требало да ја ратификуваат до октомври 2019. Целосната имплементација на оваа спогодба би започнала од 1 ноември 2019.

– Значи, планот е подготвен, меѓутоа и понатаму останува прашањето дали тој нуди одржливо решение за долгогодишната криза во регионот, со оглед на „издвоените мислења“, на пример на Германија, Русија и Кина. Или и сега станува збор за уште една во низата дипломатски спогодби или волшебни решенија на дипломатските волшебници (какви што веќе имаме видено – Дејтон, Охридскиот договор…), кои во себе имаат вградено „детонатори“, со чија помош се одржува трајната состојба на конструктивен хаос во регионот – се прашува д-р Јадранка Половиќ по опсежната анализа на регионот.