Законот изгласан, недоумиците остануваат

75
Фото: Маја Јаневска-Илиева

АМНЕСТИЈАТА ВО РАСЧЕКОР МЕЃУ ПРАВОТО И ПОЛИТИКАТА

За Законот за амнестија, изгласан во Собранието, да стапи во сила e потребно тој да биде објавен во „Службен весник на РМ“, а претходно да биде потпишан указ од претседателот на државата, Ѓорге Иванов. Во меѓувреме, од обвинителството и од судот, за да се изјаснат и да почнат да постапуваат според изгласаниот закон за амнестија, чекаат тој да биде објавен во „Службен весник“. Според правните експерти, пак, не постои објективна причина за веднаш да стапи во сила овој закон, кој изминатиот период предизвикуваше и сѐ уште предизвикува многу противречности во политичката и стручна јавност

Во вторникот вечер, во Собранието беше изгласан Законот за амнестија, кој беше еден од условите на осумтемина пратеници од независната пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ за нивна поддршка на уставните измени со кои треба да се имплементира спогодбата од Мала Преспа.

Во истиот ден, текстот на законот беше усвоен од меѓупартиското тело за помирување, интеграција и реформи, кое всушност е предлагач на законот, ја мина Законодавноправната комисија и беше ставен на дневен ред на пленарната собраниска седница, каде што беше изгласан со 95 гласа „за“, ниту еден „против“ и ниту еден воздржан. Воопшто не гласале за законот 25 пратеници од актуелниот парламентарен состав, од кои седуммина биле отсутни, а 18 – иако биле во собраниската сала, не го искористиле своето право на глас. На потпишаните дваесетина предлагачи на текстот на законот, пред самото гласање им се придружија Илија Димовски и Панчо Минов.

Со овој Закон за амнестија, селективно треба да им биде простено учеството во настаните во Собранието, на 27 април минатата година, на некои од 33-та обвинети за кои веќе се водат судски постапки. Според членот 1, став 3 од изгласаниот закон за амнестија, лицата што при упадот во Собранието на 27 април, носеле оружје и фантомки, кои извршиле насилство и службени лица што ги прекршиле овластувањата нема да бидат амнестирани. Законот ќе важи само 5 дена, односно оние што сакаат да бидат амнестирани ќе мораат да поднесат барање за амнестија во рок од 5 дена од донесувањето на законот. По барањата за амнестија на обвинетите, за настаните на 27 април (меѓу кои се и седум пратеници од актуелниот парламентарен состав), ќе одлучуваат и ќе ги разгледуваат и обвинителство и судот. За законот да стапи во сила потребно е тој да биде објавен во „Службен весник на РМ“, а претходно да биде потпишан указ од претседателот на државата, Ѓорге Иванов. Во меѓувреме, од обвинителството и од судот, за да се изјаснат и да почнат да постапуваат според изгласаниот закон за амнестија, чекаат тој да биде објавен во „Службен весник“.
– Судскиот процес за 27 април продолжува. В четврток (денеска) има рочиште и ќе продолжиме со дополнување на доказната постапка. Законот за амнестија темелно ќе го анализираме кога ќе биде објавен во „Службен весник“ и ќе стапи во сила. Од она што го слушаме, е дека законот предвидува амнестија само за поединечни дејства, и дека амнестијата не се однесува на кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок, за кое процесот ќе продолжи – изјави обвинителката Вилма Русковска, по изгласувањето на законот.

Уште во текот на предлог-фазата на Законот за амнестија и за време на неговата подготовка, правните експерти со скептичност ја оценуваа и самата идеја за селективна амнестија и велеа дека селективноста не е во природата на амнестијата. И сега сметаат дека со овој закон е направена инструментализација на амнестијата за парламентарен поткуп, во функција на обезбедување на двотретинско мнозинство за конечното гласање за уставните измени.

– Амнестијата претставува квазисудски инструмент за помилување на некои прекршители на законот, односно закон со кој се ослободуваат од гонење, или од казна, неопределен број сторители на кривични дела. И таа може да биде целосна, или делумна, но се определува според сторени кривични дела. Самото тоа што досега сме имале шест амнестии во текот на 27-годишната независност на државата, говори дека во Р Македонија имаме сериозен проблем со владеењето на правото и на правната држава. Со овој закон за амнестија се нарушува принципот на поделба на власта, судската функција е дерогирана од страна на законодавната, па и од извршната власт. Од друга страна, се вели дека овој Закон за амнестија стапува во сила веднаш по објавувањето, иако за тоа нема основа, според членот 52, став 2 и 3 од Уставот. Вообичаено закон стапува во сила веднаш, прескокнувајќи ги законските рокови, само во вонредна и исклучителна ситуација. Не постои објективна причина за веднаш да стапи во сила овој закон, освен ако не им се брза на самите предлагачи – вели Гордана Силјановска, професорка на Правниот факултет при УКИМ. Инаку пратениците што го изгласаа Законот за амнестија, објаснија дека донеле политичка одлука, која нема да ги попречи судските процеси, туку ќе покаже дека процесот на помирување почна.


ЕК очекува да нема мешање во независноста на судството

Европската комисија го поздрави усвојувањето на Законот за амнестија за настаните во Собранието на Македонија на 27 април минатата година, оценувајќи го како можност за помирување на општеството.
– Одлуката на Собранието да го усвои Законот за амнестија со големо мнозинство е важен чекор кон помирување на општеството и за надминување на болната поларизација. Овој процес е клучен за градење национален консензус за стратегиските прашања во интерес на земјата. ЕУ очекува усвоениот закон да не се меша во независноста на судството, кое самостојно треба да одлучи за тоа кој сѐ бил вклучен во организирањето и извршувањето насилства, како и за тоа кој не ги исполнил своите службени обврски на 27 април 2017 година – се наведува во изјава на портпаролката на ЕК, Маја Коцијанчич.
Од Владата, пак, велат дека не се мешаат во судството, туку поддржуваат акти со кои ќе се дефинира помирувањето. Сепак, истакнуваат дека нема да има амнестија за организаторите и за сите што учествувале или извршиле насилство на 27 април 2017 година.
– Во Република Македонија се случуваат историски процеси што имаат една и единствена цел – интеграција на земјата во НАТО и во ЕУ. Ова се процеси што ја движат Македонија напред. Пратениците од власта и дел од опозицијата ја прифатија иницијативата дадена од претседателот на Владата, Зоран Заев, и во Собранието се формираше интерпарламентарно тело за интеграција, реформи и помирување. Како што кажавме и повеќепати, Владата поддржува акти со кои ќе се дефинираат помирувањата. Акти со кои јасно ќе се разграничи насилството, физичкото насилство и осмислувањето на насилството за 27 април наспроти присуството во Собранието како дел од толпа, односно тие што го осмислиле црното сценарио, тие што извршиле насилства и тие што треба да се исправат допрва пред лицето на правдата. Овие политички одлуки носат политичка одговорност, но важно е дека мешање во судството нема, ниту ќе има по која било основа. Целта на овој закон е да се донесе помирување помеѓу највисокиот орган во државата, односно во Собранието на РМ – рече портпаролот Бошњаковски на новинарско прашање во врска со коментарите за мешање на Владата во правосудството.