Западен Балкан зоврива, ЕУ летува

153

Се чини дека неконзистентната европска политика како да им кумува на ваквите состојби. Зовриената политичка атмосфера во Албанија, недоразбирањата меѓу Косово и Србија, нефункционалноста на БиХ, но и последните случувања во Црна Гора, се главните предизвици, кои летово би можеле да влијаат врз дестабилизација на целиот регион, вклучувајќи ја и Македонија, особено бидејќи некој систематски и континуирано ја вовлекува нашата држава во „игри без граници“, токму од членки на ЕУ и на НАТО, со запаливите изјави на бугарските државници, на кои им се блиски историскиот ревизионизам и национализмот

Европскиот совет не донесе одлука за одредување датум за почеток на пристапните преговори за членство на Македонија во ЕУ, но во заклучокот наведе дека на ова прашање ќе се наврати за три месеци.
Ставот на водечките европски политичари е дека три месеци не се долг период за земјата да го доживува тоа како големо разочарување, туку повикуваат претстојниот период да се искористи за засилување на темпото за неопходните реформи.

Но, од друга страна, се заборава на фактот дека Македонија систематски и континуирано се вовлекува во „игри без граници“ и тоа токму од членки на ЕУ и НАТО, особено по запаливите изјави на бугарските државници, на кои им се блиски историскиот ревизионизам и национализмот.
Се чини дека неконзистентната европска политика како да им кумува на ваквите состојби. Во тој контекст можат слободно да се спомене и зовриената политичка атмосфера во Албанија, недоразбирањата меѓу Косово и Србија, нефункционалноста на БиХ, но и последните случувања во Црна Гора, што се главните предизвици, кои летово би можеле да влијаат врз дестабилизација на целиот регион, вклучувајќи ја и Македонија.

Вакви предупредувања упати и македонскиот премиер Зоран Заев, кој рече дека доколку Европа не ги вреднува постигнувањата на земјава, постои опасност од дестабилизација на регионот.
– Разочарувањето што ќе се појави кај нашите граѓани, ако нема позитивна одлука на Советот на ЕУ, ќе им даде надеж на националистичките сили. Тоа значи дека ќе има граѓани што ќе одлучат да ги поддржат националистичките, радикалните сили, и тоа не е добро за Северна Македонија и не е добро за регионот – изјави Заев за време на посетата на Брисел пред состанокот на Советот на ЕУ.

Во таа насока се токму и потезите од страна на официјален Вашингтон, кој го подига нивото на дипломатски и разузнавачки активности на Западен Балкан, за да ги засили своето присуство и контролата врз регионот, како и подобро да се позиционира за претстојните „судири“ на овие простори со другите големи светски играчи, пред сè со Русија, Кина, но и со ЕУ.

Во рамките на овие планови на САД треба да се анализира и последната одлука на американскиот претседател Доналд Трамп да го продолжи степенот на предупредување во врска со Западен Балкан, што е во сила од 2001 година.
– Заканата што се огледа во постапките на лицата што се вклучени, помагаат, финансираат или поддржуваат екстремистичко насилство во Северна Македонија и другите држави на Западен Балкан, како и опструкциите околу имплементацијата на Дејтонскиот договор во БиХ или на Резолуцијата на ОН 1244 на Косово, не е отстранета и натаму претставува невообичаена и голема закана по националната безбедност и за надворешната политика на САД – се наведува во одлуката потпишана од Трамп, а проследена до Конгресот.

Но, кои се реалните предизвици со кои летово се соочува Балканот?
Политичката криза во Албанија се засилува, а кулминацијата се очекува кон крајот на јуни за кога се најавени локални избори, кои актуелниот албански претседател Илир Мета не ги одобрува, дури и најави изнесување на војската на улиците за да спречи гласање. Албанската опозициска Демократска партија го напушти парламентот и во континуитет неколку месеци организира протести низ улиците на Тирана, кои често завршуваат и насилно. Власта не попушта, така што неизвесно е како ќе се одвива целата ситуација.

Токму пред конфликтот во Македонија во 2001 година, во Албанија дојде до масовни немири во кои беа ограбени магацините со оружје. Подоцна голем дел од тоа оружје го користеа и албанските вооружени групи на овие простори во борбата против македонските безбедносни сили.
Во Косово засега ситуацијата е мирна, но тензична, особено по воведувањето царини од 100 отсто од страна на косовската влада за српските производи. Властите во Приштина се оглушуваат на повиците на меѓународната заедница за укинување на таксите, додека за Белград тоа е единствениот услов да седнат на преговарачка маса со Приштина и да постигнат меѓусебен договор. Тензиите пораснаа и по неколкуте акции на косовските специјални сили на северот на Косово, при што дојде и до помали оружени инциденти, за среќа, без човечки жртви.

Конфликтот во Косово и интервенцијата на НАТО пред повеќе од 15 години доведе до голем бран бегалци во Македонија, која во еден момент мораше да прифати половина милион косовски граѓани, кои беа протерани од своите огништа заради војната.
Статускво-ситуацијата во БиХ се чини дека ќе потрае уште подолго време, бидејќи реално меѓународната заедница не може да најде соодветно решение, а поделбата на земјата сè уште е во главите на некои националистички политичари во регионот.
Крвавата војна во БиХ во 90-тите години на минатиот век донесе бран босански бегалци и во Македонија, некои од нив подоцна се вратија, некои останаа.
Последниве месеци ескалира ситуацијата и во Црна Гора, каде што опозицијата бара смена на претседателот Мило Ѓукановиќ обвинувајќи го за корупција, а во заднина се случува и црногорско-српска пресметка околу сопственоста на црковните имоти, при што се најавува одбрана на „српските цркви“ во Црна Гора.
Според аналитичарите, случувањата во соседството многу лесно можат да се прелеат и кај нас.

– Во една ваква зовриена атмосфера во Албанија, но и во Црна Гора, станува очигледно дека цел Западен Балкан е ризичен во овој период, со подигнати тензии. Сето тоа влијае врз сигурноста на граѓаните, а посебно ќе се одрази врз економиите. Инвеститорите не сакаат да инвестираат во земји каде што постои ризик од конфликт – вели професорот Јове Кекеновски.
Тој додава дека тоа ќе има долгорочни негативни економски, но и политички импликации врз регионот.

– Ако избие граѓанска војна во Црна Гора и Албанија, тоа лесно би можело да се рефлектира во Косово, но и во Македонија. Сметам дека целокупната ситуација ќе се одрази и врз нашето зачленување во ЕУ – нагласува Кекеновски.
Според него, дури земјата и да добие датум за почеток на пристапните преговори со ЕУ, тоа ќе биде многу долг процес на преговори.
– Добивањето датум не значи ништо. И Србија и Црна Гора отворија повеќе поглавја, па повторно се далеку од зачленувањето, иако преговараат неколку години – рече Кекеновски.